Елитите од највисоките институции на ЕУ во внатрешна борба за моќ во Унијата
- „Тековни несогласувања во највисоките ешалони на ЕУ“! Појасно кажано, тензиите, судирите и оставките на највисоко рамниште во Европската комисија, кои се во континуитет уште од 2019 година…, деновиве веројатно се наближуваат кон врвот…, се коментарите на познавачите на состојбите во Брисел што ги брифираат европските медиуми, обелоденувајќи го судирот на Каја Калас со Урсула фон дер Лајен
Сериозно влошените односи меѓу водечките функционери во Европската Унија, предводени од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја изнесоа на виделина големата борба за моќ што моментно се води во Брисел. Овие состојби најексплицитно ги опишува во своите последни пишувања реномираниот аналитички портал „Политико“, и тоа во анализата со наслов „Петте најтешки работни места во Брисел“.
Судир меѓу Калас, Борел, Калас…
Изворите на „Политико“ посочуваат на „тековните несогласувања и промени на моќта во највисоките ешалони на ЕУ“.
Во анализата натаму „Политико“ пишува: „Односите меѓу шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и поранешниот носител на функцијата, Жозеп Борел, биле многу лоши, според тврдења на официјални лица. Но тие велат дека уште се полоши односите на Фон дер Лајен со Калас, која е и потпретседателка на Европската комисија. Во обид да ѝ возврати на Фон дер Лајен, Калас се обиде да назначи моќен заменик-генерален секретар во ликот на Мартин Селмаир, поранешниот шеф на кабинетот на Жан Клод Јункер, но потегот беше блокиран од канцеларијата на Фон дер Лајен“.
Според пишувањето на „Политико“, Каја Калас „приватно се жали дека Урсула фон дер Лајен е ’диктаторка‘, дополнувајќи дека ’малку или ништо не може да направи во врска со тоа‘“, рече еден висок функционер.
– Калас е од малата Естонија, а мала е и нејзината партија, либералите. Тоа ја прави нејзината позиција уште послаба од позицијата на социјалистот од Шпанија, Борел. Инаку, канцеларијата на Калас не одговори на барањето за коментар – објави „Политико“.
И други многубројни афери ги зголемуваат тензиите
„Тековните несогласувања во највисоките ешалони на ЕУ“, појасно кажано, се тензии, судири и оставки на највисоко рамниште во Европската комисија, кои датираат не отсега, туку уште од 2019 година. Деновиве веројатно тие наближуваат кон врвот, откако „Политико“ го обелодени судирот на Каја Калас со Урсула фон дер Лајен. Ситуацијата со зачестените судири во врвот на ЕУ е дополнително усложнета, како што вели Николас Винокур во својата анализа пред неколку дена и „со брановите шокови што се шират во Брисел“. За што станува збор? Деновиве избувна најнов и повторно голем корупциски скандал, овој пат поврзан со Хенрик Хололеи, кој работел во институциите на ЕУ повеќе од две децении, особено како генерален директор на Одделот за транспорт на комисијата – една од највисоките позиции достапни за државните службеници во системот на ЕУ.
Пред три години, „Политико“ првпат откри дека Хололеи, како тогашен генерален директор за транспорт, прифатил бесплатни летови од Катар додека преговарал за договор за воздухопловство со оваа држава од Персискиот Залив. Откако овие обвинувања излегоа на виделина, Европската комисијата одговори со отстранување на Хололеи од неговата менаџерска позиција. Но тој остана во извршната власт на ЕУ на високо ниво – како специјален советник во Одделот за меѓународни партнерства – и продолжи да добива поддршка од колегите и раководителите на транспортната дејност.
– За оние што повикуваат на посилна одговорност во институциите на ЕУ по низата скандали беше добредојдена одлуката за раскинување на договорот со Хололеи. Всушност, тврдењата против Хололеи беа меѓу неколкуте скандали што го погодија Брисел во последниве години. Тука беа „Катаргејт“, кој вклучуваше апсења високи функционери на Европскиот парламент обвинети за земање мито (тој случај останува отворен), и „Русијагејт“, кој се фокусираше на обвинувања дека Москва се обидела да влијае врз Европскиот парламент. Неодамна, поранешната висока дипломатка на ЕУ, Федерика Могерини, и високиот функционер на комисијата, Стефано Санино, беа приведени на сослушување во тековна истрага за измама – објави завчера „Политико“ во анализата на Винокур.
Урсула фон дер Лајен во средиштето на внатрешнит судири
Но од овие „шокови низ Брисел“ да се вратиме на честите несогласувања на повеќе еврокомесари во рамките на Европската комисија со Урсула фон дер Лајен, и пред и по нејзиниот реизбор во 2024 година. Во повеќе пригоди редица членови на 26-члениот „Колеџ на комесари“ на ЕК изјавуваа дека се „чувствуваат како исклучени поради централизираниот стил на управување на Фон дер Лајен со ЕК“. Според друга статија на „Политико“, самата претседателка на Европската комисија, пак, има позиција како да виси на ветер.
