Уште една дилема во врска со актуелните протести што се шират во државите од регионов

  • Тежишната точка на протестите не е корупцијата, туку недоволната или селективна послушност (на владите на државите во регионот на Југоисточна Европа) кон политиките на актуелен Брисел. Историски, моделот, или поточно формулата, е познат: Реален проблем (пр. корупција)+медиумска и НВО-инфраструктура+стимулирање граѓанско незадоволство=контролиран притисок врз власта
  • Во моментот кога геополитичкиот интерес станува пресуден, а политиките во одделните држави ќе го поминат бриселското ниво на толеранција, односно владините политики на државите во регионов во голем дел нема да му одговараат на либералниот мејнстрим од Брисел, тогаш работите во делот на поттикнувањето протести и улична демократија – почнуваат

Во изминатиот период, Југоисточна Европа беше зафатена од бран протести што јавно се декларираат дека се против корупцијата, против небрежноста и отсуството на политичка и институционална одговорност итн.
Иако на прв поглед изгледаат како одвоени национални кризи, во протестите во Србија, Бугарија и во Романија очигледно не само што се забележува заедничка фасада туку со една подлабока анализа се открива и подлабока заедничка идеолошка нишка.
Ако навистина корупцијата беше вистинскиот и единствен мотив за протестите во регионов, тогаш логично е прашањето зошто нема масовни и долготрајни протести од ист обем во Црна Гора, Албанија, Грција или во Хрватска? Фактите се непријатни, но со јасен показател:
– Албанија со години е симбол за корупција, клиентелизам и организиран криминал – без сериозен меѓународен притисок за промена на власта;
– Грција е класичен пример на институционална корупција, медиумска контрола и судски скандали – но останува „стабилен партнер“;
– Хрватска редовно има корупциски афери на највисоко ниво, но без уличен притисок со геополитичка тежина.
Тогаш, зошто таму изостанаа протестите?!

Каде избувнуваат протестите – и зошто?

Ако ги погледнеме земјите каде што протестите се најсилни:
Србија – води балансирана политика, одбива да воведе санкции кон Русија, игра меѓу Исток и Запад;
Бугарија – внатрешно поделена, со нестабилни коалиции и силни економски лобија што не секогаш се усогласени со Брисел;
Романија – иако формално про-ЕУ, има моменти на отпор кон надворешното влијание од Брисел, особено во судството и безбедносниот сектор.
Во еден ваков контекст, недвосмислено се воочува дека тежишната точка на протестите не е корупцијата, туку тоа е недоволната или селективна послушност (на владите на државите во регионот на Југоисточна Европа) кон политиките на актуелен Брисел. Историски, моделот, или поточно формулата, е познат:
Реален проблем (пр. корупција)+медиумска и НВО-инфраструктура+стимулирање граѓанско незадоволство=контролиран притисок врз власта.

Улогата на „демократските сили“ со либерална провениенција

Сепак и покрај горната констатација, мора де се издвои фактот дека во споменатите држави во регионот не се измислува незадоволството – тоа постои. Но се канализира, се фокусира и временски се активира. Никој сериозен аналитичар не тврди дека протестите се „измислени“. Тврдењето е дека тие се засилуваат во вистинскиот момент, медиумски селективно се интернационализираат, а се легитимираат како морално апсолутни, без простор за нијанси. Така, очигледно корупцијата станува алатка, не цел. Во моментот кога геополитичкиот интерес ќе стане пресуден, а политиките во одделните држави нема да му одговараат на либералниот мејнстрим од Брисел, тогаш работите во делот на поттикнувањето протести и улична демократија ќе се менуваат: ќе се поттикнуваат/подбуцнуваат и на сите можни начини ќе се мотивираат граѓаните кога тоа е потребно и обратно, ќе се смируваат граѓаните на соодветен начин тогаш кога протестите не се потребни. Во врска со ова нашите соговорници имаат интересни аргументи со кои ја поткрепуваат оваа теза.
– Демократијата во пракса често не е универзален принцип, туку селективна алатка. А улицата, во такви случаи, не е секогаш само глас на народот – понекогаш е и јазик на идеолошката борба и глобалната геополитика од познати центри на моќ. А што се однесува до Македонија, прашањето не е дали може, туку дали постојат услови. А тие, во овој момент објективно, постојат. Затоа, треба да се забрзаат системските реформи. Македонија со години акумулирала хронична недоверба во институциите поради нивната дисфункционалност. Македонија акумулирала случаи на неказнивост и случаи на висока корупција дури и од доскорешен претседател на Владата и од негови најблиски соработници и семејство. Значи, постојат одамна вкоренети предуслови и новите власти треба да ги расчистат во најитни постапки и со ригидни зафати. Во тој контекст, треба да се издвои дека бриселските елити чувствуваат дека новите власти во Македонија веќе не ги земаат европските политики и ултиматуми „здраво за готово“. Дека по многу прашања, сега се дава отпор и не се прифаќа сѐ – ан-блок. И затоа, токму тоа може да биде причина за однадвор да бидат вклучени сите механизми и инструментариуми за да се дисциплинираат власта и државата. Во ситуација кога и од Брисел и од соседните центри има незадоволство и отпор на политиките од страна на официјално Скопје, тогаш може да се очекува активирање алатки за активирање инциденти, немири или насилства, кои ќе бидат прикажани дека се „хибридни закани и влијанија“ од трети земји. Постои извесна веројатност дека ќе се генерираат протести, на ист начин како што се прави тоа во регионот, со познатиот отпечаток на „црвена дланка“.
Токму затоа, „државата треба да биде свесна и да работи на капацитетот на граѓаните да препознаат и да надминат провокации што би биле во насока на продлабочување на граѓанската поларизација“, велат нашите соговорници, акцентирајќи дека една од најдобрите превентиви за развивање имунитет и да не се прелеат протести со различни заднини е што поскоро и што подлабоко „реформски сериозно и бескомпромисно да се настапи во сите сфери на дијагностицираните системски слабости“, неселективно и посветено. П.Р.