Фото: Маја Јаневска-Илиева

Интервју со амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Баздникин

Речиси две и пол години по избивањето на воениот конфликт во Украина слушаме испреплетени информации од фронтот, како и најави за мировни иницијативи. Какви се моментните изгледи за мировни преговори и што би требало да се оствари за нивно отпочнување?
– Пред сè би сакал да му се заблагодарам на уредништвото на весникот „Нова Македонија“ за можноста по пауза од една и пол година, последното интервју беше објавено во февруари 2023 година, сепак да ги запознаеме читателите на вашето издание и пошироко, македонските граѓани, со ставот на руската страна за низа прашања.
Во споменато интервју зборував дека, цитирам „што се однесува до изгледите за надминување нашиот став е добро познат… За мир во Украина е потребна политичка волја на Западот и Киев – во Москва тоа сè уште не го гледаме“. Помина година и пол, ситуацијата во оваа смисла, ако воопшто се променила, тогаш e само на полошо. По април 2022 година, кога Киев се повлече од преговорите со Русија, единствените контакти меѓу руската страна и киевскиот режим беа реализирани преку посредници само за хуманитарни прашања, пред сè, за размена на заробеници.
Во јуни оваа година, претседателот Владимир Путин изнесе мировна иницијатива, која отвораше вистинска перспектива за прекин на огнот и движење кон регулирање со политички и дипломатски методи – под услов признавање на територијалната реалност, одбивање на Украина да се приклучи кон НАТО, укинување на незаконските санкции и ставање крај на дискриминацијата на граѓаните што зборуваат руски. Сепак, по инвазијата на територијата на Курската Област во Руската Федерација на 6 август, за преговори не може да се зборува. Претседателот Владимир Путин недвосмислено го кажа ова. Сега станува јасно зошто киевскиот режим ги одбиваше нашите предлози за враќање кон планот за мирно решавање – навидум, исполнувајќи ја волјата на своите западни газди, непријателот се стреми да ги подобри своите преговарачки позиции во иднина.
Вие зборувате за „испреплетени информации од фронтот“. Не можам да се согласам со вас, сè што се случува е кристално јасно и разбирливо. Вклучувајќи ја, на пример, употребата на терористички методи на војување од страна на киевскиот режим, злосторствата врз цивили, убиства, намерни, на наши лекари, спасувачи и волонтери, напади врз цивилни возила, ракетни удари врз станбени згради и цивилна инфраструктура, создавање закани за нуклеарната безбедност на Курската нуклеарна централа и Запорошката нуклеарна централа. За какви преговори, за што воопшто со тој може да се разговара? Западните земји ја охрабруваат ваквата тактика на Киев, продолжуваат да му испорачуваат летално вооружување и директно се вклучени во голема хибридна агресија против Русија.
Вооружените сили на Русија не напаѓаат цивилни објекти – напротив, тие прават сè што е можно за да ги заштитат од нападите на украинските вооружени сили, за да го заштитат светот од катастрофа од големи размери предизвикана од човекот. Единиците на групациите на нашите трупи во различни правци го поразуваат непријателот, кој трпи тешки загуби во жива сила и воена опрема, и се движат напред, ослободувајќи ги населените места. Актуелната информација за ова прашање е достапна на ресурсите на Амбасадата на социјалните мрежи и официјалните канали на Владата на Русија. Ќе го повторам буквално она што го кажав пред година и пол – специјалната воена операција ќе заврши со исполнување од страна на Вооружените сили на Руската Федерација на сите задачи што се поставени пред нив.

