Честитајќи го Денот на МАНУ како симбол на македонската државотворност, во воведот на своето излагање претседателот на МАНУ, академик Живко М. Попов, даде кус историски пресек за нашата највисока научна и уметничка институција во Република Македонија, како институција од посебен општествен интерес, што со својата научноистражувачка дејност, творештво и советодавна улога претставува столб во градењето и зачувувањето на идентитетот, македонскиот јазик, историјата и државноста на македонскиот народ и деловите од другите народи што живеат во земјата
Обраќање на претседателот на МАНУ, академик Живко М. Попов, по повод Денот на МАНУ
1. За повеќедеценискиот горлив проблем во врска со ниските и неусогласени плати на вработените во МАНУ
Работењето на Македонската академија на науките и уметностите, уште од почетокот на мандатот на актуелното раководство, почнувајќи од јануари па сѐ до ноември 2024 година, се одвиваше во еден тежок и комплексен период, анализирано од институционален и од општествен аспект. Најнапред, Претседателството беше соочено со предизвикот да го решава наследениот повеќедецениски горлив проблем во врска со ниските и неусогласени плати на вработените во МАНУ со системски регулираното решение во институциите од областа на науката, образованието и културата, што кулминираше после донесувањето на дополнувањата на Законот за високото образование и на Законот за научноистражувачка дејност според Колективниот договор на УКИМ, во предвечерието на последниот изборен циклус, наспроти недонесувањето на предложените измени и дополнувања на Законот за МАНУ од познати причини, иако измените и дополнувањата на наведените законски акти беа компатибилни и се однесуваа на институции токму од истата сфера. Па така, насобраното незадоволство кај вработените резултираше со реактивирање на штрајкот на Синдикалната организација при МАНУ на 2 септември 2024 година, во времетраење од речиси два месеца, што значително го отежна институционалното работење на Академијата. За тешката состојба во Академијата поради нерешениот проблем и за апсурдната состојба во која платите на вработените во МАНУ, како национална институција од особено значење, значително заостануваа зад платите на вработените со истиот профил во јавниот сектор, беа информирани надлежните инстанции и институции, и после добиената согласност од нив, а со максимална рационализација на своите институционални потреби во текот на 2024 година (преку пренамена на средства од други расходни ставки), Академијата, со прифатлива солуција од расположливите правни механизми, ја доуреди методологијата за пресметка на плата, нивелирајќи ги платите на вработените во МАНУ со платите на вработените во сите високообразовни и научни установи, иако тековно како привремено решение, но перспективно, до донесувањето на единствено прифатливото законско и системско решение.
2. За вклучувањето/активирањето на МАНУ во изработка на сеопфатен проект во сите круцијални области на општественото живеење
Покрај помошта во надминувањето на споменатите проблеми, уште во почетокот на мандатот на оваа Влада, преку воспоставените владини политики, најнапред со усвоениот Ребаланс на Буџетот, со кој ѝ се обезбедуваат дополнителни средства на МАНУ беше изразена силна поддршка за унапредување на основната дејност на МАНУ, т.е. на научноистражувачката дејност на институцијата, суштествена и својствена за највисоката научноистражувачка и уметничка установа во Републиката. Потоа, со доставување на актуелниот предлог на Буџетот на РС Македонија до Собранието на РС Македонија (унапреден на расходната ставка наменета за основната дејност на МАНУ за 43,48 отсто и начелно на сите расходни ставки, сумарно, за 25,46 отсто, во однос на иницијалниот буџет на МАНУ за 2024 година), се заокружи поддршката на Владата за постепено враќање на институционалниот капацитет на Академијата.
