Постојаните дезинформации и невистини што се распространуваа и сѐ уште се распространуваат поттикнаа одредени македонски поединци самостојно да започнат со објавување документи, сведоштва, весници, книги и слични содржини со кои беа побиени пропагираните лаги пласирани за македонската национална историја и македонскиот јазик на интернет-просторот, особено на социјалните мрежи. Меѓу нив можат да се прочитаат историски факти, без интервенции и толкувања, кои ги потврдуваат македонските национални особености, со кои пошироката јавност на индиректен начин се запозна кога многу од нив беа пренесени од страна на македонските медиуми, како што се објавите на фејсбук-профилот „Дунек Македонски“ или на фејсбук-групата „Македонија: вистинска бескрајна приказна“ (Macedonia: a True Endless Story)

За разобличувањето на перманентната бугарска пропаганда во интернет-просторот

Интернет-просторот е „бомбардиран“ од фабрикувани невистини и дезинформации за наводните бугарски корени на македонскиот народ. За оваа надреална состојба, одредени домашни и странски експерти посочија дека против македонската држава и македонскиот народ се води пропагандана „војна“ од страна на странски центри што сакаат да влијаат врз македонското јавно мнение за одредени прашања, како што е македонската историја или македонскиот јазик. Но овие активности предизвикаа контраефект бидејќи одредени поединци самоиницијативно започнаа со објавување оригинални документи без интервенции и толкувања, документи што јасно ги претставуваат македонските национални особености низ вековите. Како резултат на овие објави, странските центри или групациите што се под нивно влијание, не можејќи да се соочат со историските факти, започнаа да се закануваат и да вршат притисоци врз објавувачите на споменатите содржини.

Оправдани се стравовите од бугарските диверзии или пропаганди

По потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година дојде до своевидна рокада во бугарската надворешна политика кон македонската држава, но и кон сите припадници на македонскиот народ, без разлика на местото на раѓање или живеење. Официјална Софија агресивно започна да ги негира македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., притоа го проблематизираше и членството на Македонија во Европската Унија преку апсурдни наводи за наводна дискриминација на бугарската заедница во македонското општество, како и тврдења за говор на омраза од македонска страна, тврдења за кои не беа понудени никакви образложенија или докази.
Постојаните омаловажувањата на македонскиот народ, како што беше искажувањето на Екатерина Захариева, поранешна бугарската министерка за надворешни работи, дека македонскиот литературен јазик е напишан врз основа на западнобугарскиот дијалект или слоганот на ВМРО-БНД дека Македонија е бугарска земја, предизвикаа револт и негодување кај македонските граѓани, но и пошироко. Истовремено интернет-просторот беше „бомбардиран“ од фабрикувани невистини и дезинформации на порталите и социјалните мрежи за наводните бугарски корени на македонскиот народ. За оваа надреална состојба, одредени домашни и странски експерти посочија дека против македонската држава и македонскиот народ се води пропагандана „војна“ од страна на странски центри што сакаат да влијаат врз македонското јавно мнение за одредени прашања, како што е македонската историја или македонскиот јазик.
– Бугарија е држава во која сталинистичките методи на пропаганда се многу силни и институционализирани. За мали финансии и мали привилегии се врбуваат поединци, кои прават сѐ за да не се слушне македонска верзија на историјата, да се замолчат сите оние што имаат друго гледиште на историјата, поинакво од она на „Живковата“ историографија – велат нашите соговорници.
Добро упатените во оваа проблематика велат дека пласираните невистини и дезинформации можеа да се забележат и во минатото, како што беа постојаните т.н. тролувања на македонската јазична верзија на Википедија и обидите за бугаризирање на македонските содржини, во смисла дека Гоце Делчев е бугарски револуционер или дека македонскиот јазик е бугарски дијалект. Меѓутоа по Преспанскиот договор и промената на уставното име на Република Македонија, неофицијалната негативна кампања против македонските национални обележја се засили, па оттука на одредени портали и социјалните мрежи, како што е Фејсбук, беа пласирани невистини за македонската историја и јазик. Зачестија и тврдењата дека македонската нација и македонскиот јазик се творба на Коминтерната или на Јосип Броз-Тито, како и дека македонската историја се темели на лаги и фалсификувања, велат нашите соговорници.
– Оправдани се стравовите од бугарските блокади, деструкции, диверзии, пропаганди и сл. затоа што со децении во Република Бугарија се распространува наративот дека Македонците им ја крадат историјата на Бугарите, дека Република Македонија е создадена од комунистите на бугарска земја, дека таа земја им припаѓа на Бугарите итн. – велат добро упатени во оваа проблематика.

