Фото: Маја Јаневска-Илиева

Д-р Веселина Вачкова од Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките „Кирил и Методиј“ оди понапред пред сите во своите „научно“ фингирани заклучоци, добиени во соодветни нејзини квазинаучни истражувања, при што тврдењето дека „Кирил и Методиј не само што биле Бугари туку имале бугарска кралска крв, па дури и можеби се потомци на бугарските ханови Кардам и Телериг“(?!), добива, за жал, една комична димензија, што навистина е апсолутно недопустливо во контекст на ликот и делото на светите словенски просветители

Бугарски квазинаучни наративи што имаат тенденција да ја претвораат историографијата во комедија

Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков упати честитки по повод „државниот празник“ во Бугарија 24 Мај, Денот на светите браќа Кирил и Методиј, Денот на бугарската азбука, просвета и култура и на словенската книжевност, и со ова тој повторно заплива во водите на апсурдните бугарски фалсификати за македонското потекло на браќата Кирил и Методиј, македонските и сесловенски просветители, родени во Солун. Водечки светски научници со историографски записи и несоборливи научни факти ги фрлаат во вода апсурдните тврдења не само на бугарски политичари туку и на „високорангирани“ бугарски историчари околу тоа што биле по потекло Кирил и Методиј. Д-р Веселина Вачкова од Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките „Кирил и Методиј“ оди „десет чекори“ напред пред сите и врз основа на своите „научни истражувања“ тврди дека „Кирил и Методиј не само што биле Бугари туку имале бугарска кралска крв, па дури и можеби се потомци на бугарските ханови Кардам и Телериг“?!
Кирил Петков во својата „празнична честитка“ изнесе: „Бугарија е ослободител од незнаењето на словенските народи. Кирилицата е азбука што ја претвора Бугарија во основоположник, а бугарскиот јазик во основа на сите словенски јазици. Кога другите земји, вклучувајќи ја и Русија, немаат јасни историски податоци за сопствената писменост пред глаголицата и кирилицата, ние им дадовме писменост како основа на нивната култура! Ова е повод за вистинска гордост за секој Бугарин“.
Еве „научни сознанија“ на еден бугарски научник, кој ја „потврдува“ тезата на Петков за етничкото потекло на Кирил и Методиј.
На интернет-страницата на Информацискиот центар на Министерството за одбрана на Бугарија на 25 мај 2019 година е објавено интервју со д-р Веселина Вачкова под наслов „Кирил и Методиј се личности кои секој Бугарин ги препознава како свои“. Вачкова е претставена како „позната бугарска историчарка и културолог, која работи во Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките, а едновремено е и директорка на Историскиот музеј во Перуштица и предава во Националната гимназија за антички јазици и култури во Софија“. Дополнително за неа е дадена информација и дека е „авторка на голем број статии и студии и девет самостојни монографии посветени на средновековната и доцноантичката историја на бугарските земји“.

И еве што кажува од „толку високо експертско рамниште“ Веселина Вачкова за Кирил и Методиј: „Постојат многу докази дека Кирил и Методиј не само што биле Бугари туку имале бугарска кралска крв, па дури и можеби се потомци на Кардам и Телериг! Постојат информации за бугарското потекло на Кирил и Методиј од таткова страна, но не знаеме ништо за нивната мајка. Денот на Светите Браќа се смета како најбугарски празник. Тие се нешто што секој Бугарин го препознава како свое“.
Арно ама сонародникот на Вачкова, бугарско-американскиот историчар д-р Спас Т. Рајкин, професор по историја на Универзитетот на Источен Страдсбург во Пенсилванија, САД, инаку по етничко потекло бугарски емигрант во САД, 34 години пред неа изнел научни факти што ја покажуваат сета бесмисла на лажно научните фалсификати на историчарката Вачкова за македонските и сесловенски просветители Кирил и Методиј. Во научната статија со наслов „Кирил и Методиј: Ниту Грци ниту Бугари – туку Словени“, објавена на 10 август 1985 година во американскиот весник „Њујорк тајмс“, поткрепувајќи се на документарните записи и факти од историјата, Рајкин ќе каже јасно и точно: „Светите Кирил (Константин) и Методиј не биле ниту Грци ниту Бугари. Тие биле Словени од Солун од Македонија. Ова е документиран запис на историјата. Да се расправа надвор од тоа, заради некаква грчка или бугарска ‘теорија’, денес е само шовинистичка политика. Нивното совршено преведување на словенски јазик (фонетски и лексички) на библиските и литургиските книги од грчки јазик укажува на нивното словенско потекло. Вистината е дека Словените од Македонија – народот на Кирил и Методиј, заедно со Словените и од Тракија и од Дунавската Рамнина, конечно ја формираа бугарската нација!“
Но, да се задржиме за миг и нешто повеќе околу едно од „научните сознанија“ на историчарката Вачкова, дека, како што тврди, „Кирил и Методиј се можеби потомци на Кардам и Телериг“! А кои биле Кардам и Телериг?! Кардам е бугарски хан и владетел на Бугарија, роден во 735 година, а умрел во 802 година, додека Телериг е исто така бугарски хан, роден во 706, а починал во 777 година. Обајцата биле во роднински врски и му припаѓале на родот Дуло. Но каква врска воопшто може да имаат Македонците Кирил и Методиј, родени во Солун, со Кардам и Телериг од прабугарскиот род Дуло?! Кирил и Методиј „имале кралска крв, зашто можеби биле потомци на двата бугарски хана Кардам и Телериг“, како што тврди Вачкова?! Не само што е тотален апсурд да се изнесе вакво тврдење туку е и веќе подбивање со етничкото старомакедонско потекло на двата просветитела, столбовите на македонскиот национален, јазичен и црковно-духовен идентитет на македонскиот народ низ безбројните векови на неговото опстојување.

