ИРАН: Ново тестирање на „црвените линии“ во Ормускиот Теснец
Со дводневната поморска вежба со боева муниција во Ормускиот Теснец, започната на крајот на јануари, Иран повторно активира еден од своите најмоќни инструменти за стратешки притисок. Најавата на Исламската револуционерна гарда, проследена со официјални навигациски предупредувања до трговските бродови, дојде во момент кога регионот веќе е оптоварен со зголемено воено присуство и чувствителни безбедносни калкулации.
Иако формално станува збор за вежба, користењето боева муниција во еден од најтесните и најпрометни поморски премини во светот носи јасна порака: Техеран сака да покаже дека во секој момент може да ја претвори географијата во средство за притисок, без да влезе во отворен конфликт.
Американски одговор: демонстрација на сила и предупредување
Реакцијата на Вашингтон беше брза и исто така апсолутно јасна. Засиленото распоредување на американската морнарица и воздухопловство, предводено од носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“, се совпадна временски со иранските маневри, создавајќи слика на паралелни демонстрации на моќ во исклучително тесен оперативен простор.
ЦЕНТКОМ (Централната воздухопловна команда, воздухопловната компонента на Централната команда на САД – ЦЕНТКОМ), јавно нагласи дека САД нема да толерираат „небезбедни“ и провокативни маневри, особено ниски прелети и агресивни приближувања на ирански пловни средства кон американски бродови. Пораката е двојна: уверување до сојузниците дека американската заштита останува цврста и предупредување до Иран дека секое пречекорување на непишаните правила може да има последици.
Од вежби до последици: што следува понатаму
Оваа размена на сигнали не се одвива во вакуум. Ормускиот Теснец, преку кој минува околу една петтина од глобалните поморски испораки на нафта, е точка каде што локалната воена активност има глобален одек. Дури и ограничени вежби со боева муниција можат да ги натераат превозниците да ги менуваат маршрутите, да ги зголемат осигурителните премии и да внесат нервоза на енергетските пазари.
Во таков контекст, прашањето повеќе не е дали Иран и САД намерно сакаат конфликт, туку дали комбинацијата од зголемено воено присуство, тесен простор за маневрирање и кратки временски рокови за одлука може да произведе инцидент што ќе ја надмине логиката на одвраќањето. Токму од оваа почетна точка произлегуваат пошироките безбедносни, економски и геополитички импликации што го прават Ормускиот Теснец повторно централна сцена на глобалната несигурност. Р.С.
Вашингтон го засилува военото присуство на Блискиот Исток, но фокусот е на воен притисок преку дипломатија, а не на непосреден воен напад
САД сè уште не се подготвени за почеток на воена кампања врз Иран
- САД сè уште не се подготвени за воен напад врз Иран, и покрај значителното зголемување на военото присуство на Блискиот Исток, анализира „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на неименувани американски претставници. Според весникот, Вашингтон во моментов се соочува со ограничувања што ја прават евентуалната воена акција неизвесна и одложена
Иако во изминатите недели САД распоредија дополнителни сили во регионот, директните воздушни напади врз Иран „не се неизбежни“. Американските власти, според изворите на „Волстрит џурнал“, сметаат дека пред каква било офанзивна операција е неопходно да се обезбеди целосна заштита на американските трупи, како и на Израел и на арапските сојузници, кои би можеле да бидат цел на иранска одмазда.
Масивна армада на САД како средство за „дипломатски“ притисок
Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека Вашингтон испратил, како што ја опиша, „масивна и прекрасна армада“ на Блискиот Исток, предводена од носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“. Според официјалните објаснувања, целта на ова воено распоредување е да се изврши политички и воен притисок врз Техеран со цел прифаќање нов нуклеарен договор, а не започнување непосреден оружен конфликт. Исто така, Пентагон преместува дополнителни софистицирани оружја, како на пример оние од напредните системи за противвоздушна одбрана ТХААДT и „патриот“ во американските бази во Јордан, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија и во Катар, како и на други локации на Блискиот Исток. Американски одбранбени претставници нагласуваат дека овој потег првенствено е одбранбен и има цел да ги минимизира можните последици од евентуални ирански напади врз американските и сојузничките цели.
Хамнеи предупредува на регионална војна, Трамп сѐ уште со дипломатско-воен речник
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во неделата предупреди дека секоја американска воена акција ќе има далекосежни последици низ целиот Блиски Исток. Тој нагласи дека евентуалниот конфликт нема да остане билатерален, истакнувајќи дека „ако овој пат започнат војна, тоа ќе биде регионална војна“. Американскиот претседател Доналд Трамп подоцна ги отфрли изјавите на Хамнеи, но истовремено ја остави отворена можноста за дипломатско решение.
– Секако дека ќе го каже тоа – изјави Трамп, додавајќи дека се надева на постигнување договор.
– Ако не постигнеме договор, тогаш ќе откриеме дали бил во право или не – рече тој.
Шефот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Али Лариџани, по средбата со рускиот претседател во Москва изјави дека е постигнат одреден напредок во разговорите со САД. Во исто време, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, повика на дијалог меѓу страните, предупредувајќи дека „сите насилни дејствија можат само да создадат хаос во регионот и да доведат до многу опасни последици“. Р.С.
Путин и Лариџани на состанок во Кремљ во екот на тензиите меѓу Иран и САД
Разузнавачко-безбедносна средба со политичко-дипломатски шмек
Рускиот претседател Владимир Путин деновиве го прими Али Лариџани, секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, на ненајавена средба одржана во Кремљ, соопшти руската претседателска администрација без да изнесе дополнителни детали.
Иранскиот амбасадор во Москва изјави дека разговорите биле фокусирани на билатералните односи, како и на „важни регионални и меѓународни прашања“, во време кога геополитичките тензии на Блискиот Исток се во пораст.
Посетата на Лариџани доаѓа во чувствителен момент, обележан со зголемено воено присуство на САД во регионот и остри пораки од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која најавува приближување на армада кон Персискиот Залив. Во ист контекст, американската Централна команда (ЦЕНТЦОМ) неодамна јавно го предупреди Техеран во врска со планираните ирански поморски вежби во Ормускиот Теснец – стратешки важна точка за глобалната трговија со нафта.
Дополнителна тежина на средбата ѝ дава и фактот што Вашингтон воведе санкции против Лариџани претходно овој месец, поради неговата наводна улога во задушувањето на протестите во Иран. Техеран ги оцени санкциите како дел од поширока американска кампања за политички притисок и дестабилизација. Р.С.


































