Луѓето ги гледаат животните како статични и студени, но длабоко во себе тие имаат големо количество чувства и емоции, вели Анастасовски во интервју за арапското издание на „Си-ен-ен“, кое објави серијал негови фотографии

„Си-ен-ен“ објави интервју со нашиот колега Горан Анастасовски

Многу луѓе мислат дека животните немаат чувства, но тоа не е вистина, бидејќи и тие можат да разменуваат емоции меѓу себе, исто како и луѓето. Тоа беше видливо на фотографиите на Горан Анастасовски, кои отсликуваат кадри полни со љубов и радост, истакнува изданието на „Си-ен-ен“ на арапски јазик на почетокот на интервјуто со нашиот колега Горан Анастасовски, пренесувајќи серијал негови фотографии.
– Луѓето ги гледаат животните како статични и студени, но длабоко во себе тие имаат големо количество чувства и емоции – вели Анастасовски во интервју за арапското издание на „Си-ен-ен“.
Секоја од овие фотографии изразува вистински и искрени чувства, далеку од силните ликови на животните што често се снимени од камерите. Многу луѓе мислат дека фотографирањето животни е лесна работа, но во реалноста тоа е многу тешко, наведува влијателниот медиум за фотографиите на Анастасовски.


– Тој повеќето од своите фотографии ги направил во зоолошката градина во Скопје, Македонија. Тие вклучуваат пар мечки што се галат, лавица што се бакнува со лав, пар жирафи што се гушкаат една со друга, мајмуни што ги гушкаат своите младенчиња, како и коњи што навидум се гушкаат еден со друг – пишува „Си-ен-ен“.
Анастасовски, кој се занимава со фотографија од 2006 година, објаснува дека „треба да се избегнуваат вештачки елементи на локацијата, како што се оградите, за фотографиите да изгледаат како да се направени во природа“.
– Фотографиите предизвикаа восхит на многу обожаватели на Анастасовски на социјалните мрежи. Некои од нив беа изненадени од емоцијата кај животните, која често останува незабележана – истакнува „Си-ен-ен“ на арапски.
Серијалот се состои од повеќе од 40 различни фотографии, кои главно имаат цел да ги заштитат и третираат животните и да избегнуваат нивно повредување. Анастасовски се надева дека во иднина ќе продолжи да ги фотографира овие суштества и да ја истакнува нивната убавина во светот. Арапското издание на „Си-ен-ен“ е последниот во низата светски медиуми што досега ги претставија фотографиите на Анастасовски. Н.М.