Како ги оценувате сегашните односи помеѓу Руската Федерација и Македонија? Како Руската Федерација гледа на понатамошната соработка со Македонија?
– Принуден сум да констатирам, во моментов нема билатерални односи меѓу нашите земји на меѓудржавно или меѓувладино ниво. Владата на РСМ се приклучи и, забележувам, продолжува да се приклучува на сите, без исклучок, санкции на ЕУ против Русија. Повеќепати во Киев беа испратени воена техника, вооружување и муниција, кои, очигледно, беа користени против руските вооружени сили. Останува во сила режимот воведен од февруари 2022 година, на „дипломатска изолација“, во однос на амбасадорот и дипломатите на Амбасадата, кој предвидува забрана за контакти со нас. Соодветно, сега нема основа да се зборува за „понатамошна соработка“. Во најдобар случај, во иднина, ќе може да се зборува за интеракција, предуслови за чие обновување се потребни најмалку укинување на ограничувањата наметнати од Скопје и јасно изразената намера на двете страни. Се разбира, интеракцијата треба да се заснова на принципите на еднаквост, меѓусебно почитување и земање предвид на меѓусебните интереси.
Ќе повторам, којзнае по кој пат, руската страна се придржува до недвосмислен став – ние не се мешаме во внатрешните работи на вашата држава и немаме намера да го правиме тоа, не преземаме никакви чекори во форма на наводни хибридни закани, за кои неосновано нè обвинуваат.

На непријателските дејствија ќе реагираме – врз основа на реципроцитет, но секогаш избалансирано и, доколку е можно, симетрично. Дипломатските односи меѓу нашите земји се одржуваат, Амбасадата на Русија во Скопје продолжува да работи. Ќе промовираме наша визија за процесите што се случуваат во светот, ќе ја запознаваме пошироката јавност со објективната слика на модерна Русија, со пристапи кон широк спектар на прашања, со нашите успеси и достигнувања, ќе обезбедуваме потребна поддршка за активностите на нашите сонародници.
И покрај сето горенаведено, би сакал да го обележам најважното што ни овозможува да гледаме во иднината со одреден оптимизам. Народите на нашите земји се поврзани со блиски историски, културни и духовни врски, кои имаат длабоки многувековни корени и, убеден сум, ќе ги издржат сите предизвици. Ние чувствуваме пријателски однос и симпатии кон нас од огромното мнозинство македонски граѓани, искрено сме им благодарни на сите. Убеден сум дека тоа може да стане основа за обновување на билатералните врски кога ќе се појават поволни услови за тоа.

Во претходно обраќање спомнавте дека сме сведоци на обиди за ревидирање на историјата. И Македонија има такви забелешки во однос на одредени нејзини соседи. Колку ваквата практика е опасна во денешно време?
– Постојат голем број изјави на темата историја – ми се допаѓа изјавата на познатиот руски историчар Василиј Кључевски дека „историјата… не учи ништо, туку строго казнува за непознавање на лекциите“. Вистината им пречи на оние што се навикнати да ја градат својата политика, суштински колонијална, на лицемерство и лаги. Властите на одредени земји, пред сѐ европски, се обидуваат да ги искривуваат текот и резултатите од Втората светска војна, одлучувачката улога на Советскиот Сојуз во победата над нацистичка Германија и ослободувањето на Европа од фашистичката окупација, да ги обелат нацистичките криминалци и нивните соучесници, да ги оправдаат сегашните следбеници на нацистите, да го „реформатираат“ празникот „Денот на победата“ во „Денот на Европа“. Сите овие дејствија не се ништо повеќе од дел на политиката за поттикнување нови конфликти, меѓуетничко и меѓурелигиско непријателство и ограничување на суверени центри на светскиот развој што се формираат.
Вниманието го привлекува противењето на ваквите обиди од страна на антифашистичките сили. Убедени сме дека разумот на крајот ќе надвладее над незнаењето. Високо цениме дека и во Македонија се почитуваат антифашистичките традиции, кои, како што повеќепати беше изјавено, се наоѓаат во основата на македонската државност.
Го забележуваме активното учество на нашите македонски пријатели и амбасадори на земји што се пријателски настроени кон Русија во годишната прослава на 9 Мај – Денот на победата. Нивното присуство е јасна потврда за разбирањето на доброто и злото, свесност за вистинските национални интереси, познавање на историјата во целосност, почитување кон трајните вредности и идеали за кои нашите предци ги дадоа своите животи, почитување на нивните страдања и подвизи.

