- Комитетот на министри на Советот на Европа усвои протокол во кој бара од земјите потписнички да го криминализираат ширењето расистички и ксенофобичен материјал, како и расистички и ксенофобични закани
- Суштината на проблемот не е во тоа дали Иван (Ванчо) Михајлов е фашист или соработник на фашистите – тоа е општо познат и апсолвиран историски факт. Битието на новата инкриминирана појава е лоцирано во идеолошката матрица на групацијата околу Љупчо Ѓоргиевски, односно т.н. културен центар „Иван Михајлов“ – Битола. Станува збор за луѓе и организирана групација што јавно шират говор на омраза и најдиректно ги нарушуваат чувствата на припадниците на македонскиот народ, предизвикувајќи „омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“
Апсурдностите околу активностите на т.н. културен центар „Иван Михајлов“ – Битола и понатаму продолжуваат, но сега во Основниот суд во Битола. Обвинителката Оливера Нечаковска на судско рочиште во кое е обвинет претседателот на споменатиот клуб, Љупчо Ѓоргиевски, запраша дали во просториите на клубот имало табла со цитат: „Залудни се напорите на маскираната македонска нација да го лаже светот, вистината ќе победи, ваш Иван Михајлов“. Адвокатот Насер Рауфи, бранителот на обвинетиот, најпрво реагираше дека прашањата не биле вкрстени, туку дека се директни, како и дека неговиот клиент се гордее со споменатиот цитат. (?!)
Судовите да бидат подготвени на однапред подготвените провокации на демонстрација на омраза, раздор, нетрпеливост и омаловажување на македонската нација за да можат да реагираат
Според добро упатени во оваа проблематика, колку и да звучи чудно, денес во 21 век да се допушти на јавна сцена во државна институција некој јавно и недвосмислено да ја негира македонската нација, како и нејзините национални особености, е инкриминирано поведение. И на тоа инстантно треба недвосмислено и принципиелно да се реагира. Искажаното се потврдува и од прибраните докази на јавното обвинителство, како што е објавата на Фејсбук дека „македонската нација и јазик не постојат, тие се измислица на фантазии како српската за да се користат како аргументи пред луѓе кои не го знаат ни минатото, ни сегашноста. Денешната таканаречена Република Македонија во себе содржи бројни фалсификати“ или содржината дека „Како што Путин ги создаде Доњецката народна република и Луганската народна република во окупираната област, така Тито ја создаде Mакедонската народна република во нашата окупирана татковина“. (?!)
Дополнително на ова обвинетиот Љупчо Ѓоргиевски јавно истакна дека се чувствува горд што е ванчомихајловист, а според одредени информации, поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски ќе се појави во својство на сведок. Поранешниот премиер во изминатиов период е познат по своите контроверзни ставови за повеќе историски прашања, особено за ликот и делото на Иван Михајлов, велат нашите соговорници. Имено, допуштањето за одвивање на едно вакво сценарио во државна институција, како што е судот, проследено со несоодветна институционална промптна реакција, според нашите соговорници, значи само тешка анемија на судството, агонија на легалитетот и отсуство на вистинска реакција во името на Уставот и законите.
– Суштината на проблемот не е во тоа дали Иван (Ванчо) Михајлов е фашист или соработник на фашистите – тоа е општо познат и апсолвиран историски факт. Битието на новата инкриминирана појава е лоцирано во идеолошката матрица на групацијата околу Љупчо Ѓоргиевски, односно т.н. културен центар „Иван Михајлов“ – Битола. Станува збор за луѓе и организирана групација што јавно шират говор на омраза и најдиректно ги нарушуваат чувствата на припадниците на македонскиот народ, предизвикувајќи „омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“. Од друга страна, ако се земе предвид дека оваа групација се обидува да го рехабилитира Ванчо Михајлов, групацијата се залага за политички ревизионизам, велат добро упатени.
Советот на Европа усвои протокол во кој бара од земјите потписнички да
го криминализираат ширењето омраза и нетрпеливост
Ако се земаат предвид сите јавни настапи и објави што се поврзани со културниот центар „Иван Михајлов“ – Битола може да се заклучи дека станува збор за кривично дело што е именувано „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ (член 394-г) 21, а пропишаната казна е од една до пет години (ст. 1), додека при тешки последици до десет години, или прекршување на членот 319 став 1 од Кривичниот законик, поради предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, велат нашите соговорници.
