Тука во Бугарија се обидуваат да го претстават нашето македонско востание како бугарско, но тоа не е вистина. Тие ја знаат историската вистина, но не сакаат да ја признаат. Востанието по својата суштина беше и си останува македонско. Навистина во востанието покрај Македонци учествуваа и припадници на други етникуми, како што се Власите или Бугарите, но сите тие беа борци за слободна Македонија, а не за присоединување на Македонија кон Бугарија. Тоа е вистината, вели Стојан Герасимов, претседател на Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија – жртви на комунистичкиот терор
Интервју со Стојан Герасимов, претседател на Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија – жртви на комунистичкиот терор
Стојан Герасимов издржуваше затворска казна од шест години затвор во Бугарија поради изразување на македонската национална свест. Денес тој е претседател на Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија – жртви на комунистичкиот терор, кое беше создадено во 2008 година од Македонци, бугарски државјани, кои биле репресирани од бугарската држава поради нивната македонска национална самосвест во периодот 1944-1989 година. Герасимов e роден на 10 септември 1948 година во село Клуч, Пиринска Македонија, Бугарија. По падот на комунизмот, повторно учествува во борбите за човековите права на Македонците во Бугарија и станува активен припадник на организацијата ОМО „Илинден“, а потоа и на партијата ОМО Илинден – Пирин. Во 1993 година му е признаено правото на борец против комунизмот, но бугарското Министерството за правосудството одбива да му исплати пензија поради неговото отворено изјаснување дека е Македонец.
Што претставува за Вас Илинден?
Илинден е македонско востание! Тука во Бугарија се обидуваат да го претстават нашето македонско востание како бугарско, но тоа не е вистина. Тие ја знаат историската вистина, но не сакаат да ја признаат. Востанието по својата суштина беше и си останува македонско. Навистина во востанието покрај Македонци учествуваа и припадници на други народи, како што се Власите или Бугарите, но сите тие беа борци за слободна Македонија, а не за присоединување на Македонија кон Бугарија. Тоа е вистината! Историјата исто така ни потврдува дека ова македонско востанието беше неуспешно поради бугарската држава и бугарската политика кон Македонија и македонскиот народ.
Како сметате дека македонската матица може да Ви помогне?
Денес, Македонија како наша држава, како држава на македонскиот народ, мора насекаде да ја брани македонската кауза, која се темели на принципите за слободна и независна Македонија. Не смее да се заборави дека денес имаме кауза што не умира. И нашата држава мора да ја разбере суштината на оваа кауза и да ја популаризира нашата борба насекаде. Во овој момент сметам дека најсуштествена потреба е јасен став од македонските институции, особено од македонското Министерство за надворешни работи за припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија. Што сакам да кажам? Македонската држава преку Министерството за надворешни работи треба да настојува признавање на Македонците од страна на Република Бугарија. Ова настојување треба да биде институционално и на највисоко ниво, бидејќи има Македонци во Бугарија, тие се факт. Дополнително на ова, македонската држава треба официјално да побара од бугарските власти да ја дозволи непречената работа на македонскиот културен клуб, кој се соочува со постојани пречки и забрани.
Која порака сакате да ја испратите до македонската јавност?
Македонците во Бугарија се плашат, но треба да се ослободат од тој страв. Никогаш не ни дозволија во бугарските медиуми да се обратиме, да го искажеме нашиот став. Потребно и да се работи на ова поле, мора да ги разобличиме дискриминацијата и неправдата што се вршат врз Македонците во пиринскиот крај и цела Бугарија.
Јас лично сум се соочил и се соочувам со дискриминацијата, но сум и сведок на немили настани како оној од 1965 година кога бугарските власти претепаа две момчиња зашто пееја песни на македонски јазик. Мене лично не ми дозволуваа да пеам песни на македонски јазик, не ми дозволуваа да се нарекувам Македонец. Поради мојата македонска национална свест имам одлежано затворска казна во Бугарија, а се соочував и со интернирање. Вкупно шест години бев во затвор, а се соочив и со киднапирање.
Сите припадници на македонскиот народ, од сите делови на Македонија, мора да ја разберат дискриминацијата со која се соочуваат припадниците на македонскиот народ во Бугарија, сите знаат по нешто, но не и целата вистина. Д.Ст.