Фото: „Нова Македонија“

Се повикува и на интензивирање на темпото на реформи поврзани со приближувањето кон ЕУ, пред сѐ на зајакнување на владеењето на
правото, зголемување на довербата во правосудниот систем, како и на спроведување на истрагите и на гонењето, но и на конечно завршување на долготрајните судски процеси поврзани со „лица од висок профил“

Главни пораки од предлог-извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија

Македонија преставува добар пример за изградба на мултиетничко општество, но мора да ја зајакне довербата во правосудниот систем, да го интензивира темпото на реформите поврзани со Европската Унија (ЕУ), како и да ја исполни преземената обврска за комплетирање на уставните измени, се наведува меѓу главните пораки во предлог-извештајот за напредокот на земјава на патот кон ЕУ од Пакетот за проширување на Европската комисија, во пресрет на неговото усвојување, кое беше предвидено вчера доцна попладне.
Во извештајот се нагласува потребата од „спроведување со добра волја“ на билатералните договори со соседните земји, односно на Договорот од Преспа и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Се повикува и на интензивирање на темпото на реформи поврзани со приближувањето кон ЕУ, пред сѐ на зајакнување на владеењето на правото, зголемување на довербата во правосудниот систем, како и на спроведување на истрагите и на гонењето, но и на конечно завршување на долготрајните судски процеси поврзани со „лица од висок профил“.
– Треба да (се) продолжи со спроведувањето на реформите поврзани со зачленувањето во ЕУ, пред сѐ оние од кластерот Основни вредности, како судските реформи и борбата против корупцијата и организираниот криминал – се наведува во предлог-извештајот.
Во однос на пристапниот процес на Македонија се потсетува дека првата меѓувладина конференција ЕУ-Македонија, со која беше означен официјален почеток на преговорите за членство, беше одржана во јули 2022 година, а скрининг-процесот по сите шест кластери заврши во декември 2023 година.
– Комисијата со нетрпение очекува брзо и решително следење на скрининг-извештајот за кластерот Основни вредности, вклучувајќи и во однос на патоказите на земјата во согласност со преговарачката рамка, со цел да се отвори првиот кластер што е можно поскоро, кога ќе се исполнат релевантните услови – се наведува во предлог-извештајот на ЕК за земјава.


Србија и Црна Гора постигнале напредок, а сецесионизмот jа кочи БиХ

Србија има добар степен на подготвеност и постигна напредок во создавањето функционална пазарна економија, но сè уште има структурни проблеми кога станува збор за државните субвенции, јавните набавки и јавните претпријатија, оцени Европската комисија во годишниот извештај за напредокот на Србија на патот кон ЕУ, наведуваат регионалните медиуми.
Во извештајот што е дел од Пакетот за проширување, во делот што се однесува на економските критериуми, се оценува дека Србија е умерено подготвена, но дека постигнала одреден напредок во справувањето со конкуренцијата и пазарните фактори во ЕУ.
Црна Гора постигна одреден напредок и е умерено подготвена за развој на функционална пазарна економија. Силниот економски раст и еднократните приходи поддржаа мал буџетски суфицит во 2023 година, но фискалните ранливости остануваат поради високите потреби за јавно финансирање, зголемените каматни стапки и постојаниот притисок врз социјалните трошоци. Понатаму се наведува дека Црна Гора постигнала ограничен напредок и е умерено подготвена да се соочи со конкурентските притисоци и пазарните сили во ЕУ.
Босна и Херцеговина постигна опипливи резултати, но сецесионистичката активност во земјата го поткопува нејзиниот напредок во пристапувањето во Европската Унија (ЕУ). Ова, меѓу другото, се наведува во нацрт-извештајот за напредокот на Босна и Херцеговина на европскиот пат, до кој пристап имаше и Радио Слободна Европа (РСЕ). П.Р.


Евроамбасадорот Рокас и министерот Муртезани ќе го претстават извештајот

Беше предвидено евроамбасадорот Михалис Рокас да им ги предаде копиите од извештајот на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и на премиерот Христијан Мицкоски, како што информираа од Делегацијата на ЕУ во земјава. Денеска, пак, Рокас треба да ги предаде копиите и до претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Рокас и министерот за европски прашања Орхан Муртезани утре ќе извршат презентација на извештајот за Македонија, на прес-конференција во Владата.
Во наредниот период пакетот ќе биде претставен и во Собранието, како и пред граѓански организации. Пакетот за проширување вчера беше усвоен од страна на Колеџот на комесари. П.Р.


Премиерот Мицкоски: Анализи и коментари по официјалното добивање на Извештајот

Премиерот Христијан Мицкоски во пресрет на објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија истакна оти очекува тој да биде сличен како и претходниот извештај, со одредени подобрувања во некои области.
– Овој извештај, од тоа што можам да го добијам како неофицијална информација, опфаќа период од 10 месеци од претходната влада и техничката влада, два месеца од оваа влада и е нешто помал, бидејќи е променет форматот за да биде прегледен за граѓаните и за јавноста. Очекувам да биде нешто слично како и минатиот извештај, можеби во некои области да има некакви подобрувања, но да го добиеме и официјално, па ќе го коментираме – истакна Мицкоски. П.Р.


Претседателката Силјановска -Давкова смета дека е доведен во прашање кредибилитетот на авторот на извештаите

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова очекува извештајот за земјата да биде позитивен, со нотирани промени, но оти нема да биде многу поинаков од минатогодишниот. Спорeд неа, крајно време е земјата да почне преговори, низ призма на Копенхашките критериуми.
– Јас не мислам дека ќе добиеме многу поинаков извештај од минатогодишниот. Не. Мислам дека работите не се смениле прекуноќ. И јас затоа, дури и кога се работи за малцинските права, секогаш сум укажувала, ајде да ги прочитаме 15-от, 16-от, сега 17-от ќе биде, се надевам позитивен извештај, се разбира дека ќе бидат воочени промени. Впрочем, не случајно дојде до промена на власта, меѓутоа не верувам дека ќе се појави нешто, не знам, чудно – оцени претседателката Силјановска-Давкова.
Според претседателката, досега сме имале 16 позитивни извештаи, а не сме почнале пристапни преговори, со што во прашање се доведува и кредибилитетот на пишувачот на извештаите и тоа е нешто за што Советот на ЕУ треба да размисли.