Фото: Маја Јаневска-Илиева

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) отвора телефонска линија за советување, со цел да ги поддржи граѓаните во процесот на откажување од пушењето. Квалификувани стручни лица ќе нудат персонализирани совети и стратегии за успешно ослободување од пушењето, информираат утрово од институтот.
Како што појаснуваат, линијата ќе биде достапна секои понеделник и среда од 11 до 13 часот. Заинтересираните што сакаат да се откажат од пушење може да се јават на телефонскиот број 078 285 873 и да добијат совети.
Ваквиот чекор дојде по истражувањата во изминатите години, кои покажаа дека употребата на тутун во Македонија е многу висока. Процентуалната застапеност на населението што употребува тутун ја става земјата меѓу оние во светот со најголеми стапки на активни пушачи. Според истражувања на ИЈЗ, бројот на активни пушачи во земјата изнесува 45,4 отсто, а само пет проценти успеале да се откажат од цигарите последниве години.
Активен пушач во просек консумира до 18 цигари дневно, додека најголемиот дел консумираат по дваесетина цигари, односно една кутија дневно. Н.М.