Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ставовите зошто е одбиено посредништво од страна на земја претседавач со ЕУ изнесени во соопштението на бугарското МНР се целосно спротивни на принципите на Унијата, што јасно говори за вистинските намери на бугарската страна. Прво, ако процесот на евроинтеграции се одвива според заслугите, како што тврди бугарското МНР, тогаш тоа подразбира оцена на реформите во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, а не дискусија за идентитетот, историјата или јазикот на еден народ. Второ, ЕУ во повеќе наврати посредувала и досега, вклучувајќи и за Бугарија кога беше земја кандидат, така што и таа теза на бугарското МНР отпаѓа

По одбивањето на Софија за посредништво по точките што ги оддалечуваат Македонија и Бугарија

Секоја соработка меѓу две земји, особено кога станува збор за соседи, подразбира тие отворено и искрено да разговараат за сите прашања од заемен интерес, но исто подразбира и отворено да се разговара за меѓусебните проблеми и преку тие разговори да се наоѓаат решенија кои што би биле од заемен интерес и на ничија штета.
Таквиот пристап е одраз на вистински пријателски односи меѓу две земји, додека сѐ друго е наметнување на волјата само на едната страна, што е далеку од некакво вистинско и искрено пријателство.
Токму таков ригиден и цврст став да не разговара со Македонија во последниот период манифестира официјална Софија, одбивајќи секаков обид за воспоставување некаков канал за комуникација преку кој би се размениле идеи за тоа како да се надмине јазот што настана меѓу двете земји, кој се заканува да ги втурне македонско-бугарските односи до точката од која повеќе нема враќање.
Одбивањето воопшто да се разговара и да се наметнува наративот дека работата е завршена и дека нема за што повеќе да се разговара говори само за задните намери на бугарската страна, која очигледно го потпишала Договорот за пријателство и соработка без „бона фиде“, односно го користи како легална алатка за уцена на Македонија.
Тука треба да се бараат причините зошто Софија експресно ја одби понудата на унгарскиот премиер и претседавач со Европската Унија, Виктор Орбан, за посредување во спорот меѓу Македонија и Бугарија, со образложение дека посредништво не е дозволено меѓу Унијата и земја кандидат.
– Процесот на европска интеграција се заснова на сопствените заслуги и не допушта посредување меѓу ЕУ и земја кандидат. Единствената гаранција за успех е исполнувањето на воспоставените критериуми и услови – се наведува во соопштението на бугарското МНР.
Соопштението од бугарското МНР всушност е најјасната потврда дека Софија не сака никакви разговори бидејќи веќе има утврдена цел кон која отворено стреми, бришење на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја, во замена за продолжување на евроинтеграциите под нов идентитет воспоставен од 1944 година.