Во овој контекст, претседателот на Владата најави вклученост на МАНУ во изработка на заеднички сеопфатен проект во сите круцијални области на општественото живеење, од кој ќе произлезат приоритетни документи за развој на државата до 2050 година. Овде ќе потсетам дека врз Националната развојна стратегија на земјава за периодот 2024 – 2044 година напорно се работеше во изминативе неколку години, а во нејзината подготовка МАНУ, во соработка со домашни и меѓународни институции и организации, научници и експерти и граѓански активисти, беше целосно вклучена. Процесот на изработка на Стратегијата беше транспарентен и инклузивен, со вклучување на повеќе од 14.000 граѓани на триесет и пет визионерски работилници ширум земјата, кои дадоа значаен инпут во подготовката на НРС. Националната развојна стратегија беше усвоена со консензус во Собранието на Република Македонија и доби сила на закон. МАНУ е клучна институција која што во иднина ќе го следи (мониторира) процесот на имплементација на стратегијата. По најавата на премиерот Мицковски за потребата од поголемо вклучување на МАНУ во изработка на визијата за долгорочен развој на земјата, МАНУ е во фаза кога, во соработка со Владата, поконкретно ќе ги дефинира обврските на Академијата во реализацијата на Стратегијата и во евентуалното нејзино надополнување со развојните трендови до 2050 година. Шесте стратешки области содржани во Стратегијата (Одржлива, иновативна и конкурентна економија; Одржлив локален и регионален развој, кој обезбедува кохезија; Демографска ревитализација и социјален и културен развој; Сигурно, безбедно и отпорно општество; Владеење на правото и добро управување и Зелена трансформација) третираат материја која подлежи на промени низ времето и која налага потреба од нејзино континуирано актуализирање, преку изработка на Акциски планови (обично петгодишни) за нејзина имплементација и евентуални промени или надополнувања на неопходните алатки за постигнување на зацртаните цели. Во земјата наспроти Националната развојна стратегија, кој што претставува општ „чадор“ на идниот развој на Република Македонија, постојат бројни стратегии по одделни области (т.н. секторски стратегии) кои се однесуваат на споменатите стратегиски области во Националната развојна стратегија. Исто така постојат и пошироки елаборации од страна на наши експерти по одделните области кои се подготвуваа како инпут за изготвување на Стратегијата, како и бројни истражувања на МАНУ за стратегиските области. Ваквите документи и студии, МАНУ ќе треба внимателно да ги елаборира, актуелизира и усогласи со усвоените насоки на развој содржани во Националната стратегија за развој.
На овој начин би се отишло чекор напред во однос на усвоената национална стратегија во Собранието на РМ преку конкретизација на проблемите и мерките за нивно реформирање, односно имплементацијата и мониторингот на овие процеси, кое нешто би било координирано од страна на академијата. МАНУ со своите 6 одделенија, 8 научноистражувачки центри и со своето искуство, во соработка со Владата и со професорите и научниците од универзитетите и научната заедница има капацитет да работи на овие теми и прашања. Притоа, посебно внимание ќе обрнеме на најзначајните приоритетни прашања, од посебно значење за долгорочниот развој на земјата. Меѓу нив, посебно ќе ги истакнам следниве: многубројните проблеми во образованието и науката, каде би се дефинирале потребите на државата од научноистражувачки центри и лаборатории во различни научни сфери, при што би се финансирале пред се научноистражувачки програми и проекти поврзани со развојот на Македонија (како на пример: биомедицина, персонализирана медицина, компјутерски науки, креирање на Национален институт за Вештачка Интелигенција, технолошки развој и иновации, развој на дигитална инфраструктура и дигитализација на општеството, општествени и хуманистички науки и др.). Понатаму тука се и демографските предизвици, комплексните проблеми во сферата на владеењето на правото и реформите во правосудниот систем, реформите во здравствениот и пензискиот систем, земјоделскиот, технолошкиот развој, енергетскиот и транспортниот развој, развојот на културата и уметноста итн. Се разбира, ова претставува амбициозна Програма за работењето на МАНУ, во соработка со универзитетите, научните институти и другите научни институции, во еден релативно долг период во иднина. На овој начин повторно беше потврдена стратегиската определба на Владата за поддршка и валоризирање на политиката на искористување на кадровскиот капацитет и советодавна улога на МАНУ и пошироко на академската заедница на земјата во креирањето на политиките на Републиката во врска со клучни општествени прашања од национално значење. Намерата за ревитализирање на конекцијата меѓу МАНУ и врвот на државата заслужува посебно внимание во услови на сѐ позабележливо отсуство на основните вредносни параметри врз кои се гради општествениот систем. Оттука, во оваа пригода, во мое и во име на МАНУ особено би сакал да упатам срдечна благодарност до претседателот на Владата на Република Македонија проф. д-р Христијан Мицковски, за безрезервната поддршка на академијата, како и за напорите на одговорните лица во надлежните институции во овој состав на Владата, пред сѐ на Министерството за финансии, за објективното и веродостојно верификување на фактите и за ангажманот во изнаоѓањето соодветни решенија за предочените институционални проблеми на академијата.