Со самоиницијативност против бугарските манипулации и лаги

Постојаните дезинформации и невистини што се распространуваа, а и сѐ уште се распространуваат, поттикнаа одредени македонски поединци да започнат со објавување документи, сведоштва, весници, книги и слични содржини со кои беа побиени пропагираните лаги пласирани од одредени странски центри за македонската национална историја и македонскиот јазик, велат нашите соговорници. Оттука, на интернет-просторот, особено на социјалните мрежи, можат да се прочитаат историски факти, без интервенции и толкувања, кои ги потврдуваат македонските национални особености. Пошироката јавност на индиректен начин се запозна со тие содржини кога многу од нив беа пренесени од страна на македонските медиуми, како што се објавите на фејсбук-профилот „Дунек Македонски“ или на фејсбук-групата „Македонија: вистинска бескрајна приказна“ (Macedonia: a True Endless Story).
Според наши сознанија, станува збор за поединци што самоиницијативно и без надворешно влијание ги истражуваат историските архиви и пронаоѓаат значајни историски факти за македонската историја и македонскиот јазик, а потоа тие содржини се објавуваат на интернет-просторот, вклучувајќи ја и социјалната мрежа Фејсбук. Во разговор со уредувачот на профилот „Дунек Македонски“, чиј идентитет не го пренесуваме поради постојаните закани кон него, ни беше воочено дека сите негови активности се поттикнати од нерационалната и апсурдна бугарска политика кон македонската нација, како и постојаните невистини што се шират за македонската историја и јазик.
– Почувствував дека сум повикан од бугарската антимакедонска политика и едноставно се појавив на социјалните мрежи, сакав да дознаат дека јас знам кои се, што се и какви им се намерите – вели уредувачот на профилот „Дунек Македонски“.
Според него, кога подобро се запознал со бугарската политика и историографија, осознал дека бугарскиот наратив за слобода и демократија во македонската држава, наратив што се пропагира од одредени контроверзни бугарски здруженија во Македонија, всушност е наратив користен од бугарските тајни служби.
– Овој наратив треба да му создаде илузија на бугарскиот граѓанин дека во Република Македонија владее диктаторска власт, која не му дозволува на македонскиот народот да ја осознае „историската вистина“, да ги осознае сопствените бугарски корени и да почувствува потреба за ослободување од „Титовиот режим“, рецидив од сталинистичката антијугословенска политика и пропаганда – нагласува уредникот на профилот „Дунек Македонски“.
Во разговор со него исто така ни беше посочено дека бугарската политика и наука користат полувистини и лаги. Нашиот соговорник вели дека тие се обидуваат историјата на Македонецот да ја сведат во една шовинистичка рамка во која не се земаат предвид последиците од активностите на руската пробугарска пропаганда од 19 век, како и последиците од бугарската пропаганда и Бугарската егзархија.
– Оваа „историска вистина“ е еднострана и се карактеризира со многу недостатоци. Имено, во бугарската верзија на историјата свесно се изоставени последиците од српската пропаганда, грчката пропаганда, романската пропаганда и секако делот во кој Македонецот сам себе не се сметал за ништо друго освен за Македонец. Во оваа конверзија на факти од „историска вистина“, бугарската пропаганда станува инфериорна бидејќи нема подготвено одговори за оригиналните документи, документи што се доживуваат како фалсификат или, во најмала рака, плод на „српската пропаганда“ – вели нашиот соговорник.
Во разговорот со уредувачот на профилот „Дунек Македонски“ исто така ни беше посочено за одредени закани и притисоци што пристигнуваат кон него. Нашиот соговорник вели дека организирано успеале да му згаснат десетина профили и неколку страници и му забраниле пристап на многу форум-групи.
– Има и закани во кои ми се испраќаат фотографии од куршуми, револвери и сл. на лични пораки – вели уредникот на профилот „Дунек Македонски“. Д.Ст.