Додека САД вршат притисок врз Иран целосно да се откаже од својата нуклеарна програма, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) со седиште во Виена објави во квартален извештај дека Иран речиси двојно го зголемил количеството збогатен ураниум во споредба со февруари.
Имено, откако американскиот претседател Доналд Трамп во март го повика Техеран на нов нуклеарен договор, и од друга страна израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го повикува Трамп да им се придружи во воениот напад врз нуклеарните постројки на Иран, во тој меѓупериод, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) тврди дека „Иран го зголеми производството“.
Саудиска Арабија изврши притисок врз Иран да се согласи на договорот што е можно поскоро кон средината на април, предупредувајќи дека Трамп не е наклонет кон долги преговори. За возврат, Саудијците ветуваат дека нема да им го отстапат својот воздушен простор на американските сили ако Трамп одлучи да го нападне Иран, напиша „Ројтерс“ во петокот. „Њујорк тајмс“ објави дека Израел планирал да нападне ирански нуклеарни постројки уште во мај, но Трамп не го поддржал тоа. Иранскиот режим одлучи да го забрза збогатувањето ураниум, веројатно за да добие предност во преговорите, објавува „Њујорк тајмс“.

Вашингтон е за целосен прекин на збогатувањето ураниум од страна на Иран, додека Техеран се согласува со делумни ограничувања

Белата куќа вели дека сака целосно демонтирање на нуклеарната програма на Иран, додека Иран сака договор што ќе ја ограничи, но не и целосно да ја укине, во замена за ублажување на санкциите. Во својот извештај, МААЕ предупредува дека Иран до 17 мај стекнал 408,6 килограми ураниум збогатен до 60 проценти, објави АП. Тоа е зголемување од речиси 50 проценти од последниот извештај во февруари. Оружјето бара 90 проценти. Тоа количество би било доволно за десетина атомски ракети. Американските претставници веруваат дека на Иран ќе му бидат потребни меѓу 12 и 18 месеци за да го стори тоа. Според договорот од 2015 година, на Иран му беше дозволено да збогати до 300 килограми ураниум до ниво од 3,67 проценти, што е доволно за цивилна употреба.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, во неделата, телефонски разговараше со Рафаел Маријано Гроси, директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, барајќи од него да се погрижи „одредени партии да не ја користат агенцијата за политички агенди против иранскиот народ“. Иран тврди дека целосно соработува со агенцијата, што, пак, посочува дека иранската соработка е незадоволителна. Извештајот го отвора патот за САД, Велика Британија, Франција и за Германија да извршат притисок врз управниот одбор на агенцијата за да утврдат дека Иран ги прекршува своите обврски за неширење на нуклеарното оружје.
Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, во неделата издаде детален одговор на извештајот на агенцијата. Од 682 инспекции спроведени од МААЕ во 32 земји, 493 биле само во Иран. Иран повторува дека негова цел не е нуклеарно оружје и дека не крие ништо.
Во саботата, Вашингтон му испрати на Иран нацрт-договор. Министерот Арагчи потврди дека шефот на дипломатијата на Оман му презентирал „елементи од американскиот договор“. Иран е подготвен за преговори, но американскиот претседател прво мора да ја исклучи воената опција, истакнува Арагчи. САД предлагаат Иран да престане со збогатување ураниум, како и формирање регионален конзорциум за производство на нуклеарна енергија, во кој САД би ги вклучиле Иран, Саудиска Арабија и други арапски земји, открива „Њујорк тајмс“. Иранските власти ги отфрлаат барањата за запирање на збогатувањето ураниум, инсистирајќи дека имаат право да развиваат нуклеарно гориво за цивилна употреба.

Израел е со тврди позиции – против иранската програма за збогатување ураниум

Во 2018 година, Трамп го повлече потписот на САД од постојниот договор меѓу Иран и шест светски сили во 2015 година, кои имаа цел да ја ограничат и да ја контролираат нуклеарната програма на Иран во замена за укинување на економските санкции што ОН, ЕУ и САД му ги наметнаа на Иран во 2010 година поради сомневања дека се обидува да развие атомска бомба.
Во 2015 година, Иран се согласи на ограничувања на својата нуклеарна програма, давајќи им на инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија пристап до сите нуклеарни објекти на Иран и право да ги испитаат сомнителните локации. Но Трамп го отфрли договорот, тврдејќи дека тој не вклучува балистички ракети. Одлуката на Трамп била под влијание на регионалните сојузници, првенствено Израел. САД повторно воведоа санкции, а Иран, пак, престана да ги почитува обврските од стариот договор. Р.С.