„Нова Македонија“ стекна увид во алармантни статистики за состојбата со иселувањето од земјава, врз основа на истражување податоци објавени од домашни и странски институции, спроведено од редакцијата, кое ќе го објавиме во неколку продолженија
Редакцијата на „Нова Македонија“ преку анализа и споредба на јавно достапни податоци, наведени од страна на мошне релевантни и еминентни домашни и меѓународни институции, утврди дека заклучно со 2020 година бројот на лицата што се иселиле од Македонија во земјите на прием низ светот (693.900 луѓе) бил поголем во однос на бројот на вработени лица (687.351) во Македонија што го најдовме на 10 јули годинава.
Имено, видно од податок, наведен во соопштение за медиуми (понатаму во текстот: соопштението) од 2 јули, објавено на веб-страницата на Државниот завод за ревизија (ДЗР), во согласност со податоците од Обединетите нации (ОН), во 2020 година во земјите на прием низ светот има вкупно 693.900 отселени граѓани од Македонија. А, во согласност со овој податок што го најдовме на 10 јули годинава, наведен, покрај други податоци, на насловната веб-страница на Државниот завод за статистика (ДЗС), во средината на горниот дел на првата страница, во делот насловен „индикатори“, во Македонија се вработени 687.351 лице за 2024 година.
Меѓународните миграции бележат континуиран пораст
Инаку, во современиот свет во последните неколку децении меѓународните миграции во глобални рамки забележуваат континуиран пораст, а денес нивниот обем е поголем од кога било. Според експертите, причините за овој пораст се повеќеслојни: разлики во социоекономската развиеност и во нивото на животниот стандард меѓу одделни земји, општествено-економската трансформација на политичките системи во одредени земји, политичката нестабилност во одделни региони во светот, повремените војни помеѓу некои соседски земји, желбата да се има подобра сегашност, образование и иднина…
Во услови на континуиран пораст на оваа појава, ова прашање се наметнува со голема важност поради многубројните негативни последици и импликации со долгорочно дејство, кои ги надминуваат краткорочните и недоволно изразени позитивни развојни ефекти. Последиците и импликациите од емиграцијата се многубројни и мошне сложени, а се манифестираат најсилно врз демографскиот и економскиот развој.
Констатираме дека од ова не е имуна ниту Македонија. Иако одамна е познат поразителниот факт дека од земјава со децении илјадници луѓе, од кои голем број млади, секоја година масовно се иселуваат во други земји, неодамнешните бројки што беа споменати во јавноста ги актуализираа(т) црвениот аларм и грижата за тоа кој ќе остане да живее во блиска иднина во Македонија.
Во современиот свет во последните неколку децении меѓународните миграции во глобални рамки забележуваат континуиран пораст, а денес нивниот обем е поголем од кога било. Констатираме дека на овој тренд не е имуна ниту Македонија. Иако одамна е познат поразителниот факт дека од земјава, со децении илјадници луѓе, од кои голем број млади, секоја година масовно се иселуваат во други земји, неодамнешните бројки што беа споменати во јавноста ги актуализираа(т) црвениот аларм и грижата за тоа кој ќе остане да живее во блиска иднина во Македонија
Голем број фактори за иселувањето, кое се смета за клучен демографски проблем
Многубројни се факторите, иако не ни е познато дека јавно, официјално, некогаш биле споменати причините за тоа што сѐ поголем број луѓе мечтаат и/или се трудат да се иселат (постојано или привремено) во странство. Не станува збор само за младите лица и пред сѐ високообразованите кадри туку и многу луѓе што се длабоко навлезени во петтата, па и шестата деценија од животот, како и лица без разлика на степенот на нивното образование и возраст, пол, етничка и/или верска припадност…
Во Македонија високата инфлација го „јаде“ (во пракса, несомнено, е мошне мал) – се претпоставува дека повеќе има(ше) зголемувања за (дел од) вработените во јавниот отколку во (дел од) приватниот сектор – на хартија, номиналниот раст на (нечии) плати. Огромен дел од нашето население мака мачи и се бори да преживее и/или да ги намири основните животни, пред сѐ, здравствени и егзистенцијални (пред сѐ прехранбени) потреби. Според доскорашната перцепција на граѓаните, „во голема мера била присутна бесперспективноста, потоа перцепцијата за висока, но неказнива, корупција, уверувањето дека може да се вработи и/или напредува во работата, (нај)многу како резултат на партиска „обоеност“, а дека, за жал, во пракса (нај)малку се битни пред сѐ квалитетот и ефектот во работата на работникот и степенот и профилот на образование на кадарот.
Гореспоменатите се клучни фактори на кои треба институциите, но и сите општествени чинители, во иднина да поработат со еден интегрален, ефикасен зафат.
Живко Здравковски
(продолжува)