3. За реализација на програмските активности на МАНУ
Во однос на реализацијата на програмските активности на МАНУ во тековната година, само накратко би се осврнал на истите, истакнувајќи само фактографски податоци, со образложение дека тие ќе бидат опсежно сумирани на Редовното годишно собрание на МАНУ, кое традиционално ќе се одржи на крајот на месец февруари 2025 година. Во тој контекст, сакам да ве информирам дека, во рамките на научноистражувачката и уметничката дејност на МАНУ, се работи на: 38 научноистражувачки и уметнички проекти под раководство на членовите на МАНУ во работниот состав, 7 научноистражувачки проекти во рамките на проектната соработка МАНУ – САНУ, 2 научноистражувачки проекти во рамките на проектната соработка МАНУ – ЦАНУ, финансирани од Фондот за научни и уметнички дејности на МАНУ, и на 28 научноистражувачки проекти, финансирани од домашни и од странски извори. Во рамките на издавачката дејност на МАНУ, досега се објавени наслови на 7 периодични изданија и на 7 посебни изданија, а пуштени се во печат за објавување наслови на 3 периодични изданија и на 3 посебни изданија. Во рамките на основната дејност, Академијата одржа и 15 научни и уметнички настани во просториите на МАНУ, како и 8 настани во рамките на Научната и уметничката визита во Куќата „Уранија“ во Охрид.
Покрај обврската за заокружување на богатата програмска активност на МАНУ и за наменска и навремена реализација на буџетските средства до крајот на фискалната година, на Академијата и претстои и обврската да започне постапка за избор на членови на МАНУ на почетокот на претстојната година. МАНУ секогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, без оглед на нивната етничка, верска и каква било друга припадност. За политичките партии и за нивните влијанија никогаш немало место во Академијата, зашто таа се води единствено по принципите на мериторност и препознатливост како универзални вредности на дострелите и творбите во научната и уметничката сфера. Друг пристап во критериумите за вреднување на индивидуалниот труд и достигнување, во аналите на МАНУ, досега не е познат.
4. За МАНУ како една, но мултиетничка академија
Од нејзиното основање до денес, членови во Академијата биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на други етнички заедници. Па така биле примани припадници на албанската, турската, влашката, српската и други народности односно делови од народи. Веќе неколку децении во нашите редови имаме и Полјачка, редовен член/академик во одделението за лингвистика. Она што е карактеристично за нашата мултиетничка академија е фактот дека во неа кандидатите за членство и академиците никогаш не се прашувале да се изјаснат за нивната етничка припадност и имало дури периоди кога академиците македонци не биле мнозинство во институцијата.
