На 17 јуни на 77-годишна возраст ненадејно почина Иван Андреевски-Маче, познат новинар и уредник во Македонската телевизија, учител и ментор на генерации новинари.
Роден е во 1947 година во Доленци, Демирхисарско. Андреевски својата кариера ја почнува во Радио-телевизија Скопје, веднаш по завршувањето на Факултетот за политички науки во Белград во 1971 година, како новинар во документарната редакција, работејќи на репортажи, документарни филмови и фељтони.
Основач е на скопската програма и утринската програма на Македонската радио-телевизија. Бил директор и одговорен уредник на Телевизија Скопје од 1986 до 1990 година, бил ангажиран како дописник за „Ројтерс“, „Слободна Европа“ и „Јутел“. Бил претседател на Советот на ЈРТ.
Од 1997 до 2006 година беше претседател на Здружението на новинари на Македонија. Беше и член на Советот за радиодифузија. Добитник е и на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“.
Засекогаш ќе остане запаметен како учител и ментор на генерации новинари што првите чекори во професијата ги правеа токму под будното око на Андреевски. Голем број новинари што минаа низ неговата обука во рамките на Македонската телевизија вчера се простуваа од него на социјалните мрежи.
Погребот, по негова желба, ќе биде на селските гробишта во неговото родно Доленци в петок, на 21 јуни.