Поранешниот шеф на британската разузнавачка служба МИ6, Алекс Јангер, со тврдење во „Економист“ што ја шокира светската јавност:
- Поранешниот шеф на МИ6 предупредува дека Вашингтон ја потценил отпорноста на Техеран
Поранешниот директор на британската разузнавачка служба MI6, Алекс Јангер, оцени дека Иран во моментов има предност во конфликтот со САД и Израел, нагласувајќи дека западните сили го потцениле противникот.
Говорејќи за „Економист“, Јангер изјави дека до ваквиот заклучок дошол врз основа на долгогодишното искуство во следење на активностите на иранската Исламска револуционерна гарда.
– До овој заклучок дојдов врз основа на децениско искуство, бидејќи во текот на кариерата се соочувавме со нивните операции – изјави тој.
Загубена иницијатива
Според Јангер, САД ја изгубиле иницијативата во конфликтот пред околу две недели. Истовремено, иранскиот режим покажал значително поголема отпорност од очекуваното.
– Во пракса, иранскиот режим се покажа поотпорен отколку што некој очекуваше – нагласи тој.
Тој посочи дека Техеран уште претходно донел клучни одлуки за дисперзија на воените капацитети и делегирање на овластувањата за употреба на оружје, што му овозможило да ја издржи интензивната воздушна кампања.
Стратегија на ескалација
Поранешниот директор на британската разузнавачка служба MI6, Алекс Јангер,
истакна дека Иран применува таканаречена „хоризонтална ескалација“, односно проширување на нападите кон различни цели во рамките на дострелот.
– Истрелувањето проектили кон сè што е во дострел изгледаше како неразумен потег, но се покажа како ефикасен начин да им се наметне цена на САД – рече тој.
Дополнително, според него, Иран ја препознал важноста на енергетската димензија на конфликтот, користејќи ја заканата кон Ормускиот Теснец за да го прошири влијанието на кризата на глобално ниво.
Политичка реторика и издржливост
Поранешниот директор на британската разузнавачка служба MI6, Алекс Јангер, во интервјуто за реномираниот медиум „Економист“ оцени дека реториката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп дополнително го зацврстила убедувањето кај иранското раководство дека се соочува со егзистенцијална закана.
– Трамп јасно стави до знаење дека сака да ги уништи, додека САД влегоа во конфликтот по свој избор и за одредени конкретни цели, кои не се егзистенцијални, како на Иран. Токму тоа му дава на Иран поголема издржливост – изјави Јангер.
Почеток на конфликтот
За потсетување, конфликтот започна на 28 февруари, кога САД и Израел извршија координирани воздушни напади врз цели во Иран, вклучувајќи воени и инфраструктурни објекти. Техеран возврати со ракетни и дронски напади врз Израел и американски сојузници во регионот.
Јангер заклучи дека, иако Иран „имал лоши карти“, досегашниот тек на настаните покажува дека ги одиграл „доста вешто“.
Кус новинарски осврт мотивиран од интервјуто на поранешниот шеф на британската разузнавачка служба МИ6, Алекс Јангер, во британски „Економист“
Иран меѓу притисокот и предноста
- Како Техеран засега води успешна повеќеслојна стратегија во услови на воен притисок и континуирана ескалација
Во современите конфликти победата ретко се мери исклучиво преку територијални добивки или директна воена надмоќ. Исходот сè почесто зависи од способноста на една држава да води повеќеслојна стратегија, како на пример Техеран што води истовремено воена, економска, енергетска и дипломатска. Во таа рамка, некои од аналитичарите од западната безбедносна заедница предупредуваат дека Иран покажува значителна отпорност и адаптивност во услови на засилен притисок од САД и нивните сојузници.
Асиметрична војна наместо директен судир
Иранската стратегија традиционално се темели на избегнување класична фронтална конфронтација со посилни противници. Наместо тоа, Техеран инвестира во дисперзирани воени капацитети, мрежи на сојузнички недржавни актери, ракетни и системи на дронови со различен дострел.
Овој пристап овозможува преживување дури и под интензивен притисок, а истовремено ја зголемува цената на секоја долготрајна воена кампања за противникот.
„Хоризонтална ескалација“ како стратегија
Еден од клучните концепти што ги истакнуваат безбедносните аналитичари е т.н. хоризонтална ескалација. Тоа значи проширување на конфликтот на повеќе фронтови и домени наместо негово продлабочување на едно место.
Во пракса тоа значи напади врз различни географски цели, вклучување индиректни актери и создавање чувство на постојана нестабилност.
Со тоа, Иран не мора да победи во класична смисла, велат аналитичарите, туку доволно е да спречи противникот да постигне брза и јасна победа.
Енергетиката како геополитичко оружје
Еден од најсилните адути на Техеран е неговата позиција во глобалната енергетска архитектура. Заканите за нарушување на клучни поморски рути (како Ормускиот Теснец) имаат ефект далеку надвор од регионот.
Последиците од ваквите тензии веќе стравотно се чувствуваат глобално, како што се раст на цените на нафтата и гасот, притисок врз глобалните пазари и зголемување на инфлацијата во увозно зависните економии.
Токму тука конфликтот добива глобална димензија, при што економските последици се чувствуваат и во земји што не се директно вклучени.
Економска издржливост под санкции
И покрај долгогодишните санкции, Иран разви механизми за адаптација за диверзификација на трговски партнери, неформални финансиски канали и зголемена домашна продукција во одредени сектори. Иако економијата останува ранлива, оваа издржливост ја комплицира стратегијата на „максимален притисок“.
Дипломатска игра на повеќе фронтови
Паралелно со воените и економските аспекти, Иран активно работи на дипломатско позиционирање, како на пример на зајакнување на врските со земји од глобалниот југ, соработка со сили како Кина и Русија и користење наративи за суверенитет и отпор кон надворешен притисок. Кај дел од меѓународната јавност, особено надвор од Западот, овие пораки наидуваат на одреден позитивен одзив.
Перцепцијата како клучен фронт
Во модерните конфликти перцепцијата за тоа како те доживува меѓународната заедница, а особено одредени центри на светска моќ, често е еднакво важна како и реалноста. Ако една страна успее да ја наметне сликата дека е жртва на агресија или дека успешно се спротивставува на посилен противник, тоа може да има значајни дипломатски и политички последици, како сега примерот со Иран. Сепак, реално сега се поставува прашањето дали Иран навистина има предност. Одговорот зависи од тоа како се дефинира „предност“.
Според аналитичарите со кои се консултиравме, доколку успешноста се мери преку способноста за долгорочна издржливост или преку зголемување на цената на конфликтот за противникот или избегнување брз пораз, тогаш аргументите дека Техеран води ефикасна повеќеслојна стратегија имаат тежина.
Во секој случај, по примерот со овој воен конфликт на Блискиот Исток јасно е дека современите конфликти веќе не се водат само на бојното поле туку истовремено и на економските, енергетските, трговските и финансиските пазари, па и во дипломатските сали и во глобалниот медиумски простор.
































