Многубројната историска документација потврдува дека востанието имало цел да предизвика една поширока меѓународна криза, криза што би ги принудила моќните европски сили да интервенираат во Македонија – во полза на нејзина политичка автономија. Всушност, да се интернационализира македонското прашање и да се реши во полза на дотогаш поробениот и негиран македонски народ, кој се стреми кон свој самоуправен територијален ентитет. Историските извори исто така потврдуваат дека во комбинаториките на македонските револуционери може да се забележи и тенденција за оружен судир или војна помеѓу Османлиската Империја и Бугарија или Србија
Идејата за интернационализација на македонското прашање во 1903 година, со востание, предизвикување балканска војна и меѓународна криза
Во македонската историографија постои одреден мит дека Илинденското востание било предвремено, како и дека поголема група истакнати македонски револуционери, како што се Гоце Делчев или Јане Сандански, биле против востаничкото движење од 1903 година. Доколку внимателно се проучат сведоштвата и големиот број документи, неизбежен е заклучокот дека постојат одредени недоразбирања во редовите на Македонската револуционерна организација (МРО), но тие полемики се за карактерот на востанието, во смила дали да биде масовно или од четнички карактер со атентати, а не за прашањето
дали востанието да се изведе или не во Македонија. Многубројната историска документација исто така потврдува дека востанието имало цел да предизвика една поширока меѓународна криза, криза што би ги принудила моќните европски сили да интервенираат во Македонија – во полза на политичката автономија. Всушност, да се интернационализира македонското прашање и да се реши во полза на дотогаш поробениот и негиран македонски народ, кој се стреми кон свој самоуправен територијален ентитет. Историските извори исто така потврдуваат дека во комбинаториките на македонските револуционери може да се забележи и тенденција за оружен судир или војна помеѓу Османлиската Империја и Бугарија или Србија.
Востанието требало да предизвика европска интервенција
Одлуката за востание била неизбежна последица од сплет на околности, при што ниту еден авторитет не можел да ја забрза ниту да ја спречи. За нас е прифатлива констатацијата на Ванчо Ѓорѓиев, според која за Илинденското востание не може да се тврди дека било предвремено или задоцнето, освен да се прифати дека тоа било неизбежно.
Ако внимателно се анализира, во текот на софиското советување полемиката не се водела околу прашањето за или против акција во Македонија, туку на каков начин да се спроведе таа. Според Христо Матов, во 1903 година сите дејци на Внатрешната организација биле за дејствување, меѓутоа разликите биле на каков начин да се дејствува, едни се залагале за масовно востание, а други за ограничени дејства. Делчев, Ѓорче Петров, Михаил Герџиков и други биле за терористички акции со нелегални чети. Матов истакнува дека разликите помеѓу двете страни биле во бројноста на борците, едните се залагале за дејствување само на нелегалните чети, а другите за дејствување на сите расположливи борбени сили. Приврзаниците на ограничените дејства се залагале да не се ангажира и да не се излага народната маса. Матов заклучува дека сите видни дејци во 1903 година биле за дејствување, само што едните се залагале за дејства од ограничен размер, а другите за широк размер. Според Христо Матов, формираното гледиште дека едните биле за востание, другите против, се должи, меѓу другото, на незнаење на фактите.
Во формулирањето на начинот на дејствување, Гоце Делчев и Ѓорче Петров биле под влијание на левичарските учења и теории. Михаил Герџиков истакнува: Тогаш ние, како што бевме зборувале порано со Делчев, предложивме да се прифати принципот на одделни терористички акции. Јас поподробно ја развив на собранието таа своја мисла. Ѓорче ме поткрепи, и таа се прими во смисла никакво востание да нема, туку да се преземат од Организацијата одделни терористички акции. Рековме дека треба да се стават на искушение интересите на европскиот капитал во Турција. Нѐ запрашаа противниците дали можеме да извршиме ние нешто од тој вид како за почеток и пример. Одговорив дека лично јас сум готов веднаш да заминам за Турција и да извршам атентат во турските железници, на експресот, или на конвенционалниот воз или на некој воен воз. Делчев исто така изјави дека и тој е готов уште веднаш да замине да изврши исто таква една акција по железниците. Ние таму не кажувавме каде ќе се изврши, а ги имавме предвид линиите Одрин-Цариград и Одрин-Солун“.
