Според мислењето на сите наши соговорници на темата за „феноменот – нестабилност и негова постојаност во земјите во регионот“, две констатации од разговорите беа исклучително интересни. Првата е дека „нестабилноста се толкува како показател за неподготвеноста на регионот за членство во ЕУ“ и второ, дека „заедничкиот фактор за дестабилизирачки инциденти на Балканот излегува на виделина“. Она што и понатаму е неразбирливо и неприфатливо во стратегијата на креирање безбедносни кризи од етнички карактер е фактот што се покажува дека истото тоа е „неефикасно и штетно и за оние што ја применуваат оваа тактика за предизвикување нестабилност од каков било карактер и, секако, за оние што се вовлечени во неа“! Никоја од земјите од регионот на Западен Балкан не е поблиску до ЕУ по ниту една конструирана безбедносна криза!
Повод: Креирање на нестабилноста во регионов
Регионот Западен Балкан, кој Европската Унија и меѓународната заедница го перципираат како целина, но го „менаџираат“ поединечно, на безбедносен план во голема мера функционира по принципот на сврзани садови. Речиси извесно е дека тензиите и политичко-безбедносните предизвици во една или меѓу две држави во регионот, во одредена форма и на некој начин ќе „избијат“ и кај нивните соседи, главно сите со аспирации и во процес на евроинтеграции. Таквата „појава“ во меѓусебните односи на земјите од Западен Балкан, ЕУ најчесто ја користи како аргумент и оправдување за нивната неподготвеност за членство во Унијата.
Извежбан трик со креирање безбедносни кризи
Како главен катализирачки фактор, кој во колоквијалниот говор се нарекува „подбуцнувачки“, за политичко-безбедносно загрозување на регионот, и меѓународните и регионалните политички аналитичари првично ги наведуваат „непомирливите релации“ меѓу Србија и Косово. Секоја ескалација на овој однос, речиси редовно се рефлектира и кај албанскиот фактор во Македонија, што најекстремно се манифестираше во оружениот конфликт во 2001 година, две години по бегалската криза во Косово во која Македонија згрижи околу 350.000 косовски бегалци. И 23 години подоцна, се чини дека креирањето безбедносни кризи (со помал или поголем интензитет) е извежбаниот трик на албанскиот фактор во регионот.
Неодамна, како нова епизода во „контролирано“ (од меѓународната заедница) тензичните односи меѓу Косово и Србија се случи косовската полиција да затвори девет објекти на Поштата на Србија на северот на Косово. Акцијата е спроведена, според заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Ељшани, по информации добиени од страна на Регулаторниот орган за електронски и поштенски комуникации дека стопански оператори работат на територијата на Косово без дозвола и без регистрација во Агенцијата за деловни регистри на Косово.
Српска листа, најголемата партија на Србите на Косово, уште веднаш ја осуди акцијата на косовската полиција со оцена дека ги „крши договорите постигнати во Брисел во 2015 година под покровителство на Европската Унија“.
– Со тоа се поништуваат целиот дијалог и неговото значење, а ЕУ го уништува својот и онака слаб авторитет и углед што го има во очите на српскиот народ – беше наведено во соопштението на српската партија на Косово.
На оваа акција во Косово, со затворање на објектите на Поштата на Србија, прво реагираше Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Приштина, која изрази разочарување поради некоординираната акција на косовските власти. Според објавата, со оваа акција владата на косовскиот премиер Албин Курти ја поткопува регионалната безбедност.
– Владата на САД е длабоко разочарана од едностраните, некоординирани акции преземени од Владата на Косово против филијалите на српските пошти на северот на Косово. Некоординираните акции на Косово ги ставаат косовските граѓани и војниците на КФОР во поголем ризик, непотребно ги ескалираат регионалните тензии и го поткопуваат угледот на Косово како доверлив меѓународен партнер. Ја повикуваме Владата на Косово да престане со какви било натамошни еднострани дејства и да се врати на конструктивен ангажман во дијалогот олеснет од ЕУ за решавање на прашањата поврзани со нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија – порачаа од американската амбасада во Приштина.
