Случајот на Исланд ги покажува недоследностите во политиките на ЕУ
- Додека Урсула фон дер Лајен, Каја Калас и другите функционери од Европската комисија се убедени дека Исланд ќе влезе во нивниот европски клуб, Исланѓаните допрва ќе одлучуваат на референдум, веројатно во август годинава, дали нивната татковина ќе стане нова членка на ЕУ. Сепак, патот на Исланд кон членство во ЕУ не е едноставен
Самостојната територија Исланд со 390 илјади жители останува длабоко поделена околу приклучувањето кон Европската Унија: овој февруари последните анкети на јавното мислење покажуваат приближно 42 проценти „за“ и речиси исто толку „против“ членство, или во одредени моменти само мала разлика во прилог на поддршката за влез во ЕУ. И покрај притисокот за рестартирање на преговорите со ЕУ, значителен постојан евроскептицизам се раѓа од стравот од можното губење на правата за риболов. Додека Урсула фон дер Лајен, Каја Калас и другите функционери од Европската комисија се убедени дека Исланд ќе се одлучи да влезе во нивниот европски клуб, Исланѓаните допрва ќе одлучуваат на референдум, веројатно во август годинава, дали нивната татковина ќе стане нова членка на ЕУ. А и патот на Исланд кон членство во ЕУ не е едноставен.
– Пристапувањето на Исланд може да наиде на некои политички пречки – изјави за „Политико“ Гудни Торлациус Јоханесон, поранешен претседател на Исланд.
Со сменетите безбедносни околности во Европа, Брисел го става Исланд на брза лента за приклучување кон Унијата
Исланд е најновиот евроинтеграциски случај, кој покажува колку е дезориентиран „геополитичкиот компас“ на ЕУ, која чини грчевити напори за да се покаже како важен играч на глобалната меѓународна сцена. Глобалната безбедносна динамика во Европа и во светот драматично се промени. Токму од оваа причина го става и Исланд на „брза лента“ за прием, уште побрзо и од Украина. Воените случувања во Украина, заострените односи меѓу САД и ЕУ и растечката стратегиска важност на Арктикот повторно ја отворија расправата за пристапување кон ЕУ. Сегашната владејачка коалиција во Рејкјавик вети дека ќе одржи референдум за продолжување на преговорите за пристапување до 2027 година, откако претходната влада ги замрзна разговорите во 2013 година. Но рокот сега се забрзува, во атмосфера на геополитички вриежи по одлуката на Вашингтон да воведе царини за Исланд и заканата на американскиот претседател Доналд Трамп да го анектира Гренланд. Во ваквиот контекст се уфрла и Брисел со своите амбиции да остане не само значаен геополитички играч, покрај САД, Кина и Русија, туку и да стане овој пат можеби своевидна „арктичка велесила“! Се очекува исландскиот парламент да го објави датумот на референдумот во следните неколку седмици, велат изворите на бриселскиот аналитички магазин „Политико“. Одлуката доаѓа по серија посети на претставници на ЕУ на Исланд и исландски политичари на Брисел. Ако гласачите го поддржат продолжувањето на преговорите, Исланд би можел да се приклучи кон Унијата пред која било друга земја кандидат.
Интересот за ЕУ ослабна паралелно со економското закрепнување
Од Исланд доаѓаат евроинтеграциски и суверенистички лекции, важни да ги земе предвид и Македонија. По силната домашна банкарско-финансиска криза во 2008 година, Исланд поднесе апликација за членство во ЕУ во 2009 година, а формалните преговори започнаа во 2010 година. До 2013 година беа затворени 11 од вкупно 33 преговарачки поглавја. Но раководејќи се главно од сопствените државно-национални и економски интереси, тогашната влада од десниот центар ги замрзна разговорите, а во 2015 година официјално побара Исланд повеќе да не се смета за земја кандидат. Во меѓувреме до денес економијата закрепна, а интересот за членство ослабна. Сега Исланд има бруто-домашен производ по жител што е еден од највисоките во светот. Тоа ја намалува економската привлечност на Европската Унија. (БДП на Исланд по жител е меѓу највисоките во светот, а за 2024–2025 година со околу 80.000–86.000 американски долари. Постојано е рангиран меѓу првите пет-десет земји во светот по богатство по жител, со носечките индустрии како туризам, риболов и обновлива енергија).
