
Како што ни објаснија нашите соговорнички, во текот на трите обуки, од кои првата веќе се одржа во Белгија, ќе биде имплементирана четиридневна програма каде што учениците ќе ги споделат своите истражувања на разни теми, како што се лажни вести, критичко размислување, лидерство и демократско учество, и ќе се вклучат во дискусии во мешани групи за да се поттикнат кроскултурни согледувања водени од наставниците
Средното училиште „Васил Антевски-Дрен“ од Скопје активно партиципира во европски образовен проект
Во проектот „Демократско патување за идни моќни лидери“ што се одвива во рамките на програмата „Еразмус +“ се вмрежени три европски партнер-училишта за стручно образование, обединети за реализација и постигнување на целите на проектот, и тоа СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ – Скопје, Република Македонија, КСД (Католички училишта) – Дист, Белгија, и Државното техничко училиште – Рига, Летонија. За искуствата од учеството во овој меѓународен проект, како и за идните планови, разговаравме со Ива Стојановска Јакимовски – психолог во средното училиште, како координаторка на проектот од македонска страна, и со Николина Киркова, професорка, кои заедно со уште тројца ученици го сочинуваа тимот од Македонија.
– Целта на проектот „Демократско патување за идни моќни лидери“ е да се едуцираат и да се инспирираат младите за демократските процеси, лидерството и активно граѓанство, со што ќе се создадат идни лидери подготвени да придонесат за позитивни општествени промени. Проектот се реализира преку организирање три обуки за учениците, кои би ги негувале демократската ангажираност и лидерството кај идните моќни лидери. Со вклучувањето на учениците како амбасадори и модели во проектот, тие подоцна ќе дејствуваат како катализатори на наученото, инспирирајќи ги своите врсници. Преку проектот ќе се развива демократската култура кај младите преку запознавање со основните принципи на демократијата, владеењето на правото и човековите права, како и поттикнување на критичкото размислување и дебата за општествени прашања. Дополнително, ќе се јакнат нивните лидерски вештини преку обуки за комуникација, тимска работа, носење одлуки и решавање конфликти, а истовремено ќе се поттикнат нивната самодоверба и способност за преземање иницијативи. Издигнувањето на свеста за значењето на демократските вредности би ја поттикнало борбата против дезинформации и би ја зголемило медиумската писменост. Така, проектот ќе игра клучна улога во обликувањето позитивни промени внатре и надвор од училиштата за стручно образование и обука кај сите проектни партнери – вели Ива Стојановска Јакимовски.
Како што ни објаснија нашите соговорнички, во текот на трите обуки, од кои првата веќе се одржа во Белгија, ќе биде имплементирана четиридневна програма каде што учениците ќе ги споделат своите истражувања на разни теми, како што се лажни вести, критичко размислување, лидерство и демократско учество, и ќе се вклучат во дискусии во мешани групи за да се поттикнат кроскултурни согледувања водени од наставниците.
Оттаму, нѐ интересираше какви резултати се очекува да донесе овој проект?
– Со спроведувањето на проектот „Демократско патување за идни моќни лидери“ се очекува да се постигнат конкретни резултати, кои ќе придонесат за развојот на младите како активни и одговорни граѓани. Првенствено, учесниците ќе стекнат зголемено знаење за демократијата, човековите права и граѓанските слободи, што ќе им овозможи подобро разбирање на улогата на демократијата во општеството. Дополнително, ќе се развијат нивните лидерски и комуникациски вештини, што ќе им помогне да станат посамоуверени и поефикасни во носењето одлуки и водењето иницијативи. Очекуваните резултати од проектот ќе опфатат стекнување нови надлежности во демократскиот ангажман и лидерство од страна на учениците, кои, според претходно изработен план, активно ќе ги споделуваат своите размислувања и идеи со нивните врсниците и пошироката образовна заедница. Имплементацијата на нивните идеи може да создаде позитивни промени во училиштата и пошироко. Овие иновативни идеи, преточени во привлечен формат за младата публика, се очекува да создадат трајно влијание. Зголемување на свесноста за важноста на критичкото размислување и медиумската писменост ќе помогне во препознавање и спречување на дезинформациите и манипулациите во јавниот дискурс. На крајот, проектот ќе има долгорочно влијание врз учесниците, поттикнувајќи ги да бидат активни чинители во процесите на општествени промени и да ги промовираат демократијата и граѓанското учество во нивните локални заедници – вели Николина Киркова.
Интересно беше да се споделат искуствата од размената во училиштето во Дист, Белгија.
– Темата на која работеа учениците и нивните наставници во училиштето во Белгија беше „Критичко мислење и борба со лажни вести: Како да ги препознаеме и спречиме?“. Низ четиридневната обука учениците работеа на препораки што би помогнале во спречување на ширењето лажни вести преку развивање на вештините за критичко размислување. Низ креативните работилници учениците создадоа пет уникатни препораки за спречување на ширењето лажни вести и 10 предизвици што наставниците може да ги користат за да ги развијат вештините за критичко размислување кај своите ученици. Предизвиците може да се работат за време на часовите, со ученичките заедници низ училиштето или индивидуално со ученици што покажуваат интерес. Уште еден продукт што произлезе од овој тренинг беше видеоматеријал составен од секое училиште посебно на темата „Борба со лажни вести, последици од лажните вести и можни начини за спречување на истите тие“ – додава Стојановска Јакимовски.
Нашите соговорнички истакнуваат дека четирите дена поминати во Белгија и можноста да се посети Европскиот парламент во Брисел биле од клучно значење за учениците и наставниците, „особено што нашето училиште има правна насока, која меѓу другото ги едуцира учениците за правото, европското право, меѓународно право, демократија и демократското учество“.
– Учениците и наставниците имаа можност одблиску да се запознаат со функционирањето на највисокото законодавно тело на Европската Унија. Во пленарната сала тие се информираа за законодавните процеси што влијаат на сите земји членки на ЕУ, да поставуваат прашања и да добијат информации од стручните лица вработени во Европскиот парламент. Една од поважните точки на дискусијата беше креирањето на политиките што имаат влијание на сите земји, потоа човековите права, економските прашања, глобалните и европските проблеми – потенцира Стојановска Јакимовски.
Бевме информирани дека во текот на април проектот продолжува со сесија во Скопје, но засега не е докрај дефинирана целосната програма. Тече координацијата со европските партнери, па набргу и јавноста ќе биде информирана за она што ќе се работи во Скопје и каква програма ќе биде подготвена за гостите. Н.М.