Но американската реакција не остана само на ниво на амбасадата во Косово туку подоцна се огласи и Стејт департментот. Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, ја охрабри Владата на Косово да се врати кон близок и конструктивен ангажман со Соединетите Американски Држави и Европската Унија, нагласувајќи дека „континуираните некоординирани одлуки што ги преземаат властите во Косово ги загрозуваат сите можности што Вашингтон помогна да се создадат“.
– Ние веруваме дека тие одлуки ги загрозија можностите што му помогнавме на Косово да ги создаде. Ако ги погледнете настаните од независноста на Косово, САД силно ја поддржаа целосната интеграција на земјата во меѓународната заедница како суверена мултиетничка демократија, соработувавме со успешните политички лидери на Косово за мерки што ги зајакнаа мирот и просперитетот во земјата додека Косово напредуваше на евроатлантскиот пат – изјави Милер, како реакција на Стејт департментот за акцијата на косовските власти со затворањето на објектите на Поштата на Србија, во северниот дел на Косово.
Речиси во исто време кога е спроведена акцијата со затворање на српските пошти на северот од Косово, косовските власти уапсија пет лица осомничени за воени злосторства во регионот на Гњилане, соопшти Специјалното обвинителство на Косово.
Обвинителството тврди дека тие биле уапсени во заедничка акција на безбедносните институции, која доаѓа по повеќемесечна истрага. Лицата, наводно, биле вклучени во воени злосторства како што се убиства, ранување и малтретирање цивили во селата Ловце, Подграѓе и Угљаре во април 1999 година.
Исто како и за поштите, веднаш реагираа од Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово, кои објавија дека Србите се уапсени без причина и побара тие да бидат ослободени. Партијата во соопштението вели дека се работи за „политички мотивирано апсење“. Таа го смета за одговорен косовскиот премиер Албин Курти, кого во соопштение за медиумите го обвини за „институционално насилство и терор“ врз Србите.
Индикативно временско совпаѓање на инцидентите во „косовска продукција“
во Македонија
Иако нема некоја логична поврзаност со акциите на косовските власти во ескалирањето на нивните односи со тамошното српско малцинство и со Србија, сепак идникативно е временското совпаѓање на суетниот инцидент што претседателката на Косово, Вјоса Османи, го предизвика на скопскиот аеродром, предизвикувајќи своевиден скандал и обид за компромитирање на билатералните односи со Македонија. Нејзиното одбивање да се подложи на процедурата на безбедносна контрола (меѓународно утврдена и задолжителна во авиосообраќајот) на рачниот багаж и мобилниот телефон на скопскиот аеродром, дополнително предизвика бранувања во внатрешниот македонски политички амбиент, што резултираше со суспензии и кривични пријави за македонски полициски службеници, кои се обиделе несоодветно да ја задоволат суетата на косовската претседателка, преку дебати и иницијативи за политичка одговорност, до разгорување вербални „престрелки“ со соопштенија и изјави за некаква поголема „етничка“ лојалност на албанските политички партии во Македонија спрема косовската претседателка… Сето тоа ставено во контекст на „иницијативите“ на опозициската партија ДУИ (со довчерашно 22-годишно практикување на владејачки фактор во Македонија) за озаконување на некаков „етнички легитимитет“ при формирање влада во Македонија, па дури и со најави за протести пред македонските институции – некако симптоматично оди во прилог на перцепцијата за дејствување во насока на креирање амбиент за безбедносни закани, и тоа во интерес на некаква етничка регионална кауза. Со создавање безбедносни ризици, албанскиот фактор во регионот (и покрај сета декларативна посветеност за брзо евроинтегрирање) само се профилира како „фактор за дестабилизирачки инциденти“.
Она што и понатаму е неразбирливо и неприфатливо во стратегијата на креирање безбедносни кризи од етнички карактер е фактот што се покажува дека е крајно штетен и за оние што ја применуваат и, секако, за оние што се вовлечени во неа. Никоја од земјите од регионот на Западен Балкан не е поблиску до ЕУ по ниту една конструирана безбедносна криза!