Во политичките обиди за фалсификување на историјата, кои во континуитет ги прави Софија, не се поштедени ниту културата, филмот и уметноста, за што има редица примери од минатото и од сегашноста. На историските факти и вистината, сепак, не може да им се застане на патот, ниту пак може некој да ги избрише или негира, за што најдобра потврда е токму најновиот руски документарец „Една вера, еден јазик“
Рускиот документарен филм „Една вера, еден јазик“ предизвика бурни реакции во Бугарија
Рускиот документарен филм „Една вера, еден јазик“ на режисерката Елена Мироненко предизвика бурни реакции во бугарското општество, бидејќи во него се вели дека Свети Кирил и Методиј немаат никаква врска со Бугарија. Премиерот Кирил Петков изјави дека бугарската влада не само што не го одобрува туку и силно го критикува документарниот филм. Од своја страна, бугарското министерство за надворешни работи го оцени како провокација, која ја брише Бугарија од картата на писменоста.
Ова не е единствениот пример кога бугарската политика интервенира или осудува одредени филмски или документарни проекции за кои Софија смета дека отстапуваат од бугарската национална матрица.
Во 1982 година, Бошко Нацевски, тогашниот постојан дописник на „Нова Македонија“ од Софија, ја информира македонската јавност дека бугарскиот филм „Мера според мера“, во кој се претставени македонските револуционерни борби од крајот на 19 и почетокот на 20 век, се нашол на нишан на официјалната бугарска критика, како и надвор од филмските платна.
– Филмот „Мера според мера“ требаше да ја има истата функција – непосреден контакт на граѓанинот со историјата на „Бугарите“ од Македонија или како што навестуваше критиката, националното самопрепознавање на „Бугарите“ од Вардарска и Егејска Македонија – напишал Бошко Нацевски за „Нова Македонија“.
Според тогашниот дописник на „Нова Македонија“, „Мера според мера“ бил критикуван поради националното дистанцирање на историските настани, што се нејзин предмет, на кои им е дадена македонска боја. Споменатиот бугарски филм, иако бил помпезно најавуван, бил симнат од филмските плата, а Бошко Нацевски информира дека тогашните бугарски власти го оцениле како „штетен за патриотското воспитување“.
Од денешен аспект, според експертите со кои се консултиравме, критиките и осудата на рускиот документарец „Една вера, еден јазик“ на режисерката Елена Мироненко треба да ги гледаме токму во оваа насока, како своевиден континуитет во одбрана на бугарските националистички митови и измислици. Во таквите политички обиди на властите за фалсификување на историјата, кои во континуитет ги прави Софија, не се поштедени ниту културата, филмот и уметноста. Но на историските факти и вистината, сепак, не може да им се застане на патот, ниту пак може некој да ги избрише или негира, за што најдобра потврда е токму најновиот руски документарец „Една вера, еден јазик“.
Во однос на една од историските теми, дејноста на Кирил и Методиј, која се обработува во рускиот документарен филм, Александар Атанасовски – универзитетски професор, раководителот на Институтот за историја и специјалист за средновековна историја, вели дека содејствува со историската вистина и историските факти.
Според Атанасовски, просветителската дејност на Кирил и Методиј нема никаква врска со тогашната средновековна бугарска држава. Универзитетскиот професор вели дека мисионерско-просветителската дејност по сливот на реката Брегалница, која ѝ претходела на дејноста на Кирил и Методиј во Моравија, всушност била меѓу македонските Словени. Александар Атанасовски исто така вели дека во овој период средновековна Бугарија не се граничела со територијата на Македонија, а солунските браќа имале дипломатска мисија во полза на Византија со намера да ги придобијат македонските Словени во борбите со Бугарија.
Во однос на Моравската мисија, Атанасовски вели дека дејноста на Кирил и Методиј всушност била насочена против бугарската држава и во полза на Византија.
– Просветителската активност на Кирил и Методиј во Моравија е дипломатска мисија во полза на Византиското Царство. Во суштина, главната цел е да се разбие тогашниот германско-бугарски сојуз и Моравија да се најде во сферата на византиското влијание. Кирил и Методиј немале никогаш контакти со бугарската држава – вели Александар Атанасовски.
Според него, доколку се земат предвид постојните историски извори, Кирил и Методиј врз основа на јазикот на македонските Словени од околината на Солун го создале првиот словенски литературен јазик, познат како старословенски или црковнословенски јазик, ја создале првата словенска азбука, глаголица, ги превеле првите книги на словенски јазик и преку ширењето на христијанското учење на словенски јазик ги удриле темелите на словенската писменост и култура. Затоа бугарските осуди и критиките на документарен филм „Една вера, еден јазик“ немаат историска основа, вели Александар Атанасовски.