Фото: „Нова Македонија“
  • Како бриселските европски елити јасно демонстрираа дека ветото не е непремостлива правна пречка, туку политички инструмент што се користи селективно – според интерес

Последните одлуки на Европската Унија поврзани со Украина конечно го осветлија она што со години беше туркано под тепих. Со заобиколувањето на унгарското вето и продолжувањето на техничките преговори со Киев, Брисел јасно покажа дека ветото не е непремостлива правна пречка, туку политички инструмент што се користи селективно – според интерес.

Правилата се исти, ама не за секого!?

Со еден потег, Европската Унија го урна сопствениот наратив што со децении ѝ го продаваше на Македонија: дека ништо не може да се направи додека постои вето, дека правилата се исти за сите и дека долгото чекање пред европските порти е наша вина.
Фактите денес говорат поинаку. Кога Европската Унија има интерес од некоја држава, таа наоѓа механизми, формули и правни решенија како да ја привлече, да ја интегрира, да ја асоцира кон себе. Обратно, кога Брисел не сака – тој создава нови услови, нови толкувања и нови блокади. Украина, земја во активна војна, со сериозни институционални и корупциски предизвици, напредува на европскиот пат. Македонија, држава што направи радикални и болни компромиси без преседан во современа Европа, и понатаму останува закована на стартната линија?!
Ова не е спор против Украина. Напротив. Ова е разобличување на европскиот двоен аршин.

Да биде препознаен бриселскиот (неолиберален) двоен аршин

– За Македонија, ветото беше третирано како апсолутна и непробојна пречка. За Украина, ветото стана „техничко прашање“. За Македонија, историјата, јазикот и националниот идентитет беа внесени во преговарачката рамка. За Украина, вакво нешто би било незамисливо – велат нашите соговорници, универзитетски професори, со кои го отворивме принципиелно прашањето во врска со тоа дали постои „политика на два колосека“ од страна на ЕУ, поточно од институциите и високите функционери на Унијата.
Оттука, заклучуваат соговорниците, станува јасно дека проблемот никогаш не биле реформите, владеењето на правото или европските вредности. Проблемот бил – политичката одлука.
– Да бидеме начисто. Преку некои наши соседи, Европската Унија (поточно либералните европски елити) со години толерираше, а во одредени моменти и охрабруваше процес на притисоци што директно задираа во темелите на македонската државност. Сето тоа беше спакувано во наративот за „европски услови“ и „добрососедство“. Денес, со примерот на Украина, станува јасно дека тие услови не биле принцип, туку алатка – е ставот на нашите соговорници, кои во јавноста порачуваат дека е штета што не сме научиле ништо од историјата во која има мноштво примери од европскиот цинизам и лицемерство, демонстрирано преку европските највисоки носители на власт (шефови на држави и влади или монарси) или европски сојузи и алијанси. Цинизмот на Европската Унија денес е видлив и неоспорен.

Да не живееме во илузија дека некој ќе се придржува до некакви принципи, правила, критериуми…

Ноторен факт е сега дека „земја во војна може да напредува, а земја што ги исполни сите побарани политички жртви – мора и понатаму да чека“. Тоа не е политика на вредности, туку политика на интереси.
Затоа, според соговорниците, „време е да престанеме со самозалажувањето“. Ова не е прашање дали сме „за“ или „против“ Европската Унија. Ова е прашање на реалност и достоинство. Само со трезвена анализа и со признавање на вистината можеме да донесуваме одлуки што ќе бидат во интерес на државата, тврдат тие.
– Вистината е едноставна и денес очигледна: кога Европската Унија сака – нема вета. Кога не сака – има илјадници механизми за блокада. Сè додека живееме во илузијата на европската еднаквост, ќе продолжиме да стоиме пред затворени врати, уверувајќи се дека проблемот е кај нас, а не во двојните стандарди што одамна станаа правило, а не исклучок – истакнуваат нашите соговорници, универзитетски професори, искусни аналитичари и врвни интелектуалци. П.Р.


Белгија ја отфрли понудата на Европската Унија за да бидат деблокирани руските пари во Брисел

Владата на Белгија не верува на гаранциите на ЕУ

Белгија завчера се спротивстави на предложените отстапки на Европската комисија за деблокирање на заемот од 210 милијарди евра за Украина, финансиран од замрзнати руски средства, со што ги разбива надежите на ЕУ за обезбедување договор на време за утрешниот самит на европските лидери.
Комисијата направи последен обид да ги убеди земјите членки на ЕУ да го поддржат заемот, така што милијарди евра руски резерви што се чуваат во банката „Евроклир“ во Брисел можат да се ослободат за да се поддржи украинската економија. По неколкудневните преговори за средствата, Комисијата во понеделникот предложи законски измени во својот предлог за да обезбеди политичка поддршка од Белгија.
Предложени беа правни гаранции дека, под кое било сценарио, Белгија би можела да добие дури 210 милијарди евра доколку се соочи со правни тужби или одговор од Русија. Исто така, се наведува дека на Украина не треба да ѝ се даваат пари пред земјите од ЕУ да обезбедат финансиски гаранции што покриваат најмалку 50 проценти од исплатата.
Во понатамошна отстапка, Комисијата им наложи на сите земји од ЕУ да ги прекинат своите билатерални инвестициски договори со Русија за да се осигурат дека Белгија нема да биде оставена сама да се справува со евентуален одговор од Москва.
Меѓутоа, и покрај сѐ, според четворица дипломати од ЕУ што дадоа анонимни изјави за „Политико“, „уверувањата не се доволни за Белгија, што било кажано за време на состанокот на амбасадорите на ЕУ во понеделникот вечер“. Имено, белгиската влада се спротивставува на користењето на руските средства поради страв дека ќе биде должна да го врати целиот износ ако Русија поведе правна постапка. Згора, Италија, Малта, Бугарија и Чешка го поддржаа барањето на Белгија да се истражат алтернативни начини за финансирање на Украина. Р.С.