Новата книга со наслов „Нов договор за економски развој“, чии автори се Бранко Азески и Дарко Лазаров, неодамна беше публикувана и јавно промовирана од страна на Стопанската комора на Македонија како најстара и најголема бизнис-асоцијација. Книгата е поделена во два дела. Во рамките на првиот дел се систематизирани сите предлози и барања што Комората ги има иницирано во изминатиот период од 2006 до 2023 година во насока на подобрување на деловните и бизнис-услови во државата за развој на приватниот сектор. Вториот дел од книгата се однесува на новиот концепт за економски развој што го нуди Комората, концепт што се заснова на јасни чекори и политики што треба да овозможат значително забрзување на развојната динамика на македонската економија во наредните десетина години

Нов договор за економски развој! (2)

Конкурентноста и продуктивноста на секоја економија се базирани на квалификуваната работна сила. Не постои можност да развиваме одржлив бизнис-сектор и конкурентна национална економија без квалитетен кадар, кој треба да се создава преку модерен и функционален формален образовен систем и преку современ систем на неформалното образование. Истовремено, врската меѓу науката и бизнисот е основа за креирање иновации и за нивна комерцијализација.
Ние како земја не успеавме да изградиме образовен систем што ќе креира кадар со потребните квалификации и вештини во согласност со потребите на пазарот на трудот, ниту, пак, овозможивме посериозна соработка меѓу науката и бизнисот во насока на забрзување на иновациските процеси и на трансфер на нови технологии. Стопанската комора уште одамна укажа на тоа дека образованието мора да ги следи потребите и трендовите на економијата и барањата на пазарот на трудот. Оттука, адресирајќи ги слабостите на образовниот систем и недоволната посветеност на државата во таа насока, Комората, преку афирмирање и преку примена на дуалното образование, беше предводник во процесот на градење кадар со вештини и со компетенции во согласност со потребите на бизнисот.
Имено, Комората во сиот изминат период, заедно со надлежните институции и со меѓународните донатори, активно и посветено работеше на системско уредување на дуалното образование преку нов закон за стручно образование и обука, креирање уписни политики, осовременување на наставните програми и реализација на практичната настава и преку издигнување на свеста на бизнис-заедницата за вклучување во процесот на стручно образование.
Дополнително, наша цел како Комора во делот на образованието е, секако, зајакнување на соработката со науката, како основа за зголемување на иновациите и за трансфер на нови технологии. Во таа насока, Комората во континуитет гради силни врски со високообразовните институции и преку разни форми и заеднички проекти ја продлабочува меѓусебната соработка.
Образованието и науката ќе бидат уште поважни во следната фаза од економскиот развој на земјата и поради тоа цениме дека како земја треба да посветиме многу поголемо внимание и напори за јакнење на капацитетите и на квалитетот на образовниот систем во делот на средното стручно и на високото образование, како и за подобрување на научноистражувачките потенцијали, со цел забрзување на процесот на креирање иновации и трансфер на нови технологии.

Оттука, наши предлози и барања до идната влада во делот на образованието и науката се:
1. ЗНАЧИТЕЛНО ДА СЕ ЗГОЛЕМИ БУЏЕТОТ НА ДРЖАВАТА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА ДО КРАЈОТ НА МАНДАТОТ. Ова треба да се направи со претходно дефинирани план и временска динамика. Фокусот треба да биде насочен кон подобрување на образовната инфраструктура преку инвестиции во нови и преку модернизација на постојните образовни установи, како и преку инвестиции во нови наставни материјали и опрема.
2. ДА СЕ ФОРМИРА ФОНД ЗА НАУКА И ИСТРАЖУВАЊА што ќе биде задолжен за инвестиции во научни лаборатории, иновациски центри и во научнотехнолошки паркови во рамките на државните универзитети, но тие да бидат поврзани со индустријата и со бизнис-секторот.
3. ДА ПРОДОЛЖАТ ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО СРЕДНОТО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ И ДА СЕ ВОВЕДЕ ДУАЛНИОТ КОНЦЕПТ ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ, особено на техничките факултети, за да се создаде стручен и високообразован кадар во согласност со потребите на бизнисот.
4. ДА СЕ ВОВЕДАТ НОВИ ИНОВАТИВНИ ПРОГРАМИ ЗА ПОДДРШКА НА МЛАДИОТ КАДАР. За таа цел предлагаме воведување на програмата „МОЕ ПРВО ВРАБОТУВАЊЕ“ преку Агенцијата за вработување, со цел поттикнување на младите практиканти за нивно прво вработување во приватниот сектор по завршувањето средно стручно образование и/или високо образование, со цел веднаш да се вклучат во процесите на реалната економија.
5. ДА СЕ ЗАБРЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА СТРАТЕГИЈАТА ЗА ПАМЕТНА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА, со цел градење платформа за соработка меѓу науката и индустријата во делот на развивањето нови производи, воведувањето нови производствени процеси, креирањето и комерцијализацијата на иновациите и на трансферот на технологијата.

