Според австрискиот конзул, атентаторите испукале седум куршуми. Во истиот момент, терористот Д. Запренов, кој дотогаш седел во „Бошњак-ан“, истрелал по два куршума во приврзаниците на Јане Сандански, Мицко Самарџиев-Врански и Танчо Атанасов. Јане Сандански бил погоден во пределот на десната плешка и вратот, по што паднал под масата. Неговите приврзаници биле погодени во градите, но тоа не ги спречило да тргнат кон атентаторите и да стрелаат врз нив. Јаневите придружници, откако испукале неколку куршуми, се срушиле мртви на улицата. Јане бил пренесен во италијанската болница каде што бил лекуван
Атентатот врз Јане Сандански – обид за замолкнување на афирматорот на македонските особености
На 24 септември се одбележуваат 116 години од неуспешниот атентат врз Јане Сандански во Солун. Повеќе историски документи и сведоштва потврдуваат дека обидот за убиството било поттикнато поради јасните македонски национални и политички ставови на Сандански. Во овој контекст е и пишувањето на Елефтериос Ставридис, според кого, бугарските шовинисти решиле да го ликвидираат Сандански, бидејќи неговите проповеди не им одеа во прилог, зашто тој се противеше на присоединувањето на Македонија кон Бугарија. Тој го спречуваше славофонското население на Македонија да се смета себеси за бугарско и култивираше македонска национална свест.
Јане Сандански, во периодот што му претходел на атентатот, работел кон обединување на македонските револуционери и дејци околу јасна национална и политичка програма, како и соработка со младотурското движење, но и со сите други што би можеле да го помогнат македонското дело. Во овој контекст се и пишувањата на грчкиот весник „Кери“ од 1 август 1908 г. дека Сандански е носител на голема идеја и дека секогаш се борел за слободата на Македонија, а никогаш не настојувал „да работи за Санстефанскиот договор и за присоединување на Македонија кон Бугарија. Едноподруго обнародува прокламации, со кои ги исмева… самите славјаногласни Македонци, кои се стремат за присоединување на македонските земји кон Бугарија… сега Сандански, кој нема никакви односи со луѓето во Софија… се наоѓа во Солун, учи и држи проповеди за заемна дејност на елините и славјаногласните Македонци. Како што вели, тој ја подава својата десница за соработка помеѓу Елините и славјаногласните за македонската татковина“.
Атентаторите испукале седум истрели
Околу оваа програма, за која пишува и грчкиот весник „Кери“, македонските дејци требало да се обединат во една организација, оттука бил закажан конгрес на 25 септември 1908 година во Солун. Меѓутоа на 24 септември, еден ден пред одржувањето на конгресот, бил извршен обид за атентат врз Јане Сандански, кој штотуку се вратил од својата агитациска турнеја низ Серскиот револуционерен округ во Солун.
Историските сведоштва и документи велат дека вечерта Јане Сандански седел во „Бошњак-ан“ и читал весници. Малку пред десет часот, на вратата се појавил поранешниот војвода Тане Николов, заедно со Бојанов и двајца терористи, па тие веднаш започнале да стрелаат врз Сандански. Според австрискиот конзул, атентаторите испукале седум куршуми. Во истиот момент, терористот Д. Запренов, кој дотогаш седел во „Бошњак-ан“, истрелал по два куршума во Јаневите приврзаници, Мицко Самарџиев-Врански и Танчо Атанасов. Јане бил погоден во пределот на десната плешка и вратот, по што паднал под масата. Неговите приврзаници биле погодени во градите, но тоа не ги спречило да тргнат кон атентаторите и да стрелаат врз нив. Јаневите придружници откако испукале неколку куршуми, се срушиле мртви на улицата. Јане бил пренесен во италијанската болница каде што бил лекуван.
Тано Николов по враќањето во Софија, во тамошните весници објавил дека атентатот го извршил како одмазда за убиството на Борис Сарафов. Набргу потоа биле направени и други обиди атентатот врз Сандански да биде претставен како пресметка помеѓу сарафистите и Сандански.
