- Фон дер Лајен со буџетот за 2028-2034 година, тежок два трилиони евра, уште во почетокот предизвика бурни реакции и поделби. Членките не сакаат да даваат повеќе пари во заедничката каса во Брисел, оти им требаат тие пари дома, додека, пак, ЕК планира да крати на субвенции за фармерите и на социјални програми на сметка за одбраната, читај за евентуална војна со Русија
- Паѓа во очи сумата предвидена за брзо зачленување на Украина во ЕУ – цели 100 милијарди евра. На тоа прв реагираше Орбан, и тоа жестоко. За споредба, во ИПА-фондовите ќе има само 14 милијарди евра
Буџетот на Европската Унија за периодот 2028-2034 година е ставен на маса, но допрва ќе се отвора за дебати. Од првите реакции може да се заклучи дека овој буџет не само што ќе ги разгори поделбите во Европа туку е можно да прерасне во отворен идеолошки конфликт на неолибералните и суверенистичките (десничарски) сили, кои дури можат и да ги урнат Урсула фон дер Лајен и нејзиниот тим. Првиот обид за гласање нејзина доверба не беше целосно успешен, таа го преживеа тестот за доверба, но тој ги покажа пукнатините во Брисел. Да се владее со европските институции воопшто нема да биде комотна работа, тоа стана очигледно, а некои коментари отидоа дотаму за да тврдат дека токму овој буџет ќе ја растури Европа.
На овие поделби не им одат во прилог и геополитичките случувања, ниту, пак, пораките од Америка, од каде што од институтот „Аспен“ е испратена глобална порака дека претседателот Доналд Трамп за шест месеци го превртел светот и оти нема враќање кон стариот светски поредок. За само шест месеци, ова треба да биде забележано! Пораката ја испрати поранешната државна секретарка Кондолиза Рајс, која ја потпиша со тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски Декларацијата за стратегиско партнерство меѓу САД и Македонија. Таа сега е еден од клучните луѓе во институтот „Аспен“.
Новиот буџет навидум е „подебел“ од претходниот, наместо 1,2 трилион, колку што е сегашниот, новиот ќе биде цели два трилиони. На прв поглед изгледа многу, па затоа и прашањата упатени до челничката на Европската комисија, Фон дер Лајен – како ќе се полни таа финансиска јама на која не ѝ се гледа дното?
Буџетот на ЕУ е една цела наука, од тоа како тој се донесува до тоа како се троши. Има многу тајни места во него, но генерално него го полнат земјите членки со околу 1 отсто од нивните дополнителни буџетски приходи, а тоа главно се даноци, царини, такси, но сега се предлагаат и дополнителни зафаќања, особено на големите корпорации (најмногу би настрадала Германија), кои ќе треба да одат во заедничката европска каса, а во интересе на европски развој, поточно Европа да фати чекор со земјите што грабаат напред и економски и геополитички. Тука, пред сѐ, се мисли на Кина, Индија и на Русија, но и на Глобалниот Југ, каде што БРИКС станува доминантен блок. Затоа, Европа мора да се менува, мора да го фати последниот воз на напредокот и промените, кои доаѓаат со новите научни достигнувања.
Буџетот од два трилиони за период од седум години можеби изгледа огромен, но тој претставува само еден процент од вкупниот БДП на 27 членки, кој изнесува 17 трилиони. Најголеми економии се Германија, Франција, Италија и Холандија и практично тие ќе треба да ја наполнат бриселската каса, но токму тие први скокнаа против предложениот буџет на Германката Фон дер Лајен. Пред ЕК сега претстојат две години, а во тој период ќе треба да се испеглаат буџетските дубиози. Ако воопшто се испеглаат, оти очигледно е дека не одат мазно работите уште на почетокот.
КИЕВ КАКО НАГАЗНА МИНА
Дали ја има Македонија некаде во буџетските ставки? На ова прашање во моментов е многу тешко да се одговори, затоа што буџетот не е целосно отворен и не можеме да добиеме конкретна информација за тоа прашање ниту од експерти што го имаат буџетот во малиот џеб. Она што е многу извесно, а тоа во Брисел се најавува на големи ѕвона, е поддршката за Украина од цели 100 милијарди евра за нејзиното брзо зачленување во Унијата. Ова, колку и да изгледа убаво на хартија, сепак, е прашање што се третира како нагазна мина за кохезијата меѓу членките, оти не се сите задоволни со тоа, особено не Унгарија.
– Дали ја има Македонија во буџетот и како ја има, навистина не знам. Дури во оваа фаза не можам да видам туку само можам да нагаѓам, дали се предвидени буџетски средства за нови членки во 2030. Она што за мене е важно е ставот, би рекол цврстиот став на Германија, да се укине фондот за позајмување, кој изнесува 780 милијарди евра. Ставот на владата на Мерц е заемот, формиран за да се справуваат членките во ковид-кризата, да се врати во следниот буџет. Мерц јасно кажува – нема повеќе позајмувања – вели наш извор добро запознаен со процесите на проширувањето на ЕУ.
