Гласањето во Европскиот парламент за напредокот на Македонија во однос на европските интеграции ги возбуди бугарските екстремни политички кругови поради предлогот за спомнување на македонскиот идентитет и јазик во извештајот. Тоа беше пречекано со стравотен излив на шовинистички емоции и некритички истапи во јавноста. Не случајно во бугарските медиуми и на социјалните мрежи се појавија содржини што го заобиколија критичкото аргументирано размислување и директно се насочија кон емоциите на бугарските граѓани

Бугарските обиди за создавање северномакедонска нација не престануваат

Од Софија постојано слушаме дека „…никој не го негира постоењето на С. Македонија…“, но многумина забораваат дека уште во 1992 година кога Република Бугарија прва ја призна Македонија како независна држава, признавањето беше придружено со нивната изјава: „Ја признаваме државата, но не ја признаваме македонската нација!“ – нешто што звучи сосема несфатливо за демократијата и меѓународното право и односи воопшто. Мора да потсетиме и дека во 1993 година, Република Бугарија исто така одби да ги потпише билатерални договори што го содржеа терминот македонски јазик. Од тогаш, па сѐ до денес Софија не ја менува својата хегемонистичка политичка агенда кон македонската држава и народ.

Пропаганда „на копче“

Континуитетот на политиките за деноминирање на македонскиот јазик и идентитет беше потврден со засилената пропаганда, која се обидува да влијае врз јавното мислење во Република Македонија и Република Грција, која измисли наводни жртви во македонското општество и наводно прекршување на човековите и малцинските права на македонските граѓани со бугарска национална свест, која постојано ја претставува Македонија како дел од политичкиот српски свест, која неосновано клевети и обвинува македонски политичари, универзитетски професори, новинари итн. Според нашите соговорници, споменатата пропаганда повторно „се вклучи како на копче“ поради предлогот за внесување на македонскиот идентитет и јазик во извештајот на Томас Вајц, европратеник и известувач за Македонија. Алармот беше вклучен и се започна со притисоци, омаловажувања, клевети, неосновани напади, обиди за политичка ревизија на македонската историја. Бугарските политички кругови постојано велат дека го признаваат самоопределувањето на Македонците, но последните случувања повторно потврдуваат дека станува збор за дејанија за видоизменување на македонската нација, односно обиди за создавање нова северномакедонска нација, велат добро упатени лица.

Широка палета форми и институции за пропаганда, лобирања, убедувања,
па и закани…

Македонската јавност со децении е сведок на политичката пропаганда од пристигнува од Софија, која е поттикнувана и насочувана од одредени бугарски радикални кругови. Неколку параметри потврдуваат дека во овие дејанија учествуваат и истакнати претставници на бугарското општество, како што се универзитетски професори или академици, но и бугарските политички партии. Кон нив можат да се вбројат и разноразни здруженија или фондации, кои се затскриени со придавката граѓански, како и стотиците т.н. тролови на интернет, кои со своите коментари провоцираат или предизвикуваат говор на омраза.
Доколку внимателно се анализира, споменатата пропаганда се одвива паралелно во македонското и бугарското општество, а притоа целите се различни. Првенствено е обидот за влијание врз македонското јавно мислење во полза на политичката агенда дека Македонија мора да се соочи и да го признае сопственото минатото, во кое припадниците на македонскиот народ биле составен дел од бугарскиот етникум, што нема ништо со историската реалност. Истовремено во бугарското општество овие пропагандни дејанија се насочени кон мобилизирање поддршка за негирањето на македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., но и контролирање на наративот и дискредитирање на оние мислења и ставови што се различни од бугарскиот националистички мејнстрим. Дека нештата не се променети, потврдија и последните случувања, кои се поврзани со извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија кон ЕУ, вклучително и обидите за дискредитирање на Томас Вајц, европратеник и известувач за Македонија.
– Непосредно пред гласањето, но и потоа, се доби впечаток дека оваа пропаганда како да функционира врз принципот на копче, односно дека пропагандните дејанија се вклучуваат и се регулираат по потреба. Во текот на само неколку дена имаше неколку обиди за политичка ревизија на македонската историја, омаловажување на македонските политички лидери и неосновани напади врз одредени македонски новинари и медиумски куќи. Станува збор за добро организирани пропагандна кампања и тимови што работат, а сето тоа е финансиски добро поткрепено од разни центри – велат нашите соговорници.

Рециклираната флоскула на Софија за Македонија: „Скопје сака внесување во српски свет…“ (?!)