РАЗВИЕНА И ФУНКЦИОНАЛНА ПАТНА, ЖЕЛЕЗНИЧКА И ЕНЕРГЕТСКА ИНФРАСТРУКТУРА

Не треба посебно да ги потенцираме важноста и улогата на инфраструктурата во економскиот развој на државата. Развиена инфраструктура значи поголема конкурентност за бизнисот, помали трошоци и побрз проток на стоки, поголема мобилност и подобри деловни услови. Дополнително, инвестициите во капитални проекти и во инфраструктура значат поттикнување на градежниот сектор како еден од главните мотори на економскиот раст.
Пропуштивме многу години во изминатиот период за да се зафатиме сериозно со надминување на инфраструктурните тесни грла, кои сериозно ги нарушуваат конкуренцијата и опстанокот на бизнисот. Ова е нешто што многупати во минатото сме го зборувале како бизнис-заедница и сме се обидувале на конструктивен начин да допреме до секоја влада заради исполнување на стратегиските цели на државата и на економијата за градење соодветна патна, железничка и енергетска инфраструктура. Имено, уште во 2010 година укажавме на тоа дека модернизацијата на инфраструктурата и намалувањето на енергетската зависност треба да бидат наши врвни приоритети како земја и дека без оваа компонента ќе биде значително забавена динамиката на економскиот развој на земјата.
Досега многу влади ветувале историски инвестиции во инфраструктурата, но во реалноста многу малку беше направено во последните три декади од нашето осамостојување. Секоја влада водена од популистички мотиви многу повеќе посветуваше внимание на тековните и непродуктивни трошења, а тоа секогаш било на штета на капиталните инвестиции и на развојната компонента на буџетот.
Дополнително, денес ни се наметнува и потребата од зелена транзиција и од градење економија што ефикасно ќе ги користи своите ресурси со цел обезбедување одржлив развој. Тука особено е важна трансформацијата на енергетскиот сектор во насока на поголемо користење на обновливите извори на енергија и намалување на загадувањето, примена на концептот на циркуларна економија со цел паметно користење и реупотреба на материјалите и на ресурсите, како и воведување нови зелени и еколошки технологии во индустријата, што ќе ја зголеми продуктивноста и ќе придонесе за одржлива животна средина и за подобар квалитет на животот.
Овде е особено важна улогата на државата во насока на интензивирање на инвестициите во енергетскиот сектор, модернизација на инфраструктурата и, секако, подобрување на законските услови за обезбедување енергетска ефикасност и одржливо градежништво, но, секако, и обезбедување услови за соодветен развој на бизнисот и на индустријата како главни двигатели на растот.

Наши предлози и барања до идната влада во делот на градење модерна инфраструктура се:
1. ВОВЕДУВАЊЕ ЗАКОНСКА ОДРЕДБА ЗА МИНИМАЛЕН ПРАГ НА УЧЕСТВО НА КАПИТАЛНИТЕ РАСХОДИ ВО ЦЕНТРАЛНИОТ БУЏЕТ. Тој праг треба да биде 14-15 отсто од буџетот, со што ресорните министри и секоја идна влада директно ќе имаат законска обврска и одговорност за реализација на минималниот износ на капиталните инвестиции како процент од годишниот буџет на државата. На буџет од 5,5 милијарди евра, тоа би значело околу 800 милиони евра годишен износ на средства за капитални проекти или, во согласност со динамиката на раст на буџетот во изминатите 10 години, тоа би значело инвестиции во инфраструктурата и капитални проекти од околу 10 милијарди евра до 2034 година.
2. ПОДГОТВУВАЊЕ НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА ИНВЕСТИЦИИ ВО ИНФРАСТРУКТУРАТА за период од 10 години. Оваа стратегија треба да определи и јасно да дефинира листа на приоритетни капитални проекти во патната, железничката и во енергетската инфраструктура, временски период за реализација и проектирана финансиска рамка. Таа треба да има обврзувачки карактер со институционален механизам за евентуални измени и дополнувања. Истовремено да се формира НАЦИОНАЛНО ТЕЛО во кое ќе бидат вклучени владини претставници, експерти, професори и претставници од бизнис-секторот за следење на реализацијата на капиталните проекти во согласност со стратегијата.
3. АНГАЖИРАЊЕ ПРОФЕСИОНАЛНИ ПРОЕКТНИ МЕНАЏЕРИ надвор од јавната администрација, кои ќе работат на реализација на капиталните проекти во сите области.
4. ЗАБРЗУВАЊЕ НА ПРОЦЕДУРИТЕ ЗА ИЗДАВАЊЕ ГРАДЕЖНИ ДОЗВОЛИ ЗА ИНВЕСТИЦИИ НА БИЗНИСОТ во производствени и во индустриски капацитети.
5. ИНТЕНЗИВИРАЊЕ НА ПРОЦЕСОТ НА ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА со цел обезбедување порамномерен економски и локален развој низ целата држава.

Проф. д-р Дарко Лазаров, раководител на катедрата Економија, Економски факултет – Штип

(Продолжува)