Тој додава дека, според негови сознанија, ИПА-фондовите, кои се важни за нас, ќе изнесуваат 14 милијарди евра. Навидум ова кажува дека земјите кандидатки се практично ставени во непроменлива позиција и оти Брисел ќе ги фаворизира земјите што до скоро беа на периферијата на нејзините интереси и беа под капата на „источното партнерство“. Ова особено ќе важи за земјите што се граничат со Русија и со Белорусија, и јасно е дека се мисли на Украина и на Молдавија, која наеднаш стана шампионски коњ во трката кон Брисел. Играта, или трката за членство, полека влегува во нерамноправна фаза ако се споредат цифрите – ИПА ќе тежи 14 милијарди евра, а само за Украина се предвидува буџет од 100 милијарди.
ДАЛИ ФАРМЕРИТЕ ЌЕ ЈА ФИНАНСИРААТ ОДБРАНАТА?
– Сеопфатното зголемување на буџетот на ЕУ е неприфатливо во време кога сите земји членки вложуваат значителни напори за консолидирање на своите национални буџети – изјави Стефан Корнелиус, портпарол на владата на канцеларот Фридрих Мерц во Берлин во средата. „Затоа нема да можеме да го прифатиме предлогот на комисијата“.
Овој категоричен став на Берлин покажува дека ќе се води тешка битка меѓу националните парламенти со тој во Брисел, дека ќе се мери секое евренце, и ќе се бараат начини како да остане во живот европскиот проект за социјална правда и права. Многу тешко, затоа што уште сега се најавуваат ригорозни кастрења на социјалните програми, на нешто што е светост во ЕУ, а тоа се субвенциите за земјоделците и фармерите. Главно тие средства ќе треба да се прелеат во одбраната за да може Унијата да одговори на заканите главно од Русија, иако сега кон Москва се додава и опасноста од Кина. Притоа се подгрева европската атмосфера со речник што изобилува со милитаристичка терминологија – треба да биде јасно дека Европа се подготвува за војна при што се предвидува дека таа би почнала за околу 18 месеци.
Како и да е, ако во скоро време не заврши руско-украинскиот конфликт, јасно е дека Украина како нова членка ќе ја внесе војната во ЕУ. Тоа, секако, нема да се толкува како билатерално прашање, туку ќе биде обврска, товар и како сакате, за сите членки, но и пошироко, за оние што се кандидатки и кои се под новиот европски безбедносен чадор. Македонија е токму таму.
Дел од првите реакции во врска со буџетскиот план на ЕУ
Едни со поддршка, други со тешка критика
Пренесуваме дел од првите реакции на буџетскиот план.
– Шведската влада соопшти: „Никогаш не можеме да прифатиме заедничките средства на ЕУ да одат кај земји што не ги почитуваат основните демократски принципи и европските вредности.
Нема да ги решиме проблемите на ЕУ со поголем буџет и зголемени придонеси од ЕУ, туку преку користење на тековните ресурси на попаметен начин и вложување пари таму каде што се навистина потребни“.
– Унгарскиот премиер Виктор Орбан: „Предлогот на Брисел може да се сумира како проукраински буџет, а неговата цел е јасна како ден: да се испратат парите на европскиот народ во Украина. Овој план на Брисел е слаб, дури и како основа за преговори, и ние предлагаме да се повлече и да се изготви нов, не во интерес на Зеленски и Украина, туку во интерес на народите на Европа и европските земјоделци“.
– Холандскиот министер за финансии Елко Хајнен изјави: „Предложениот буџет е превисок. Не треба секогаш да се фокусираме само на тоа како ЕУ може да троши повеќе, туку на тоа како постојните средства можат подобро да се трошат“.
– Францускиот министер за Европа Бенџамин Хадад: „Ја поздравувам амбицијата за новата повеќегодишна финансиска рамка што ја презентираше Европската комисија. Ќе бидам… во Брисел во петок за да ги бранам нашите приоритети: вооружувањето на европскиот континент, поддршката на нашата конкурентност и технолошкиот суверенитет, приходите на нашите земјоделци и создавањето наши сопствени ресурси“.
– Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, очекувано застана зад предложениот буџет: „Ја поздравувам презентацијата на предлогот за долгорочниот буџет на ЕУ од страна на Европската комисија, чекор што ќе му овозможи на Советот да започне со работа. Буџетот не е само бројки – тоа е крајната политичка одлука, избор за нашата иднина и треба да пристапиме кон оваа дебата со отворен ум и дух на колективна одговорност“.