Одредени аналитичари исто така посочуваат дека активностите на т.н. културен центар „Иван Михајлов“ – Битола се спротивни со европската пракса. Комитетот на министри на Советот на Европа усвои протокол во кој бара од земјите потписнички да го криминализираат ширењето расистички и ксенофобичен материјал, како и расистички и ксенофобични закани. Протоколот конкретно го опфаќа и негирањето на холокаустот и другите геноциди признаени како такви од меѓународните судови, основани од 1945 година, со релевантни меѓународни правни инструменти. Протоколот исто така предвидува дека земјата потписник по негова дискреција може да го гони насилникот ако делото е извршено со намера да поттикне омраза, дискриминација и насилство. Во протоколот исто така се вели дека „Европскиот суд за човекови права јасно стави до знаење дека негирањето или ревизијата на јасно утврдените историски факти – како што е холокаустот – … ќе бидат отстранети од заштитата на членот 10 од членот 17 од Европската конвенција за човекови права“. Со други зборови, личностите ќе можат кривично да одговараат пред судовите и тоа нема да се смета за нарушување на човековите права, односно нема да се смета за нарушување на слободата на говор.
Во примерот со Ванчо Михајлов се негираат и се прават обиди за ревидирање на утврдените историски факти, односно дека тој е фашист и личност што организирала масовни и убиства. Д.Ст.
Иван (Ванчо) Михајлов – терорист и фашист
Иван (Ванчо) Михајлов во историската меморија на македонскиот народ останува запаметен како организатор и наредбодавец на голем број убиства на истакнати македонски интелектуалци и дејци во пресрет на Втората светска војна. Во европската и светската историја останува запаметен како соработник на нацистичка Германија, која ја организирала и финансирала тајната операција „Тевтонски меч“, односно атентатот врз југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ.
По наредба на Михајлов беа убиени и најзначајните санданисти – приврзаници на великиот македонски водач Јане Сандански. Меѓу убиените беа: Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов, Георги Скрижовски и др. Со овие убиства беше ослабено македонското национално движење во пресрет на Втората светска војна. Иван Михајлов во македонската и во бугарската историјата останува и запаметен како наредбодавец на неколку масовни убиства во Бугарија. Во јули и август 1925 година, неговите приврзаници преземаат оружени акции врз жителите на селата Градево и Крупник. Биле убиени повеќе лица, а меѓу нив биле Стоил Груев, Благој Мазнеов, Петар Мазнеов, Јане Маламов, Максим Мирасчиски, Асен Пазов, Борис Туфекчиев, Иван Христов, Јордан Цицков, Стоица Цицков, Стојан Газерски, Ангел Кипров, Партени Партениев, Симеон попов, Костадин Трендафилов, Трошан Трошанов, Крало Цветков, Јосиф Чакалски.
Во почетокот на 30-тите години на 20 век, Иван Михајлов ја продлабочува соработката со хрватските усташи, италијанските фашисти и нацистичка Германија. Од оваа соработка ќе произлезе тајната операција „Тевтонски меч“ – убиството на кралот Александар Караѓорѓевиќ. Голем број историски документи посочуваат дека операцијата била испланирана и подготвувана од водачите на Третиот рајх – Адолф Хитлер, Хајнрих Химлер и Херман Геринг. Директен раководител на тајната операција бил германскиот генералот Ханс Шпајдел, за што сведочат повеќе писма испратени до Геринг.
Во април 1942 година, СС-оберштрумфирерот Рудолф Коб, кој работи за Адолф Хитлер, прво од Загреб, а потоа и од Софија, стапува во контакт со Ванчо Михајлов. Од Михајлов ги добива адресите на неговите луѓе во Софија, кои ќе ѝ користат на германската разузнавачка служба. По завршувањето на Втората светска војна, Иван Михајлов повторно заминува во емиграција, во Рим, каде што останува до својата смрт во 1990 година. Во еден доверлив документ на американската ЦИА од 16 април 1953 година се констатира: „Иван Михајлов е гангстер, терорист на кој не може да му веруваат САД или кој било друг“. Во 1968 година, Михајлов остварува средба со свој соработник и информатор, кој му пренесува детални податоци за Македонија. Во текот на разговорите, Михајлов на својот соработник му пренесува „најнапред да го оштетат или целосно да урнат споменикот на Гоце Делчев во скопскиот парк. Или, на Могилата на непобедените во Прилеп, да им ги симнат главите на спомениците на сите народни херои таму“. Спротивно од ова, како аманет на приврзаници им оставил „на секој 13 јануари, на местото каде што загина Мара Бунева, младите, во знак на помен, треба да оставаат свежо цвеќе“. Д.Ст.