И за доделувањето на томосот (признавањето на нашата автокефалност) од страна на Цариградската патријаршија – се појавуваат цела низа услови, кои на мошне симптоматичен начин се совпаѓаат со условите и уцените што ѝ се наметнуваат на Македонија како држава на политички план, во процесите за нејзино меѓународно етаблирање како самостоен, суверен и рамноправен државен субјект во меѓународната заедница. Случајност или прецизно сценарио? Ако дилемата за ова сѐ уште постои, нема барем никаква дилема дека нам ни е испорачан еден интегрален пакет за идентитетски промени што треба да ги направи државата плус црквата (во основа – треба да се деноминира македонскиот народ), како услов за да му се приклучи на некакво „друштво на привилегираните“… Тоа ли го сакаме?
Прашањето за црковната автономија и рамноправност со другите цркви во православниот свет, иако е пренесено во време на главно глобална секуларна демократија, и понатаму е важен составен елемент од мозаикот на автентичноста на националниот идентитет и целосно заокружување на државноста на народот, која се повикува токму на историјата и традицијата на духовната обединетост на еден народ околу еден свој духовен центар. Токму затоа во градењето на современата македонска држава, секогаш нераскинлив дел во политичките процеси и предизвици со кои се соочувале Македонците била токму црквата, односно нашата Македонска православна црква.
„Нагазни мини“ на патот до автокефалноста
Во сложената констелација на односите на Македонија со соседите, обележана главно со негирање на речиси сите елементи на автентичноста на македонското постоење (Грција го оспорува името на државата, а со тоа и македонскиот идентитетот на народ; Бугарија – автохтоното историско постоење на македонскиот народ и јазик), автокефалноста на Македонската православна црква до пред две години беше спорно прашање што ги обременуваше односите со соседна Србија. По благословот на Светиот архијерејски собор на Српската православна црква во мај 2022 година практично беше одобрена автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Со заедничкото сослужување на српскиот патријарх Порфириј со македонскиот архиепископ Стефан, на 24 мај 2022 година во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, според сите страни вклучени во спорот – значеше – решавање на црковниот спор. Како потврда за надминување на деценискиот спор, неколку дена по сослужувањето во Скопје, на македонскиот архиепископ г.г. Стефан му беше доделен томос за автокефалност – без никакви условувачки клаузули што би ја ограничиле автокефалноста на МПЦ-ОА и устројство во поглед на црковното име, опсегот на јурисдикцијата и пастирската грижа за македонски народ во татковината и во дијаспората.
Тој момент на непостоење на условувачки клаузули во томосот на СПЦ се забележува како мошне важен, зашто во заокружувањето на целосното прифаќање на МПЦ-ОА во православниот свет, што се смета дека би се случило со томос од Цариградската патријаршија – се појавуваат цела низа услови што на мошне симптоматичен начин се совпаѓаат со условите и уцените што ѝ се наметнуваат на Македонија како држава на политички план, во процесите за нејзино меѓународно етаблирање како самостоен, суверен и рамноправен државен субјект во меѓународната заедница.
Не постојат случајности:
Неверојатно совпаѓачки (идентични) елементи како барања, и од Брисел и од Цариград
Условите што ги има поставено Цариградската патријаршија и кои се крајно неприфатливи за МПЦ-ОА оставаат впечаток на комплементарност (идентичност) со асиметричните одредби во световните билатерални договори на Македонија со соседните држави, Грција и Бугарија, т.е. Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, вградени дури и во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија.
1. Откажување од името
Од МПЦ-ОА, практично се бара од страна на Фанар – (Цариградската патријаршија) откажување од името – Македонска православна црква! Со Преспанскиот договор се бараше (и се доби) откажување на државата Македонија од јус когенс правото да се именува со тоа свое историско име и беше принудена да прифати додавка со географска одредница, а сега се очекува и бара и Македонците, т.е. македонскиот народ да се идентификува со таа одредница, иако тоа не е содржано ниту во асиметричната спогодба со Грција.
2. Откажување од своето национално ткиво надвор од матичната држава
Понатаму, од Цариград се бара МПЦ-ОА да му ја отстапи македонската дијаспора! Со Преспанскиот договор, а и со Договорот за добрососедство со Бугарија се очекува од Македонија да се откаже од своето малцинство во Грција и Бугарија, но да ги додаде Бугарите како државотворно малцинство во својот устав, како услов за отворање на поглавјата во преговарачкиот процес со ЕУ.
3. Признавање нешта надвор од воспоставените правила и принципи
Натаму, од МПЦ-ОА се очекува признавање на Православната црква на Украина (ПЦУ), чија автокефалија е доделена токму од Цариград. Во световните геополитички условувања, од Македонија се очекува беспоговорно да ги прифати сите услови во асиметричните договори, дури и кога тоа е спротивно на националните интереси и кога со нив се прекршува меѓународното право. Исто така се очекува и целосна усогласеност со надворешната политика на ЕУ, но обично без обврска на ЕУ да биде веродостојна на своите ветувања.
– Ние не сме против Цариградската патријаршија да ни даде томос, но да не ни поставува никакви услови. Кога Романската црква нè призна како автокефална црква, Синодот на Романската црква тоа го направи врз основа на томосот добиен од Српската православна црква и во согласност со резолуцијата за давање автокефалија од Шамбези дека прв кој дава томос за автокефалија е мајката црква. Од Цариградската патријаршија ни рекоа „побарајте отпуст од СПЦ, па после ние ќе ви дадеме автокефалност“. Ако таа била мајка црква, зошто нè упатуваше кон СПЦ? – изјави во една пригода митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, кој е претседател на Одделот за надворешни црковни односи на МПЦ-ОА.
Политичко-верски пакет барања испорачан од еден ист центар на моќ
Владиката Петар вели дека прашањето за признавањето на МПЦ-ОА е повеќе од политичка отколку од верска причина, „затоа што се гледа дека Грција приговара за името на нашата црква, а не приговара за нашето учење, дали сме погазиле некои канони“.
И архиепископот г.г. Стефан неодамна изјави дека условите на Цариград се неприфатливи.
Се чини дека политичките уцени се „принцип“ што се подразбира и во црковната дипломатија!