Но, што вели сериозната и вистинска светска наука за македонските и сесловенски просветители Константин-Кирил Филозоф (826-869) и Методиј Солунски (815-885)? Вели дека биле токму она што биле – Македонци! Дека светите македонски браќа Кирил и Методиј својот народен дијалект на мајчиниот македонски јазик од селата Суха, Зарова и Висока, во непосредната околина на Солун, го употребиле и го вградиле како темел на писменоста, богослужбите, на културата и јазикот на сите словенски народи во натамошните векови сѐ до денес.
Еден од најголемите светски лингвисти Роман Јакобсон сосема јасно го нагласува „мајчиниот македонски дијалект“ на Кирил и Методиј, односно дека се Македонци и пишува: „…словенските апостоли Константин-Кирил и Методиј можеа да го користат својот мајчин македонски дијалект за мисионерска работа во Моравија“ (Roman Jakobson. Selected Writings.VI, Early Slavic Paths and Crossroads, 1. Comparative Slavic Studies. The Cyrillo-Methodian Tradition, 1985:34).
Германскиот лингвист д-р Харалд Харман, независен научник, кој предавал лингвистика и културални студии на престижни универзитети во Германија и во Јапонија и е дел од серијата врвни светски јазичари, исто така го потврдува македонското етничко потекло на Кирил и Методиј и фактот што тие, како родени говорители на македонскиот дијалект од Солунско, го користеле својот мајчин македонски јазик во преводите на црковните книги од грчки јазик.
Во престижната научна енциклопедија од 1.030 страници со наслов „Домородните народи на светот: Eнциклопедија на групи, култури и современи прашања“, објавена во 2015 година, Харалд Харман, покрај другото, нагласува: „Кирил и Методиј беа испратени во Моравија да го проповедаат христијанството. Како признание за нивната мисионерска работа овие свештеници се прославуваат како словенски апостоли. Кирил, роден како Константин, бил син на мајка Македонка, а словенскиот му бил мајчин јазик. Во тоа време Македонците во близината на Солун го зборувале словенскиот јазик“ (Native Peoples of the World. An Encyclopedia of Groups, Cultures and Contemporary Issues. Harald Haarmann, 2015:288).

Ова се аргументи и констатации на Харман како археолингвист и врвен светски полиглот, со течни познавања на дури 9 светски јазици. Неговите ставови за Македонците Кирил и Методиј и за нивниот македонски словенски јазик се во апсолутна смисла несоборливи факти и директна негација на сите бугарски, но и грчки фалсификати за двајцата македонски и сесловенски просветители и учители Кирил и Методиј.
Браќата Македонци Кирил и Методиј го исползувале за целите на својата сесловенска просветителска мисија својот дијалект на мајчиниот македонски јазик, говорен во селата Суха, Висока и Зарово, на едвај десетина километри од Солун. Во оваа смисла, еве што наведува Мартин Е. Хулд, експерт за индоевропски јазици од Државниот универзитет во Калифорнија, САД, во својата научна статија во „Енциклопедијата на индоевропската култура“: „Старословенскиот јазик, литургискиот јазик на Источната ортодоксна црква, е заснован врз солунскиот дијалект на старомакедонскиот јазик, еден од јужнословенските јазици“ (Mallory James, D.Q.Adams /eds/. Encyclopedia od Indo-European Culture, 1997:301).
Дури на крајот го приведуваме и ставот на универзитетскиот професор по историја д-р Митко Панов, кој во едно интервју за „Република“ ќе каже категорично: „Кирил и Методиј немаат ништо заедничко со Бугарија, ниту ја посетиле, ниту имале некаква реакција со бугарската држава. Нивната дејност била насочена наспроти бугарската држава, а во тоа време бугарските владетели биле и пагани. Кирил и Методиј се едни од темелните столбови на македонскиот етнички, државен, јазичен и духовно-црковен идентитет на македонскиот народ“.

Свето Тоевски