Италија
Настојувањето на Европа да го зголеми производството на муниција наиде на силен политички отпор во Италија, каде што локалните власти се спротивставуваат на употребата на нови производствени линии на германската компанија „Рајнметал“ во фабриката за експлозиви во Сардинија.
Локалната подружница на германската компанија за одбрана „РВМ Италија“ чека шест месеци властите на Сардинија да одобрат нејзина употреба на нови производствени линии во фабриката, која работи деноноќно за да ги задоволи барањата од Украина и другите европски војски. Новите линии значително би го зголемиле производството во фабриката.
Но регионалниот совет на Сардинија, предводен од левичарското движење Пет ѕвезди, одби да издаде одобрување за нивно користење и побара повеќе информации, наведувајќи критики од локалните екологисти и антивоени активисти. Па новите објекти остануваат неактивни, заглавени во правни спорови поведени од еколошки и пацифистички групи.
– Треба да се запрашаме дали сакаме да бидеме во воена економија – рече Алесандра Тоде, регионална претседателка на Сардинија и политичарка од Пет ѕвезди.
Лидерот на партијата, Џузепе Конте, исто така е критичен кон вооружувањето на Европа, за кое тврди дека им носи неочекуван профит на „Рајнметал“ и на другите производители на оружје, на штета на социјалните трошоци.
Алесандро Мароне, аналитичар за одбрана во Институтот за меѓународни односи во Рим, рече дека противењето од граѓаните, заедно со бирократијата на Италија, го отежнува зголемувањето на индустриското производство во секторот за оружје. Локалните пратеници од партијата Браќа на Италија ги осудија тактиките на одложување на Пет ѕвезди.
Врховниот административен суд на Италија, Државниот совет, нареди целосен извештај за влијанието врз животната средина за проширувањето во 2021 година, откако активистите тврдеа дека проектот бил намерно поделен на помали предлози за да се квалификува за брзо одобрување, кое не бара сеопфатни процени. Владини технички експерти ги оценија новите објекти, вклучително и полето за тестирање експлозиви, како еколошки прифатливи во април.
Застојот ги истакнува тешкотиите во зголемувањето на производството на европско оружје во Италија, една од главните индустриски сили во Европа, со оглед на силното еколошко и пацифистичко движење во земјата. Тоа е исто така дел од пошироката пресметка внатре во Европа бидејќи либералните влади сѐ повеќе ги пренасочуваат јавните средства кон вооружување. Р.С.


































