Изјавата на потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи нанесува непоправлива штета и е директно мешање во правосудниот систем што е спротивно на демократските вредности, одговори на новинарски прашања, премиерот Христијан Мицкоски при денешната теренската посета на општина Илинден.
Тој ова го кажа како одговор на новинарско прашање во врска си изјавите на Османи, дека ќе има политичка криза ако се укине Законот за употребата на јазиците од страна на Уставниот суд, но и дека во ваков случај нема да има ниту локални избори.
Претседателот на Владата во изјавата за медиумите потенцираше дека министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски разговарал со претставници на меѓународната заедница кои изразиле разочараност од ваквата изјава која го руши постулатот-немешање во правниот поредок на суверена држава. Премиерот упати и лична порака до ДУИ, дека „човекот којшто преговараше и ги распродаваше мојот македонски идентитет и мојот македонски јазик има најмал кредибилитет да зборува., затоа што, ако тој мене не ме почитува, тогаш не го почитува ни својот мајчин албански јазик“.
– Да ја слушнав попатно, вчера изјавата на господинот Бујар Османи во својства на потпретседател на Демократската Унија за интеграција. Претпоставувам е координирана со претседателот на ДУИ, затоа што ако не е координирана, тогаш претпоставувам дека претседателот го укорил својот потпретседател, бидејќи му нанесува непоправлива штета со таа изјава, по два основи. Првиот основ е директно мешање во правосудниот систем на една држава, што е спротивно од какви било демократии коишто познава современото човештво, а уште помалку европските демократски вредности. Морам да кажам дека утрово разговарав со министерот за надворешни работи и надворешна трговија господинот Тимчо Муцунски којшто разговараше со сите, би рекол со голем дел од претставниците на меѓународната заедница во државата, но и надвор од државата. Дел од нив рекоа дел дека и лично разговарале со претставници од ДУИ и дека ова кај нив предизвикало многу негативни емоции и големо разочарување, бидејќи еден од основните постулати во демократијата е немешање во правниот поредок на една суверена демократска држава – изјави премиерот.
За претседателот на Владата, Мицкоски, ова не може да бидат услови и начин на кој се разговара, политиката се води на маса каде се разговара и се знаат демократските услови кои треба да бидат исполнети за време на изборен процес. Тој упати и лична порака до ДУИ.
– Човекот којшто преговараше и го распродаваше мојот македонски идентитет и мојот македонски јазик има најмал кредибилитет да зборува затоа што тој ако мене не ме почитува не го почитува и својот мајчин албански јазик – рече премиерот.
Во однос на изјавата за предвремени парламентарни избори, претседателот на Владата кажа дека секој има право да си избере начин како политички ќе функционира, но истакна дека и државата има институции.
– Секој си има право да избере начин како политички ќе функционира, тоа е нивен избор, државата има институции, има влада во којашто во коешто функционира политичката партија ДУИ, функционираше 20 и кусур години ги погази сите принципи беше пример за двојни стандарди. Во последните години од своето функционирање беше пример за основани сомневања за криминал и корупција и мислам дека таму владее една паника и страв што се гледа од коментарите на овие челници на ДУИ, а за што станува збор многу скоро ќе биде сведок јавноста – изјави премиерот.