Во Македонија, како и во сите унитарни земји од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии, па оттука актуелниот притисок за формирање на моноетничка албанска академија е нерационален и неоснован. Но, согласно практиката во други држави, може да се формираат научно-уметнички друштва како граѓански здруженија, или Академии во рамките на професионалните асоцијации од одредени области (на пример Академија за архитектура, правни науки и слично). Во врска со искажаните ставови во медиумите од страна на поедини политички и интелектуални кругови. меѓу другото и дека професорите и интелектуалците од албанска етничка припадност нема каде да вршат научни истражувања, би сакал да кажам дека тоа е неосновано, бидејки тие тоа можат да го прават во лабораториите и катедрите по албанологија, историски науки и други научни области на трите државни универзитети каде наставата се одвива и на албански јазик, а пред сѐ на државниот научен Институт за зачувување на духовното и културно наследство на Албанците – Скопје, кој има сопствен буџет и околу сто вработени, како и во МАНУ, која во последно време ја засилува и унапредува соработката со другите високообразовни научни институции во земјата, вклучувајќи го тука и Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово и со други институции. Впрочем и членовите на МАНУ поголемиот дел од истражувањата ги прават на УКИМ и другите државни универзитети и научни институти, а не само во самата академија. Овие факти јасно укажуваат дека во академските редови нема место за политикантство и за манипулација, а на сите притисоци и провокации однадвор, каков што беше актуелниот притисок за формирање на албанска академија, како чисто етничка творба во едно мултикултурно и мултиетничко општество, МАНУ ќе одговори со стаменост, мудрост и доследност, онака како што личи на една национална институција од највисок државен ранг, која што почива врз принципот на автономност, независност и врз начелото дека науката и уметноста не познаваат каква било припадност, туку само препознавање по резултатите на индивидуалното творештво и достигнување.
5. За употребата на јазиците во науката, која нема и не признава етнички предзнак
Во контекст на употребата на јазиците во науката која нема и не признава етнички предзнак би се осврнал малку и на Законот за употреба на јазиците на сите етнички заедници во РМ кој моментално е предмет на дискусија во јавноста и е на разгледување во Уставниот суд. Никој во академијата, вклучувајќи ме и мене не смета дека употребата на албанскиот и на јазиците на останатите немнозински заедници во државата, како придобивка од Охридскиот рамковен договор и уставна категорија треба да се укине, туку напротив таа треба во законското решение да се доуреди и допрецизира во одредени области, со цел да се подобри нејзината применливост. Тоа особено се однесува на функционирањето на правосудниот систем, работата на полицијата, армијата, потоа на здравствениот систем и др. каде со оглед на деликатноста и одговорноста на она што е предмет на работа нужна е употребата на еден општ јазик за разбирање. Перманентното преведување и пишување разни извештаи, оперативни планови и протоколи на два или повеќе јазика со судски превод, значително ќе го оптовари професионалното работење и ќе ги зголеми финансиските трошоци во овие и други сензибилни области на општественото живеење. За сето ова да се избегне ќе биде потребно усогласување и допрецизирање на Законското решение во однос на овие и други работи и вградување на сугестиите и барањата на Венецијанската комисија, чиј што филтер треба да го помине. Тоа впрочем е и наша обврска не само во однос на овој, но и на други закони на кои ќе наидеме на патот за нашето членство во Европската унија.
6. За Правилникот за критериумите за избор на членови во МАНУ и Правилникот за постапката за избор на членови во Академијата
Законот за МАНУ, Статутот на МАНУ и, пред сѐ, интерните акти на МАНУ, Правилникот за критериумите за избор на членови во МАНУ и Правилникот за постапката за избор на членови во Академијата, пропишуваат јасно утврдени квалитативни и квантитативни универзално признати критериуми за оценување на потенцијалните кандидати за членство во МАНУ. Меѓу нив посебно ќе ги истакнам следниве критериуми: оценка на нивната научна и научно-апликативна дејност, учество и придонес во соработката со МАНУ, факултетите и универзитетите, како и со културните и уметничките институции во земјата и во меѓународниот научен и уметнички живот, образовната активност и подготвувањето кадри, експертската и консултантската активност, организацијата на науката и нивната домашна и меѓународна препознатливост, општествено влијание и, што е многу важно, нивниот национален придонес во областа во која делуваат како основачи на институции, трансфер на комплексни технологии и др. Сето ова се одвива во точно утврдена постапка чие времетраење од 10 месеци јасно говори за сериозниот пристап на Академијата кон овој процес. Предизборниот модел во постапката се очекува да почне низ организациските структури на МАНУ до 15 јануари 2025 година, а конкурсот за избор на членови во работниот состав, за избор на членови надвор од работниот состав и на почесни членови, како и за промена на статусот на член надвор од работниот состав во статус на редовен или на дописен член да биде објавен најдоцна во рок од четири месеци по почнување на постапката за избор со процесирање на активностите во предизборниот модел. Затоа, ги охрабруваме сите заинтересирани кандидати и ги повикуваме сите овластени предлагачи, иако за објавениот конкурс ќе бидат и официјално известени, навремено да ги истакнат кандидатурите на оние кои според наведените критериуми го заслужуваат ова општествено признание.