Ликвидацијата на Јане Сандански би предизвикала ослабување на левицата во македонското револуционерно движење. Одлуката за убиството на Јане Сандански била донесена уште во март 1908 година, а атентатот не бил случајно извршен еден ден пред одржувањето на закажаниот конгрес. Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев посочува дека нарачател на овој атентат, како и на другите посегања по животот на Јане, биле бугарските фактори поради тоа што Јане Сандански бил голема пречка за бугарската политика кон Македонија, а бугарскиот прогон против Јане бил неминовен. Всушност, убиството на Сарафов и Гарванов послужило како параван за официјализирање на прогонот. По обидот за атентат, весникот „Камбана“ истакнал дека софиските македонски херои не успеале да го убијат Јане Сандански, но за долго време го убиле делото на обединувањето. Никола Разлогов забележал дека на претстојниот конгрес серчани ќе излегле како победници, што никако не одело во прилог на македонските агенти на бугарскиот двор.
Политичките и националните погледи на Сандански биле причина за обидот за негово убиство
Јасните македонски политички и национални погледи на Сандански биле причина за организирањето и извршувањето на неуспешниот атентат на 24 септември 1908 година. Сандански во македонското национално и револуционерно движење се пројавува како бранител на самостојноста и афирматор на македонските особености. Тој е најголемиот противник на санстефанскиот идеал, односно на присоединувањето на Македонија кон Бугарија. Ова се потврдува од повеќе историски сведоштва и извори, како што е пишувањето на Родолофо Фоа во весникот „Л’Италија ал’естро“, дека Јане Сандански проповедал „Македонците ќе ја ослободат Македонија без мешање на соседните држави – во Македонија не треба да има ниту Бугари, ниту Грци, ниту Срби, ниту Романци, ниту Турци, туку само Македонци“.
Ставовите на Јане Сандански јасно се определени и од Христо Силјанов (учесник и историчар на македонското револуционерно движење). Силјанов, меѓу другото, вели дека „Јане ја разви тезата дека е погубно за македонското население и за самата Бугарија, македонското прашање да се третира во смисла на национално обединување со Бугарите… Сите кои агитираат било во Македонија, било надвор од неа на база: ослободување и обединување со Бугарија, треба непријателски да бидат пречекани од ВМОРО, така како што се пресретнуваат од Организацијата српските и грчките агитации и чети“. Според Христо Силјанов, Јане Сандански исто така „пропагирал дека треба да се работи за пробудување на сознанието кај масите дека тие се самостоен народ, дека имаат право на самостоен живот и треба да се борат за извојување на своја слобода, без да се потпираат на туѓа помош, зашто тие кои би доаѓале да ги ослободат, всушност ќе дојдат да ги поробат“.
Особено е интересно искажувањето на Елефтериос Ставридис, според кого, „Сандански, по потекло од Пиринска Македонија, им припаѓаше на таканаречените словеногласни Македонци. Тој тврдеше дека како што се ослободија од турскиот јарем грчката нација, српската и бугарската, дојде часот да се ослободи и македонската нација. За да Македонија стане цела и сосем независна држава, Сандански проповедаше дека сите жители, без исклучок, не се ниту Бугари, ниту Грци ниту Куцовласи, макар и да зборуваат на македонски славјански дијалект како и самиот тој, или на грчки или на куцовлашки идиом, сите жители на Македонија се чисти Македонци, потомци на античките Македонци на Филип Втори и на Александар… Бугарските шовинисти решија да го ликвидираат бидејќи неговите проповеди не им одеа во прилог, зошто тој се противеше на присоединувањето на Македонија кон Бугарија. Тој го спречуваше славофонското население на Македонија да се смета себеси за бугарско и култивираше македонска национална свест. Сандански заедно со Делчев, протагонисти и двајцата за време на Илинденското востание, стана опасен за Бугарија и бугарските шовинисти решија да го ликвидираат, бидејќи неговата агитација не одеше во прилог на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, зашто тој култивираше кај Словеномакедонците македонска национална свест. И неговото убиство, всушност, беше извршено од самите Бугари“.