Во пресрет на европските и американските избори, постојано од Западот слушаме за обиди за руско мешање и за наводни кампањи за дезинформации? Како ги оценувате таквите тврдења?
– Ќе одговорам накратко – како апсолутно неосновани. Русија не се меша во внатрешните работи на другите држави или во текот на изборниот процес во овие земји – тоа е во спротивност со самата филозофија на нашата надворешна политика. Сите изјави во овој поглед никогаш не биле поткрепени со никакви докази – поради нивното отсуство. Напротив, неодамна се појавија информации за тоа кој стои зад обвинувањата против нас за време на изборите во 2016 година во САД…
Претседателот Владимир Путин повеќепати ги коментираше ваквите обвинувања. Тој, особено, рече дека руските медиуми си ја вршат својата работа, го промовираат нашето гледиште за процесите што се случуваат во Русија, во Европа и во светот, но обемот на информации што ги доставуваат на информативниот пазар на европските земји е значително помал во споредба со западниот. Во исто време нашите медиуми се предмет на постојан прогон. Традиционалните партии се соочуваат со тешки времиња бидејќи како резултат на политиките на огромното мнозинство на западни земји, благосостојбата на која луѓето се навикнати со децении е изложена на ризик. Ако во Западот, пред сѐ во Европа, не сакаат да ги анализираат направените грешки и се обидуваат да ги обвинат сите одговорни однадвор, тогаш овој пристап нема да им дозволи да извлечат правилни заклучоци за тоа што навистина се случува и да утврдат што треба да се поправи.
Од својата страна, би сакал да го свртам внимание на фактот дека многупати се изнесени јавни обвинувања на властите во Скопје против нас во оваа насока, кои никогаш не беа потврдени. Убеден сум дека македонските граѓани добро се сеќаваат на сè и сè разбираат.

На официјалните руски и белоруски тимови им беше забрането да се натпреваруваат на Летните олимписки игри во Париз, иако некои спортисти се натпреваруваа под неутрално знаме. Како го оценувате таквиот вид санкции кон рускиот спорт и мешањето на политиката во спортот?
– Олимпиското движење е во најдлабока криза. Причината е политичката пристрасност на Меѓународниот олимписки комитет, чии постапки кон спортистите од Русија и Белорусија не можат да се сметаат поинаку, освен како незаконски и неморални. Не станува збор само за забрана на учество на националните тимови. Претседателот на МОК отворено призна дека претставниците на МОК им се обратиле на Украинците, со цел да ги следат изјавите на руските спортисти на интернет и во медиумите, за да ги идентификуваат зборовите што би можеле да послужат како основа за одбивање на прием на Игрите во „неутрален статус“. Коментарите не се потребни.
Основниот принцип на Олимписката повелба вели дека „спортувањето е едно од човековите права. Секој треба да има пристап до спортски активности без да биде подложен на каква било дискриминација…“. Во пракса, гледаме дека земјите што не им се допаѓаат на западњаците се исклучуваат од глобалното спортско семејство од чисто политички причини. Не станува збор само за политичко мешање во спортот – постои груба диктатура од страна на група земји на „колективниот Запад“, која го присвои за себе правото директно да ги прекрши Олимписката повелба и другите регулаторни и управувачки документи за спортот, вклучувајќи го и принципот, свет за многу генерации „Спортот е надвор од политика“. Очигледно, постои и желба да се елиминираат конкурентите. Во однос на вкупниот број медали на Летните олимписки игри во Токио 2021 година, рускиот тим беше трет – 20 златни, 28 сребрени и 23 бронзени. Не е ни чудо што огромното мнозинство руски спортисти одбија да учествуваат на Игрите во Париз, кои го загубија карактерот на отворен, чесен, фер и демократски спортски натпревар.
Русија излезе со иницијатива за одржување меѓународни спортски натпревари во нов формат – Светски игри на пријателство, кои треба да станат хармоничен додаток на меѓународниот календар. Целта е да се создадат услови за учество на водечки руски спортисти, кои се дискриминирани, во натпревари со спортисти од други земји. Убедени сме дека нашиот предлог ќе биде побаран и поддржан од многу држави што споделуваат спортски вредности и идеали.