Фото: Игор Бансколиев

Додека во Собранието веќе подолго време, но без некаков видлив напредок, се одвива дебатата за измени во Изборниот законик, при што ставовите на политичките субјекти се менуваат во зависност од нивните моментални позиции, а министерот за правда Никола Тупанчевски уверува дека планот за подготовка на нов изборен законик нема да пропадне, оцените за интегритетот на изборниот процес во земјава и понатаму се, најблаго речено, обесхрабрувачки

ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ИЗБОРНОТО ЗАКОНОДАВСТВО, ЗА ЖАЛ, САМО СЕ ДЕБАТИРА

Откога во неодамна објавениот Глобален извештај за изборниот интегритет, за периодот 2019-2021 година, Македонија беше оценета со индексот 36 од можните сто, според перцепцијата на гласачите, во штотуку објавеното истражување на глобалната асоцијација за истражување на јавното мислење „Галуп“, се покажа дека најмногу од анкетираните сметаат оти „земјава не се управува според волјата на граѓаните“.

Анкета на „Галуп“: Дали земјата е водена според волјата на граѓаните?

Конкретно, на прашањето на „Галуп“ дали сметаат дека земјата е водена според волјата на граѓаните, 39 отсто одговориле дека не се согласуваат и 17 отсто дека во тоа се уверени, додека 33 отсто кажале дека се согласуваат оти со земјата добро се управува, при што осум отсто се во тоа и длабоко уверени. Три проценти од испитаниците не знаеле или одбиле да одговорат.
– По ова прашање, нашата земја е во рамките на светскиот просек, бидејќи 41 процент од испитаниците се согласуваат или многу се согласуваат со изјавата дека нашата земја е водена според волјата на граѓаните, 39 отсто не се согласуваат и 17 отсто многу не се согласуваат со оваа изјава – констатираат од „Галуп“.
На второто прашање поврзано со Македонија, пак, дали изборите се слободни и фер, се согласиле 45 отсто од испитаниците, а десет отсто во тоа биле и уверени. Но 28 проценти од анкетираните не се согласиле со тоа дека изборите се фер и демократски, додека 12 отсто во тоа биле и уверени. На ова прашање не знаеле или не сакале да одговорат четири проценти од побараните.
Констатацијата на истражувачите и по ова прашање е слична на претходната, со забелешката дека ова истражување за демократијата опфатило 45 земји низ светот, со околу 42.000 полнолетни анонимни граѓани.

Какви заклучоци произлегуваат од јавните дебати поврзани со изборниот процес во земјава во изминатиов период

Можеби најдобар одговор на ова прашање покажува последната изјава на самиот шеф на државата, Стево Пендаровски. Тој, на саботната национална дебата за изборните реформи во Македонија, што се одржа во организација на Институтот за европска политика од Скопје, констатира дека, за разлика од првите повеќепартиски парламентарни избори во 1990 година, кога од 18-те политички партии и 43-та независни кандидати, кои учествуваа во изборната трка, беа избрани претставници на 11 партии и тројца независни пратеници, сега, имаме многу понеповолна состојба.
– За жал, низ годините и со модификацијата на изборните модели, од мнозински, прво преку комбиниран во 1998 година, па сѐ до чисто пропорционален со шест изборни единици од 2002-та, се намалуваше плуралноста и според бројките и според содржината, да бидеме реални. Помалите партии или се претопуваа во две-три големи предизборни коалиции или, заедно со независните кандидати исчезнуваа од македонската политичка сцена бидејќи не можеа да го достигнат ниту т.н. природен изборен праг. Прашање што бара сериозна политичка анализа е дали поголемата плуралност во раните 1990-ти значеше и помала политичка поларизација меѓу политичките субјекти и помеѓу граѓаните, и обратно, но, првичниот впечаток е токму таков – објасни Пендаровски, потенцирајќи дека иако ваквиот демократски дефицит не може да биде резултат само на изборниот модел, сепак, неговите специфики имаат свое влијание врз опстојувањето на овие негативни појави во нашиов општествено-политички контекст.
Затоа, тој, како што рече, од почетокот на неговиот мандат ја поддржува иницијативата на неколку политички субјекти за реформа на актуелниот изборен модел.
– Генерално, мојата поддршка беше за создавање пропорционален изборен модел со отворени листи, ова намерно го нагласувам, како и намалување на бројот на изборни единици на целата територија на државата. Во таа прилика ги повикав политичките партии од власта и од опозицијата да ја разгледаат можноста за изборна реформа и со политички консензус да постигнат договор за пропорционален изборен модел со отворени листи, каде што граѓаните ќе имаат можност не само да избираат од политичките партии туку да избираат и кандидати, односно, личности. Инаку, според мене, едно исклучително важно прашање за натамошната демократизација на земјата, отворените листи на кандидати за пратеници, во сите досегашни дебати на оваа тема се неправедно потиснати во втор план во однос на прашањето за бројот на изборните единици – изјави, меѓу другото, актуелниот шеф на државата.

Во Собранието веќе подолго време без некаков видлив напредок се одвива дебата за измени во Изборниот законик

Институтот за европска политика во дебатата за тоа каков треба да биде изборниот систем во земјава и кои реформи во изборниот процес се потребни, вклучи и 150 граѓани од сите осум плански региони во земјава, по што се очекува да бидат сублимирани и нивните мислења.
Во меѓувреме, вреди да се потсети дека и во Собранието веќе подолго време, но без некаков видлив напредок, се одвива дебата за измени во Изборниот законик, при што ставовите на политичките субјекти се менуваат во зависност од нивните моментални позиции.
– Политичките партии често зборуваат дека ги претставуваат интересите на народот и сметаме дека ако навистина ги претставуваат интересите на народот, треба да го изменат овој изборен модел, бидејќи сега народот гласа за политички партии и носители на листи, меѓутоа не и за свој кандидат – ја претстави неодамна ситуацијата претседателот на институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“, Елвис Шаќири, на уште една дебата за тоа во која насока би требало да се движат измените на изборната регулатива.
Министерот за правда Никола Тупанчески, сепак, до пред некој ден уверуваше дека планот за подготовка на нов изборен законик нема да пропадне и покрај проблемите со застапеноста на политичките субјекти во работната група што треба да ги подготви измените и инсистирањето на водечката опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ за спроведување предвремени парламентарни избори.
– Планот не пропаѓа. Напротив, Министерството за правда продолжува да ја реализира сопствената замисла за носење нов изборен законик во кој ќе бидат содржани правилата на изборната игра за изборниот процес кога и да се случува. Најважно во целата работа е што најголемиот дел од политичките партии номинираа свои претставници. Јас верувам дека за кратко време ќе имаме номинации од сите партии – рече Тупанчески.
Тој информира дека веќе е разговарано со неколку луѓе што би требало да ја предводат работната група и кои би биле непартиски личности.
– На овој план верувам дека ќе го одбереме вистинското лице, чија потесна специјалност ќе бидат изборните системи и, се разбира, убаво ќе биде уште некој надворешен експерт да има што ќе му помага во менаџирање на процесот – потенцираше Тупанчески.
Д.М.М.