Поранешниот претседател и премиер Бранко Црвенковски вчера на трибината „Северна Македонија помеѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес – можно ли е побрзо членство во ЕУ?“ упати критики за бавниот процес на евроинтеграциите на Западен Балкан. Новата методологија за преговори што ја предложи Франција, според него, нема резултати бидејќи процесот или стои во место или има симболичен напредок, а Македонија проблемот не треба да го гледа само од аспект на проблемот со Бугарија туку пошироко. Затоа, тој предлага нова стратегија за евроинтеграциите, за што вчера ја промовираше иницијативата, која значи регионот да побара од Брисел пристап до заедничкиот пазар и европските фондови.
Поедноставен пристап до ЕУ-фондовите
– Што е тоа што во оваа фаза за нас земјите од Западен Балкан е најбитно, а во исто време не задира во и онака комплицираното одлучување во рамките на ЕУ? Тоа е пристап до заедничкиот пазар и до европските фондови. Најдиректно кажано, иницијативата би се однесувала на овозможување на овие две цели. Ќе напоменам, за да нема никаква заблуда, ова не би било никаква алтернатива или супституција на полноправното членство во ЕУ. Напротив, тоа би бил еден меѓучекор или преодна фаза, која би го олеснила остварувањето на таа цел – рече Црвенковски.
Поранешниот претседател на настанот презентира два начина како да се постигне оваа цел. Едната, како што рече, е да се искористи постојната Европска економска област. Втора варијанта со која би се избегнале сложените процедури за прием на нови членки во европската економска област, а истовремено би се овозможил и пристап до европските фондови, според него, е доколку ЕУ истовремено потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан и со него би се овозможило учество на заедничкиот европски пазар и можност за користење на европските фондови.
Доколку нема промени во евроинтегративната методологија, нема простор за оптимизам
Во ваква ситуација како сега, односно ако нема промени, поранешниот претседател вели дека не е оптимист и дека би можело да има напредок и во наредните неколку години.
– Сево ова го говорам затоа што сметам дека во креирањето на нашите политики во однос на евроинтегративниот мора да го имаме предвид и поширокиот контекст, а не сѐ да се сведува само на проблемот со Бугарија. Фактите говорат дека интеграциите во однос на целиот регион на Западен Балкан се во застој со повремени мали чекори. Според мене, во овој момент не постои простор за поголем оптимизам ниту за наредните неколку години – рече Црвенковски.
Амбасадорската трибина „Северна Македонија помеѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес – можно ли е побрзо членство во ЕУ?“ беше организирана од страна на здружението за надворешна и меѓународна политика Совет на амбасадори и Кабинетот на поранешниот претседател Бранко Црвенковски. Р.Н.М.