Ексклузивно: Брисел интензивно ги планира своите внатрешни реформи (2)
- Тоа ни го најавија некои соговорници од Брисел, кои нѐ информираа дека се одвиваат динамични подготовки и работа на Планот за проширување, кој содржи „предлози за прием на сите земји кандидати за ЕУ, но со ограничени права“, за што пишувавме деновиве. Тие ограничени права и надлежности би траеле сѐ додека земјите не ги постигнат бараните европски критериуми (повисоки стандарди), а во меѓувреме Брисел ќе работи на своја внатрешна реформа, што, според оние што ја конципираат програмата, треба да резултира со „посилна и поефикасна Унија“
На итниот самит на лидерите на Европската Унија во Брисел почнаа да се обликуваат темелите за „проширена и пообединета Европа“. Но според низа познавачи на сето она што се случува во ЕУ и во врска со ЕУ, „за проширувањето на Унијата, за да може таа да функционира, неопходно е што поскоро да се реформира“.
Тоа ни го најавија некои соговорници од Брисел, кои нѐ информираа дека се одвиваат динамични подготовки и работа на Планот за проширување, кој содржи „предлози за прием на сите земји кандидати за ЕУ, но со ограничени права“, за што пишувавме деновиве. Тие ограничени права и надлежности би траеле сѐ додека земјите не ги постигнат бараните европски критериуми (повисоки стандарди), а во меѓувреме Брисел ќе работи на своја внатрешна реформа, што, според оние што ја конципираат програмата, сето треба да резултира со „посилна и поефикасна Унија“.
Во викенд-бројот на „Нова Македонија“ се осврнавме на дел од планот за реформи на ЕУ што се однесува на приклучување на земјите кандидатки за ЕУ во т.н. европска втора лига. Денес, кусо ќе се осврнеме на другите точки на планот за реформи на ЕУ, и тоа токму за внатрешните реформи. На прашањето на нашиот соговорник од Брисел за тоа „какви сѐ реформи содржи новиот план на Европската комисија за реформи на ЕУ“,сепак добивме дипломатско-лаконски одговор, во кој сепак, пронајдовме базични точки на реформи што ќе ги преземе Европската комисија.
– Европската комисија претстави амбициозен пакет реформи за таканареченото реформирање на Европската Унија, со цел да го поддржи и да го олесни идното проширување на Унијата и да го зајакне нејзиното функционирање доколку бројот на членки значително порасне. Реформите доаѓаат во време кога лидерите на ЕУ на итниот самит во Брисел ги истакнаа потребите за поефикасни институции и процеси, со посебен фокус на намалување на блокадите што произлегуваат од сегашниот систем на едногласно одлучување во важни области. Досега, во многу политички сфери, секој од 27-те членки има право на вето, што може да предизвика блокади во одлучувањето, особено кај сложени прашања како надворешна и безбедносна политика, фискални правила или процесот на проширување – вели нашиот соговорник и во куси црти ги објасни неколкуте тежишни точки на концептот за реформи на ЕУ.
Клучни елементи на новиот план
1. Промена на одлучувачките процеси
Еден од најспорните, но и најзначајни предлози е – разговарање за укинување или ограничување на принципот на едногласност во голем дел од одлучувањата. Наместо тоа, Европската комисијата размислува и ќе предложи „префрлање кон систем на квалификувана или обична мнозинска одлука во области каде што тоа е можно и делотворно“. Овој чекор, според предлагачите, ќе ја зајакне способноста на ЕУ да дејствува побрзо и поефикасно, особено со очекуваното проширување на Унијата.
2. Институционална адаптација на ЕУ
Покрај промената на самиот систем на донесување одлуки, Европската комисија разговара и за поголема улога на Европскиот парламент (ЕП) во донесувањето нa законодавство, со цел да се зголемат легитимитетот и претставничката функција на граѓаните на Унијата. Според предлогот, зголемената улога на парламентот би придонела за подобра рамнотежа меѓу наднационалното ниво и националните влади.
3. Подобрување на економските и на административните механизми
Планот вклучува и реформи за поефикасно функционирање на економската и фискалната политика на ЕУ, со цел да се усогласат економските правила на Унијата и да се олесни управувањето со заедничкиот пазар. Тоа ќе вклучи ревизија на рамките за буџетска и фискална координација, како и поедноставување на регулативите за инвестирање и финансиски инструменти.
4. Преглед и подготовка за следни насоки за проширување
Во рамките на пакетот за 2025 година, комисијата тековно објавува и ќе продолжи да објавува документи што ја реафирмираат нејзината посветеност на проширувањето на Унијата, вклучувајќи ги и земјите кандидати од Западен Балкан и Украина, Молдавија и Грузија. Овие документи содржат анализи на „реформските потреби на кандидатските земји“, како и прегледи на тоа како да се подготви ЕУ за идно проширување, вклучително институционални и политички приспособувања. П.Р.