Според Пејо Јаворов, Гоце Делчев на следниот начин го искажал својот концепт: „Ние зад себе го имаме… примерот со Ерменците, а пред себе – шансите што ни ги нуди австро-руската спогодба. Освен тоа, злосторство е народот да се ослободува преку намерно создавани пожари и касапници. И од практични причини… ни се наложува борба со најголема економија на средства и сили. Ние не сме сигурни дека откако ќе ги предизвикаме Турците на грабежи и пустошења, задолжително ќе ги предизвикаме и големите сили да се замешаат. А не сме ни сигурни, дури и ако се случи европско замешување, дека задолжително ќе ни се даде нешто што доволно би ја оправдало големата жртва. Ние треба да почнеме… со напади на четите врз аскерските одделенија и со атентати на железничките линии, како и на државните установи. Да продолжиме така, но секогаш далеку од бугарското население, кое не треба да го изложуваме на турските прогони и жестокости. Бугарите во Македонија го носат, речиси, сами товарот на револуцијата, тоа е потребно, за да продолжи борбата додека ја постигнеме крајната цел“.
– Да се фрли цело турско во анархија, да се разниша царството на султанот од темел, да се направи состојбата неподнослива… На тој начин, да се запрат оние кои денес, во името на севозможни интереси, треперат над едно варварско статус кво, да прифатат, повторно во името на тие интереси, промена кон една почовечка состојба. Се разбира, друго ќе беше ако имавме една нова грчко-турска или некоја српско-турска или, најпосле, бугарско-турска војна; но, лошо ќе ѝ платиме на Бугарија за нејзините многубројни жртви за нас, ако сакаме да ја турнеме боса во огнот – нагласил Гоце Делчев.
Суштината на масовното востание
Од искажувањата на Гоце Делчев, кои всушност се контрааргументи за спротивната концепција, можеме да ја дознаеме суштината на оние што се залагале за масовно востание. Ѓорче Петров во текот на софиските советувања ја претставил идејата за перманентно востание. Според тој концепт, македонските револуционерни сили се самостоен политички субјект, кој преку перманентното востание состојбата во Македонија постојано ја држи затегната и ја негира османлиската власт, а таквото перманентно дејствување во Македонија ги прави излишни политикантството и дипломатијата со надворешните фактори. Организацијата нема потреба да ги сообразува своите погледи со надворешните фактори, во теорија перманентното востание ѝ овозможува на Организацијата да ја зачува својата независност, да се стреми кон реализирање на својата програма и да не се сообразува со надворешните фактори што гонат цели туѓи за револуционерно движење.
Очигледно е дека Ѓорче Петров својот концепт за перманентно востание го изработил под влијание на перманентната револуција на социјалистите и анархистите. Според левичарските теории, перманентната револуција е пролетерска стратегија, која треба да ја зачува организациската независност на линија на работничката класа, и последователна и непроменлива серија на милитантни политички барања и тактики. Очигледно е дека Ѓорче Петров го презел овој концепт за перманентна револуција и го приспособил за потребите на македонското револуционерно движење.
Спротивната концепција ги вклучувала политикантството и дипломатијата. Приврзаниците на идејата за масовно востание како пример ги имале ерменските настани, за нив востанието водело кон насилства врз христијанското население од страна на османлиските власти, надевајќи се дека тоа ќе ја поттикне Бугарија да ѝ објави војна на Османлиската Империја, што неминовно водело кон една поголема меѓународна криза на Балканот и вмешување на големите сили. Искажаното го потврдуваат неколку извори.
Според Христо Силјанов, востанието имало цел да го поттикне европскиот концерт. На 15 септември 1903 година, на вториот ден од објавувањето на востанието во Серскиот револуционерен округ, Јане Сандански и Георги Белев имале средба. На неа, Сандански истакнал дека е неразумно со револуционерни акции да се излага населението на опасност. Друго е ако Бугарија ѝ објави војна на Турција. На оваа забелешка Белев возвратил: Да се предизвика војна помеѓу Бугарија и Турција, да се предизвика интервенција на големите сили, за да стават крај на нашето ропство, ете ја целта на нашите востанија. Според окружното горско началство од охридската околија: Условите за успех ќе зависат од долготрајноста на востанието. Искуството во нашата борба ќе биде да ги победиме Турците ако не им дадеме возможност да нѐ победат, затоа подобро е едно слабо востание, отколку силно а нетрајно. Ако успееме да ја продолжиме за долго борбата, вмешувањето на европските држави е неминовно затоа што ќе настрадаат нивните интереси.