7. За неколку клучни настани од историјата на македонскиот народ и развојот на неговата државност
Во годината кога ја одбележуваме осумдесетгодишнината од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ неодминливо е да не зборуваме за овој најзначаен настан во поновата историја на македонскиот народ и развојот на неговата државност. Научните собири кои се организираат по тој повод секогаш претставуваат научен предизвик за учесниците да разменат различни мислења и факти со кои дополнително ќе бидат расветлени одредени моменти од историските настани (Илинден 1903 и АСНОМ 1944) и нивното политичко и национално влијание за време на Социјалистичка Република Македонија и денешна Македонија, како и во однос на деловите на македонскиот народ во географската целина Македонија, односно во Егејска и Пиринска Македонија, како и на нејзината дијаспора во светски рамки.
Осумдесет години можеби за историјата на човештвото се само еден миг, но за еден мал, распарчен народ како македонскиот, претставуваат огромна придобивка во која тој после вековна борба и страдање ги реализира своите национални стремежи за државност.
Современата македонска држава е создадена на темелите на антифашистичката борба на македонскиот народ и на припадниците на заедниците кои живеат во нашата земја и останатите јужнословенски народи, која прерасна и во негова народноослободителна борба. При тоа, таа се создаде на територијата на Вардарска Македонија каде постоеја најповолни услови за формирање на антифашистичко народноослободително движење од страна на организирани демократски и прогресивни сили на чие чело беа комунистите. Почетокот на изградбата на македонската држава е вграден во одлуките на Второто заседание на АВНОЈ (29 ноември 1943) за формирање на федеративна Југославија, со што за прв пат на македонскиот народ му се дава рамноправност со останатите народи на Југославија, станувајќи една од шесте конститутивни републики на федерацијата.
Посебна придобивка е одлуката на Претседателството на АВНОЈ со која македонскиот јазик, заедно со српскиот, хрватскиот и словенечкиот е прогласен за службен јазик на целата територија на Југословенската федерација. Наведените одлуки со воодушевување се прифатени на Првото заседание на АСНОМ, како потврда на суверената волја на македонскиот народ за формирање на сопствена национална држава, која истовремено е и рамноправна држава на сите националности/делови од народи кои живеат во неа.
За жал Народна Република Македонија се создаде само на еден дел од нејзината целокупна територија, што секако беше епилог на севкупноста на геополитичките односи и услови во текот и непосредно после Втората светска војна и се наметна како единствено можна реалност, и покрај тоа што македонскиот народ педесетина години наназад имаше добро организирана револуционерна борба и активност за автономија и ослободување на географската и етничка целина Македонија, преку различни форми на дејствување на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација.
Уставната поставеност на македонската држава во составот на СФРЈ, согласно одлуките на АВНОЈ и АСНОМ, му дозволи на македонскиот народ да направи огромни достигнувања во сите области на општественото живеење, почнувајќи од современа економска структура, индустријализација на земјата, до сестран развој на образованието, науката, културата и духовното богатство. Во релативно краток педесетгодишен период на југословенската федерација македонскиот народ изгради современа држава со потврден национален идентитет и државност, и со висок потенцијал за постигнување највисоки дострели.
Но, кога се зборува за АСНОМ мора да се каже дека некои научни кругови во земјата и особено во соседните земји почетоците на македонската национална мисла и програма ги согледуваат дури по познатата резолуција на Коминтерната од 1934 година, а не пред Илинденското востание и пред книгата на Мисирков.