Ставовите на бугарското МНР не држат вода

Ставовите зошто е одбиено посредништво од страна на земја претседавач со ЕУ изнесени во соопштението на бугарското МНР се целосно спротивни на принципите на Унијата, што јасно говори за вистинските намери на бугарската страна.
Прво, бугарското МНР тврди дека процесот на европска интеграција се заснова на сопствените заслуги, што подразбира оцена на реформите во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, кои се дел од клучното поглавје – темелни вредности. Во темелните вредности никогаш немало место за прашања од историјата, за потеклото на јазикот на еден народ или, пак, за неговиот историски наратив. Тоа го покажаа примерите со зачленување на сите земји од источниот блок во ЕУ, при што единствен критериум за преговарање и членство беа копенхашките критериуми. Полско-германската историска комисија и ден-денес разговара за отворени прашања, но исклучиво врз научна основа, без вметнување какви било обврзувачки протоколи во преговарачката рамка.
Со други зборови, ако се оценуваат сопствените заслуги, тогаш Македонија треба да се оценува според сопствениот напредок во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Второ, целосно паѓа во вода тезата на бугарското МНР дека процесот на европска интеграција не дозволува посредување меѓу ЕУ и земја кандидат. Напротив, се покажа дека низ годините токму ЕУ посредуваше со повеќе земји кандидати, како начин за надминување на пречките и забрзување на процесот на проширување.
Колку за потсетување, пред нешто повеќе од десетина години ЕУ беше посредник во територијалниот спор меѓу Словенија, како земја членка на Унијата, и Хрватска, земја кандидат. Благодарение на ЕУ, проблемот со помош на посредништво беше надминат така што се договори арбитражна комисија, која и денес ги утврдува фактите на терен, повеќе од 10 години откако Хрватска е член.
Официјална Софија веројатно заборави дека и Кипар влезе во Унијата откако претходно ЕУ одигра некаква посредничка улога со некои земји членки што се противеа во Унијата да влезе територијално поделена земја.
Да биде апсурдот уште поголем, ЕУ посредуваше и за самата Бугарија, која првично беше одбиена од некои земји членки да стане полноправна членка во 2004 година бидејќи тие оцениле оти државата според степенот на корупција и според невладеењето на правото не заслужува членство. Токму Брисел, заедно со САД, беше посредник во пеглањето на разликите меѓу Бугарија и дел од земјите во ЕУ, за на крајот бугарското зачленување во ЕУ да се случи во 2007 година исклучиво со политичка одлука, без целосно да се исполнат критериумите.
Овие аргументи јасно говорат дека официјална Софија го злоупотребува членството во ЕУ само заради скриени цели што не соодветствуваат со европските принципи и воопшто со светогледот на 21 век.

Бугарија да не ја одбива подадената рака за соработка и за разговор

Некои од експертите сметаат дека без оглед што Софија излезе со ригиден став околу евентуалното посредништво од страна на ЕУ, тоа треба да ѝ се припише на нервозата што владее на бугарската политичка сцена во пресрет на тамошните избори и неможноста да формираат политичка влада.
– Никој од актуелните бугарски политичари во овој момент не сака да прифати какво било посредништво од страна на ЕУ или, пак, директни разговори со македонската страна, бидејќи тоа ќе значи губење гласови на претстојните избори. Добро би било Македонија како тема што помалку да биде присутна во бугарското предизборие, но добро е Бугарија конечно да добие политичка влада, па потоа да се создаде амбиент за меѓусебни средби и градење доверба меѓу двете влади и двете земји, бидејќи на сите им е јасно дека креирањето вакви непријателски односи не е добро за ниту една страна. Се најдовме во позиција македонските граѓани да ја доживуваат Бугарија како најголема закана и тоа не е добро, а не е ниту природно бидејќи Бугарија и Македонија од 1990-тите години наваму имаа добри меѓусебни односи. Ако постојат разум и волја од бугарска страна, тогаш може да се прифати некакво посредништво од страна на ЕУ или, пак, уште подобро, и без посредници самите да седнеме и да најдеме решение за излез од ќор-сокакот, решение со кое сите ќе бидат задоволни и нема да се чувствуваат онеправдано и навредено. ЕУ е свесна дека Македонија е обесправена и изиграна, така што нема да има ништо против да ја исправи грешката така што ќе помогне да се најде некакво креативно решение за македонско-бугарскиот спор и така да се откочи целата работа – посочуваат експертите.
Дел од нив смета дека официјална Софија требало да биде малку помудра околу посредничкиот предлог даден од страна на унгарскиот премиер Орбан.
– Можеби некој во моментов ликува во Софија и смета дека Бугарија му удрила шлаканица на претседавачот со ЕУ и покажала став, но наскоро ќе треба да се одлучува околу бугарската апликација за влез во еврозоната и за проширен опфат на шенгенот, така што да не се изненадат бугарските политичари од шлаканица врз својот образ. Мудра дипломатија секогаш ги остава подотворени вратите за соработка, а во случајов и за посредништво, па потоа одлучува дали е прифатливо посредништвото или не. Бугарија избрза со одбивањето на унгарскиот предлог, а објаснувањата на бугарското МНР дека тие се воделе според индивидуалните постигнувања на секоја земја и за тоа дека ЕУ не посредувала се несериозни – заклучуваат соговорниците.