Дел од најсилните докази се за внатрешните судири и вриежи во ЕК се драматичната оставка на францускиот еврокомесар за внатрешен пазар Тиери Бретон во септември 2024, откако ја обвини Лајен за „сомнително управување“, како и изјавите на група други високи комесари, вклучувајќи ги шефот за надворешна политика Жозеп Борел и комесарите Николас Шмит и Паоло Џентилони. Сите тие остро ја критикуваа Урсула фон дер Лајен дека „донесува одлуки, работејќи со мал круг советници, честопати заобиколувајќи го поширокиот колегиум на комесари и дејствувајќи како технократ, а не како лидер што има соработници“
Француски „Ле монд“ објави на 16 септември 2024 година дека Тиери Бретон, инаку министер за финансии на Франција од 2005 до 2007 година, поднел оставка на позицијата еврокомесар за внатрешниот пазар, поради „несогласувањето со Лаен и нејзиното сомнително управување со Европската комисија“.
– Односот меѓу Урсула фон дер Лајен и Бретон стана значително напнат, откако Бретон предводеше бунт во извршната власт во Брисел. Тој го оспори стилот на лидерство на претседателката Лајен како некооперативен, како несоработлив. Францускиот еврокомесар јавно ја доведе во прашање нејзината етика, откако назначи еврокомесар задолжен за мали и средни претпријатија кон крајот на јануари, кој имаше послаби способности и квалификации – напиша тогаш „Ле монд“.
Поконкретно, тогаш Бретон го предводеше „бунтот“ во Европската комисија, во кој беа вклучени комесарите Жозеп Борел, Паоло Џентилони и Николас Шмит против назначувањето на Маркус Пипер на „високоплатената позиција“ како претставник за мали и средни претпријатија од страна на Лајен, наведувајќи „недостиг од транспарентност“ и наводен „кронизам“ (пракса на пристрасност при доделување работи и други погодности на пријатели, или проверени колеги, особено во политиката и меѓу политичари и организации, кои ги поддржуваат – л.заб.).
Франс Тимерманс од Холандија и Маргрете Вестагер од Данска, иако не поднесоа директно оставка како Бретон, поради „судири со Лајен“, тие како „личности со тежина во Европската комисија“ ја напуштија комисијата рано кон крајот на 2023 година, за да заземат „други улоги во нивната домашна национална политика и во меѓународното лидерство“. Но тогаш „Политико“ во статија со индикативен наслов „Урсула фон дер Лајен го губи својот тим“, објавена на 25 јули 2023 година, истакна дека „со оглед на тоа што има уште цела една година од мандатот на Лајен, на некои од нејзините комесари веќе им стана доста“. Таа донесува одлуки зад затворени врати, а комесарите честопати се чувствуваа исклучени. На речиси една година до истекот на мандатот, Европската комисија, која ја води Фон дер Лајен, забележува сè поголем број високи функционери што „го напуштаат бродот“ и бараат други можности. Минатата недела нејзиниот извршен потпретседател Франк Тимерманс стана најновиот висок комесар на ЕУ, кој ја објави својата намера да се врати дома, за повторно да влезе во домашната политика. Маргрете Вестагер, уште една од извршните потпретседателки на Фон дер Лајен, се кандидираше за позицијата шеф на Европската инвестициска банка, која останува празна на крајот од годината. Комесарот на ЕУ за иновации и истражување Марија Габриел веќе поднесе оставка. Таа се врати во Бугарија за да ја преземе функцијата министер за надворешни работи – посочи бриселскиот портал.
„Политико“ натаму наведе дека и „други, кои сè уште беа на своите позиции, почнаа да зборуваат против некои од политиките на Лајен со највисок профил“.
– За сѐ е можеби виновен стилот на лидерство на Фон дер Лајен. Според повеќето оценки, таа имаше добро претседателствување, подобрувајќи го профилот на Европската комисија на меѓународно ниво, делумно преку негување блиски работни односи со американскиот претседател Џо Бајден. Но, сепак, од самиот почеток нејзиниот стил на управување иритираше некои колеги. Како што таа добиваше меѓународен углед за водење на одговорот на ЕУ на војната во Украина, токму карактеристиките што ја направија драга кај Американците – практичен и централизиран пристап кон донесувањето одлуки – ги отуѓија еврокомесарите од неа – заклучи во оваа анализа „Политико“.
Најновиот случај на несогласувања на Фон дер Лајен со највисоките функционери во ЕК се бележи уште на почетокот на годинава. Месецов во медиумите се лиферувани и извештаи за несогласување и различни ставови меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и извршната потпретседателка Тереза Рибера во врска со стратегијата и приоритетите за политиката на конкуренција на ЕУ. Клучните точки во врска со наводните несогласувања во јануари 2026 година вклучуваат и разлики во стратегијата за политиката на конкуренција: извештаите укажуваат на значителна разлика во пристапот, при што Рибера (одговорна за конкуренцијата) се залага за процесно-управуван пристап на техничка процена, додека Фон дер Лајен се залага за политички приоритети, насочени кон зголемување на европската конкурентност и раст. Политичка дивергенција: набљудувачите забележаа дека сомнежите за судир и меѓу нив двете е поттикнат од нивните различни позиции во политичкиот спектар. Тензии меѓу Лајен и Рибера имаше и во 2025 година: Рибера беше опишана како „глас на несогласување“ за клучни прашања како што е конфликтот во Газа, но и поради тоа што таа изрази „фрустрација од справувањето на ЕК со барањата за зелена агенда“. Како што објави „Политико“ на 8 декември 2025 година, сепак, и покрај овие разлики во политиките, Рибера тврдеше дека нивниот работен однос бил „професионален“, истакнувајќи дека Фон дер Лајен „не се обидела да ја принуди да молчи за одредени прашања“.
Свето Тоевски
































