
Од страна на претставниците на присутните здруженија беше испратена силна поддршка кон ова обединување и многу асоцијации веднаш се приклучија кон ова претставничко тело на Македонците во Швајцарија. Присутните ја поздравија идејата за оваа историска конференција, со надеж дека таа ќе прерасне во традиција и ќе се одржува барем еднаш годишно
На 4 мај во Тринген, во организација на Македонски национален совет во Швајцарија, се одржа голема историска конференција на сите македонски здруженија што се активни во Швајцарската конфедерација. На конференцијата учествуваа повеќе од 140 претставници од 40 здруженија, клубови, асоцијации, македонски училишта, како и трите македонски православни општини во Швајцарија.
Гости на конференцијата беа претставници од две македонски државни институции. Од Агенцијата за иселеништво гости беа директорот Горан Ангелов и Билјана Костова, раководителка на секторот за одржување на врските со иселениците. Од Министерство за надворешни работи, присуствуваа Боро Мирчески, началник за дијаспора, и Мелехат Муфтароска од секторот за дијаспора.
Конференцијата беше одржана со цел поцврсто обединување на македонската дијаспора од Швајцарија во едно претставничко тело – Македонски национален совет (МНС).
Од страна на раководството на МНС: Илчо Китанов, Гонца Перунковска и Гордана Ѓуриќ, беа презентирани статутот, досегашните активности, како и идни проекти на Советот. Поддршка за раководството даде и претходниот претседател на МНС, Златко Николовски.
Се разговараше за можностите за соработка помеѓу здруженијата, за предлози за реализирање заеднички проекти, договарање на годишната агенда на настани, основање солидарен фонд за Македонија, за петицијата иницирана од МНС, како и за поголема соработка со македонските и со швајцарските институции, но и за решавање на проблемот со Македонската амбасада во Берн. Имено, како што веќе претходно пишувавме, македонската дијаспора бара македонската амбасада во Берн да биде раководена од стручни и професионални личности, да се гарантира употребата на македонскиот јазик во сите облици на комуникација со граѓаните (без исклучоци), да се обезбеди истакнување на македонското знаме при секоја пригода (во сите значајни настани) и да се воспостави конкретна и ефективна соработка со македонските друштва и асоцијации во Швајцарија.
Претставниците на здруженијата во богата дискусија ги истакнаа своите проблеми и потреби, изнесувајќи свои предлози и стратегии за продлабочување на соработката.
Директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, како и началникот од МНР, Боро Мирчески, одговараа на прашања од асоцијациите, претежно поврзани со проблемот со македонската амбасада во Берн.
Беше претставена стратегијата за дијаспора, која е во изработка од страна на МНР, со предлог до здруженијата, доколку се заинтересирани, активно да учествуваат во нејзината изработка.
Од двете македонски државни институции беше дадена силна поддршка на заложбите на Македонскиот национален совет за обединување на македонската дијаспора во едно претставничко тело, кое тие го препознаваат во она што денес е МНС.
Притоа беа истакнати придобивките што со таквото обединување би ги имале Македонците во Швајцарија, во настапите пред македонските и швајцарските власти.
Исто така и од страна на претставниците на присутните здруженија беше испратена силна поддршка кон ова обединување и многу асоцијации веднаш се приклучија кон ова претставничко тело на Македонците во Швајцарија. Присутните ја поздравија идејата за оваа историска конференција со надеж дека таа ќе прерасне во традиција и ќе се одржува барем еднаш годишно. Д.Ст.