Рибарската индустрија гласен противник на исландските евроинтеграции
Професорката на Универзитетот во Рејкјавик и експертка за европско право, д-р Маргрет Ејнарсдотир, уште во јуни минатата година нагласи: „Рибарската индустрија во Исланд, моќен економски и политички актер, е гласен противник на членството во ЕУ“, тврдејќи дека тоа ќе доведе до губење на контролата врз риболовните подрачја на Исланд – причина поради која и беше суспендирана апликацијата за влез во ЕУ.
Најголемата можна пречка е поврзана со правата за риболов, клучна индустрија во Исланд и голем проблем за време на преговорите минатиот пат. Англија и Исланд долго време имаа затегнат однос околу риболовот, впуштајќи се во серија насилни судири наречени Војни на бакаларот меѓу 50-тите и 70-тите години од минатиот век. За време на преговорите за пристапување на Исланд, имаше сериозни тензии меѓу двете земји, при што Англија имаше проблем со количеството скуша што го ловеа исландските рибарски бродови. Но со оглед на тоа што Англија сега е надвор од ЕУ, правата за риболов би можеле да бидат помала пречка, посочува „Политико“.
Здруженијата за земјоделски интереси, исто така, се грижат за можните неповолни влијанија врз земјоделството. Дел од противењето за пристапување произлегува и од загриженоста за суверенитетот.
На референдум ќе се одлучува за рестартирање на пристапните преговори
„Политико“ завчера објави дека Исланд размислува за гласање за да ги рестартира преговорите за членство во ЕУ уште во август годинава, според две лица запознаени со подготовките за пристапување на земјата кон ЕУ.
– Ова доаѓа во време кога расте динамиката за проширување на ЕУ. Притоа Брисел работи на план што би можел да ѝ даде на Украина делумно членство во блокот уште следната година, а Црна Гора, која е фаворит за пристапување, затвори уште едно поглавје од преговорите минатиот месец – пишува „Политико“.
– Разговорот за проширувањето се менува – изјави за овој бриселски европски магазин комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, која се сретна со исландската министерка за надворешни работи Торгердур Катрин Гунарсдотир минатиот месец во Брисел.
– Сè повеќе станува збор за безбедност, за припадност и за зачувување на нашата способност да дејствуваме во свет на конкурентни сфери на влијание. Ова ги засега сите Европејци – рече Кос.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се сретна со исландската премиерка Криструн Фростадотир во Брисел минатиот месец, истакнувајќи дека „нивното партнерство нуди стабилност и предвидливост во овој нестабилен свет“. Фон дер Лајен се сретна и со Фростадотир за време на состанокот на Нордискиот совет во Стокхолм минатата есен и тогаш ја пофали нејзината земја за зајакнување на соработката со ЕУ. Фон дер Лајен повторно треба да го посети Арктичкиот Регион во март.
– Ако Исланѓаните одлучат дека сакаат да ги продолжат разговорите со ЕУ, преговорите би можеле да се одвиваат брзо. Исланд е членка на Европската економска зона и дел од шенген-зоната за слободно патување, и како таква веќе има многу од законите на ЕУ во своите прописи и домашни закони. Но за да ѝ се приклучи на ЕУ, Исланд ќе мора да одржи уште еден референдум за да одлучи дали да продолжи по завршувањето на разговорите. Придобивките од членството во ЕУ за Исланд се повеќе поврзани со безбедноста, а помалку со економската награда. Исланд има петти највисок бруто-домашен производ по жител во светот, што го прави членството во ЕУ помалку привлечно отколку за другите што се залагаат за приклучување кон евроблокот – заклучува „Политико“ во својата анализа.
Поделени мислења за полноправното членство во ЕУ
Мислењата во Исланд се поделени кога станува збор за прашањето за полноправно членство во ЕУ, предупреди професорката Маргрет Ејнарсдотир уште во јуни 2025 година во својата анализа со укажувачки наслов „Половина за ‘во ЕУ’, половина за ‘надвор од ЕУ’: односот на Исланд со ЕУ“.
– Во јануари 2025 година беа објавени две анкети на јавното мислење во врска со ставовите на јавноста кон пристапувањето во Европската Унија. Едното, спроведено од „Маскина“, покажа дека повеќе луѓе се против членството во ЕУ отколку што се за него (42,7 отсто наспроти 37,5 отсто), додека другото, спроведено од „Просент“, покажа дека повеќе луѓе се за приклучување (45 отсто наспроти 35 отсто). Референдумот за одлучување „за“ или „против“ ЕУ би можел да оди во двата правца – напиша Ејнарсдотир.
Свето Тоевски

