Гласањето во Европскиот парламент за напредокот на Македонија во однос на европските интеграции ги возбуди бугарските екстремни политички кругови, а возбудата произлезе од предлогот за спомнување на македонскиот идентитет и јазик во извештајот.
– Тоа беше пречекано како со нож од одредени бугарски структури, кои веднаш го вклучија шовинистичкиот и иредентистички аларм. Не случајно во бугарските медиуми и на социјалните мрежи се појавија содржини што го заобиколија критичкото размислување и директно се насочија кон емоциите на бугарските граѓани – велат нашите соговорници.
Добро упатени во оваа проблематика ни посочуваат дека во изминативе денови можеа да се забележат класични пропагандни пораки и поведенија.
– Тие беа насочени и кон македонската јавност, а се манифестираа со засилено повторувањето на пораката дека не постојат одделни македонски национални особености, нагласување за наводна опасност по бугарските национални интереси, сугестија дека сите во Република Бугарија го поддржуваат ставот дека македонската нација е вештачка творба, обвинувања до одредени поединци, измислување на нереални жртви и шиканирање на македонската држава – велат нашите соговорници, додавајќи дека сега се рециклира флоскулата дека „македонската влада работи на внесување на Македонија во проектот – Српски свет“.
Во сличен правец беше и искажувањето на Андреј Ковачев, бугарски европратеник, кој рече дека политичарите во Скопје го саботираат процесот на европска интеграција и дека Европската Унија не треба да затвора очи пред тоа.
– Наместо реформи и вистински напредок, гледаме популизам, националистичка реторика и погодно претставување на Бугарија како непријател, поради што европската интеграција на земјата не напредува – изјави Андреј Ковачев за бугарскиот медиум БГНЕС.
Цел на напад беше и Томас Вајц, европратеник и известувач за Македонија, кој беше наклеветен дека тајно преговарал со македонските претставници во Брисел и Скопје, а сите 17 бугарски европратеници потпишаа и писмо во кое го осудија начинот на кој Вајц го изготвувал извештајот. Вајц исто така доби и заканувачки пораки откако неговиот телефонски број беше објавен на бугарските крајно десничарски социјални медиуми. Во однос на овие клевети и притисоци, Вајц негираше дека сторил нешто лошо и рече дека е цел затоа што се спротивставил на бугарскиот притисок.
Вајц, бранејќи го интегритетот на својот извештај, исто така нагласи и дека прашања како што се правата на малцинствата се европски по природа и треба да се третираат како такви наместо да се сведуваат на билатерални несогласувања. Тој, исто така, ги истакна и долгото чекање на Македонија, 20 години, за преговори за членство во ЕУ и нејзините значајни законодавни реформи, повикувајќи на фокус на помирување и меѓусебно разбирање во регионот.
Во оваа кампања се приклучи и Наум Кајчев, заменик-копретседател на Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Македонија, според кого, властите во Скопје намерно поттикнуваат дополнителни тензии и негативни чувства кај граѓаните на Република Македонија кон Бугарија. Д.Ст.


Во бугарските медиуми може секојдневно да се прочитаат тешки клевети и обвинувања за Македонија

Измислени жртви, дизајнирани настани, фингирани наративи

Шиканирањето на македонската држава и нејзините европски интеграции се придружени со повторно измислување на наводни жртви. Во бугарските медиуми можеше да се прочита или слушне за наводна дискриминација, отворени закани и притисоци врз македонски граѓани со бугарска национална свест, а неосновано македонските институции беа обвинети за прекршување на човековите и малцинските права.
Во овој контекст беа и содржините со кои Љупчо Ѓоргиевски, претседателот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“-Битола, беше претставен како жртва на политичка тортура, без да се претстави фактичката состојба дека македонското обвинителство докажа дека тој предизвикува национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост во Македонија. Во обидите да се претстави Љупчо Ѓоргиевски како жртва се приклучи и Андреј Ковачев, кој обвини за наводна репресија врз луѓето што го зачувале својот бугарски идентитет – наследниците на мнозинството македонски Бугари.
– Тие се подложени на притисок, дискриминација и отворени закани, како што е случајот со г. Ѓоргиевски – еден од најгласните претставници на бугарската заедница. Не губете го времето на сопствените граѓани. Нека зората на слободата наскоро осамне – изјави Ковачев за БГНЕС.
Како жртва беше претставен и Драги Каров од Велес. Неосновано, БГНЕС објави дека Каров бил подложен на полициска репресија по нејасни обвиненија, како и дека утрово, на 3 март, полицијата му го „честита“ Националниот ден на Бугарија – тој беше повикан да даде објаснувања.

Бугарскиот медиум БГНЕС го пренесе и искажувањето на Драги Каров дека „локалните српско-комунистички титоистички бандити работат за интересите на Србија и Русија. Тие се насекаде – во службите, на телевизија, во судот, меѓу политичарите. Ова е напад врз Бугарија. Тие знаат со каков човек имаат работа, без разлика колку ми се закануваат. И ќе го дадам животот за мајка Бугарија“.
– Сите овие дејанија на бугарската пропаганда немаат никаква основа и всушност се должат на обидите за манипулирање со јавното мислење и однесување во Македонија и Бугарија во корист на политичката агенда за видоизменување на македонската нација, односно за создавање нова северномакедонска нација, која ќе се состои од Бугари, Албанци, Срби, Турци, Власи итн., но не и од Македонци. Конкретно, станува збор за обиди за манипулација преку искривување на фактите и реалноста. Во тој контекст треба да се разберат наводните жртви, клеветите против македонските политичари и притисоците врз Томас Вајц – велат нашите соговорници. Д.Ст.