Наместо љубов кон националните инсигнии и патриотизам, толпата демонстрираше шовинизам, нетрпеливост и омраза и го саботираше европскиот пат
Денот на албанското знаме во Македонија редовно се одбележува од албанската заедница и тоа е прифатено како нормално. За жал, безмалку секоја годинa како дел од таквата прослава од поединци или групи инцидентно, а сѐ поочигледно -организирано, недостоинствено и под секоја чест се уништуваат националните и државни симболи на Македонија како држава, најчесто државното знаме, или преку физички и вербални демонстрации на сила се уништува јавен и приватен имот, што предизвикува сериозна загриженост кај сите граѓани! Да биде појавата уште подекадентна, се демонстрира политичка идеологија на најниско, недозволиво ниво, а уништувањето на државните симболи што се заштитени со закон им се преставува на најмладите генерации (децата) како израз на албански патриотизам!?
И годинешново одбележување на празникот на албанското знаме, на крајот на денот беше финализирано и политички филувано со газење и уништување на македонското знаме како државен симбол, иако претходно низ целата држава се одржуваа манифестации што поминаа без некои посебни невообичаени случувања или инциденти, освен што беше забележливо дека одредени региони и градови од државава посебно беа агресивно подготвени за денот на одбележувањето. Тоа се манифестира и далеку од разумот би било и да се помисли дека најголемиот број граѓани учесници на манифестацијата, ученици, деца се дел од обид за создавање јавни инциденти, за што говори и фактот дека по правило инцидентите ги предизвикуваат поединци, помали или поголеми групи а досега не е забележан некој радикален вербален или физички контраслучај да се создаде масовен инцидент со македонската или пак некоја друга неалбанска етничка заедница!
За издвојување е дека постојат одредени индиции дека истрагата регистрирала дека учесници во инцидентите и демонстрациите се странски државјани (Албанија, Косово), што го наметнува и предизвикот дека станува збор за прашање од посебен безбедносен и политички карактер!
Бидејќи манифестациите беа уредно најавени, познати се организаторите што ја имаат одговорноста за тоа што се планирало. Сега би требало институционално педантно (законски и во процедура) да се реши дали се случи планирана или инцидентна демонстрација на поведенија што се санкционирани со законот, кој бил мотивот и постои ли наплив на политичко насилство, затскриено зад заканите на ДУИ дека наскоро ќе се случи „народ“ (?!) со откривање на милитантно-радикалната позиција на таа политичка партија.
Според Љубомир Ѓурчевски, магистер и експерт по безбедносни науки, со години се познати сценарија во кои мали исценирани инциденти прераснуваат во масовни демонстрации и подоцна во сериозни состојби на дестабилизација на државно ниво.
– Непочитување на Законот и на Уставот беше причина и во гостиварските настани во далечната 1997 година. И тогашните инциденти и оние во 2001-та, но и инцидентите што потоа се развиваа со непоставување на македонското државно знаме на јавни собири, спортски манифестации итн. беа со цел и создаваа постојано кризни состојби.
Се поставува прашањето кому и за што му се потребни тие безбедносни кризни провокации, состојби и држење на Р Македонија во постојана тензична состојба со закана по безбедноста на граѓаните, па и со недефинирана состојба за опстанок на РМ како суверена држава во изразен период на територијални, идентитетски, историски, културни и јазични негирања од соседите и молкот на западните моќни држави, кои наводно ни се стратегиски партнери. Тука треба да ја бараме спрегата на насилниците за кои постојат основани сомненија дека се во тесна спрега со политичките елити, кои им гарантираат неказнивост. Огромен е тој проблем што им се наметнува како баласт на граѓаните на Македонија (Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби итн.) и на самата суверена држава Македонија. Вчерашното дивеење и кршење на Уставот и на законите со кинење и палење на државното знаме и јавно извикување пароли за негирање на државата, како и предизвикување национална нетрпеливост, се искажување територијални претензии – оценува Љубомир Ѓурчевски, кој има и повеќедецениско практично искуство во вакви манифестации.
Според неговите опсервации од теренот и местото на случување на инцидентите, биле забележливи елементи што ја идентификуваат спрегата на политичките елити со водачите на толпата и со демонстрантите-вандали.
Од информации од МВР е познато дека се идентификувани директните учесници на нередите на прославата на Денот на албанското знаме, а за настаните постапува и надлежното јавно обвинителство.
Факт е дека ова претставува уште еден тест на државната подготвеност и решеност за справување на државата со вакви деструктивни сценарија. Можеби постои граѓанска загриженост за постапките на поединци и групи на наши сограѓани, но радуваат брзата и ефикасна акција и реакција на надлежните државни институции. Само на таков начин ќе се покаже и дека владеењето на правото и правната држава се разбудени и раздвижени во насока на воспоставување стабилен и одржлив правен и политички систем, што ќе биде заеднички „организам“ за развој на целото мултиетничко и мултикултурно македонско општество.
Илија Максимовски
Надлежните органи постапуваат по тешките инциденти на скопските улици
Брза и решителна реакција на МВР и на јавното обвинителство
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека во СВР Скопје бил најавен настан од страна на Општина Чаир, според кој бил предвиден собир за прослава на плоштадот „Скендербег“ во Скопје по повод Денот на албанското знаме. А беше најавено дополнително информирање за постапувањето на полицијата, во однос на можните инциденти и дали се постапува за да се откријат сторителите на сквернавењето на македонското знаме.
Според сознанија на „Нова Македонија“, имало брза реакција од МВР по инцидентот со знамето, при што група осомничени за вандалскиот чин биле откриени со помош на безбедносни камери и приведени од полициски службеници што биле ангажирани на терен. Засега се уапсени осум лица што учествувале во завчерашните инциденти кога по повод прославата на Денот на албанското знаме беше осквернавено македонското знаме. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера во изјава за медиумите рече дека четворица од нив се сомничат во согласност со членот 319 од Кривичниот законик, кој се однесува на „предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“, за што е предвидена казна затвор од минимум една година.
– Четири лица се уапсени поради тоа што за нив имаме основано сомнение дека сториле кривично дело 319 од Кривичниот законик, кое се однесува на предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, каде што е предвидено минимална казна од една година затвор. За нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави – рече министерот Тошковски.
Втората институција што по службена должност реагираше беше Јавното обвинителство. Оттаму вчера соопштија дека се преземаат дејства за расчистување на настанот поврзан со сквернавењето на македонското знаме.
– Известен е јавен обвинител, се преземаат дејства за расчистување на настанот – соопштуваат од ЈОРМ.
Според Кривичниот законик, во членот 238, за „тој што со намера за исмевање јавно ќе ги изложи на подбив Македонија, нејзиното знаме, грб или химна“, е предвидена парична казна или затвор до една година. Н.М.