Фредерик Мур истакнува дека водачите на Внатрешната организација не очекувале да ја победат Османлиската Империја, нивната цел била да ги испровоцираат султанот и неговите војници да посегнат врз христијаните. Тие беа подготвени да платат со животите на илјадници нивни браќа Македонци за остварување на нивната желба – автономија на земјата. Тие беа фанатици. Комитаџиите се надевале дека општото востание или, поточно, репресиите што ги предвиделе ќе ги предизвикаат силите во Европа да ја направата Македонија автономна.
Џон Фостер Фрејзер во Софија имал средба со еден од водачите на македонското револуционерно движење. Во текот на разговорот, споменатата личност укажала дека имале цел секое село во Македонија да го претворат во центар на револуцијата. Доколку имало Грци или Бугари што не ги споделувале револуционерните идеали, ќе биле отстранети во интерес на македонската независност. Соговорникот на Фрејзер укажал дека времето за разговори минало и во одредено време целата земја масовно ќе востане против Турците. Фрејзер запрашал каква шанса би имале селаните против турските војници и додал дека во земјата би се случил масакр од страна на турските војници врз христијанското население. Одговорот бил: Ние знаеме, ние знаеме… Ние сакаме голем масакр! Тоа е цената што ќе ја платиме. Ние ќе ги испровоцираме Турците во таков масакр што Европа ќе мора да интервенира… Единственото нешто што ќе ја поттикне на интервенција и да ја одземе Македонија од Турчинот ќе биде големиот масакр над христијаните. Тоа е начинот на кој Македонија ќе го добие своето ослободување.
Според Џон Фрејзер, ниеден од водачите на Внатрешната организација отворено не ја подржувал оваа стратегија, поради нарушувањето на угледот пред јавноста, особено странските весници. Хенри Девинт слушнал слична изјава во едно софиско кафуле. Едит Дуран забележува дека акцијата на македонскиот комитет била лошо замислена. Доколку муслиманите посакале, лесно можеле да го уништат секое село што востанало. Можеби тоа беше она на што се надеваше Комитетот.
Плановите предвидувале и балканска војна
Концептот предвидувал и објавување војна од страна на Бугарија против Османлиската Империја. Бугарскиот трговски агент во Битола во својот извештај од 27 февруари 1903 година го информирал бугарскиот премиер Стојан Данев дека крајните елементи на револуционерното движење ова соопштение го пресретнаа со сомнеж и не ги кријат своите надежи, дека во претстојното востание ќе успеат да го вовлечат бугарското население од Кнежеството и дека ќе предизвикаат европско вмешување.
На 24 јули 1903 година Васил Пасков го информирал главното воено тело на Седмиот (Одрински) востанички округ: На 22 овој месец Рачо Петров го повикал Матов и му рекол дека ние сме злоупотребиле некакво вмешување на Бугарија за да се објави востанието (!). Се лутел бидејќи не сме го одложиле и зашто порано не сме му го соопштиле денот, туку сме удриле на сикиме. Бугарија не била готова. Немале повеќе од 150 патрони по пушка. Се лутел зашто другарите повикале по двајца од повидните раководители на секоја партија, при што на партизански начин сакале да ги ангажираат партиите и да ја вовлечат Бугарија во војна.
Ова е потврда дека македонските револуционери се надевале да ја вовлечат Бугарија во војна со Османлиската Империја и на тој начин да предизвикаат поголема криза на Балканот. Влегувањето на бугарската војска во Македонија, по автоматизам можело да предизвика и навлегување на српска војска во Македонија и една српско-бугарска војна околу Македонија. Раководителите на Внатрешната организација не воделе сметка за интересите на Бугарија, како и за негативните последици доколку таа воено се вмеша во Македонија.