Во тој контекст во процесот на осознавањето на нашата национална мисла не смееме да ја пренебрегнеме улогата на една од најзначајните македонски национално-културни асоцијации во минатото – македонското научно-литературно другарство во Петроград. Имено на 28 октомври 1902 година во руската престолнина е спремен првиот досега познат официјален акт за основањето на едно посебно, легално и национално јасно дефинирано друштво на македонските студенти во Петроград што стана познато под името Македонско научно-литературно другарство. Цели 15 години сѐ до 1917 година со асоцијацијата раководи нејзиниот енергичен и авторитетен претседател Димитрија Чуповски.
Во рамките на ова другарство во 1902/1903 година беше подготвена првата дотогаш најкомплетна македонска национална програма, пласирана низ словенскиот свет, потоа првата кодификација на македонскиот современ јазик на кој што беше објавена и првата книга „За Македонцките работи“ од Крсте П. Мисирков, беа составени повеќе историски меморандуми испратени до големите сили, беше подготвен обемен македонско-руски речник од страна на Чуповски, излегуваше научното и литературно списание „Вардар“ и многу други нешта од национален интерес. Сите овие работи го поставуваат Македонското научно -литературно другарство во основата на сегашната Македонска академија на науките и уметностите, како континуитет кој треба да се афирмира и чествува во академијата на соодветен начин.
Во оваа насока е и денешната промоција на изданието „Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург 1902 – 1917“ како дел на ова свечено собрание во амфитеатарот на МАНУ во 13h, при што промотор ќе биде директорот на Институтот за национална историја.
8. За комплексноста на актуелните околности што претставуваат големи научни предизвици и голема е одговорноста на научниците
Големи историски настани во наредните триесетина години по распадот на југословенската федерација се прогласувањето на Република Македонија за независна и суверена држава, членка на ООН, членка на НАТО алијансата и рамноправен правен субјект во меѓународната заедница. На тој начин македонскиот народ уште еднаш го потврди својот државотворен капацитет, осамостојувајќи се по пат на мирна разврска со југословенската федерација.
На патот за членство во ЕУ тој стана пример за мирољубива коегзистенција со соседните земји, а на внатрешен план пример за соживот во услови на мултиетничка и мултикултурна заедница организирана на рамноправни и демократски принципи. Пријателството, спремноста за соработка и отворениот дијалог со сите, а посебно со соседните земји не секогаш беше возвратено на соодветен начин, напротив некои од нив покажаа неразбирање и нерационално однесување. Евроскептицизмот кој се јавува во последно време е резултат на пречките кои ЕУ неправедно ни ги постави на нашиот европски пат, а кои најмногу се однесуваат на меѓународно превземените обврски во врска со договорите со Грција и оној за добрососедство со Бугарија, кои во најмала рака беа референдумски прашања кои треба да се почитуваат, чии што последици се евидентни и сеуште не им се гледа крајот. За нив земјата направи болни компромиси, при што си го промени прво државното знаме, а потоа и државното неприкосновено име, но и покрај тоа изостана отворањето на процесот на преговори со ЕУ.
Сепак треба да сме свесни дека ние како мал народ и сиромашна држава само преку рамноправен дијалог и соработка со соседите и ЕУ може да дојдеме до разумни и прифатливи решенија за создадените проблеми, зачувувајќи го при тоа културното и историско наследство кое му припаѓа на македонскиот народ како европска вредност. Но и покрај сите пречки македонската држава денес е дефинитивна историска реалност со потврден целосен историски идентитет и меѓународен државно-правен легитимитет, која што на достоинствен начин мора храбро да продолжи по зацртаниот европски пат.
Овие комплексни околности на современата македонска историја претставуваат големи научни предизвици и голема е одговорноста на научниците кои ги расветлуваат различните аспекти и значења на документите на АСНОМ и многу други историски настани. Потребно е со реална критика и објективни факти да ја соопштуваат вистината за тешката историја на македонскиот народ.
На крајот,сакам да порачам дека иднината на македонската држава се гради со труд, со заедништво, обединетост и храброст. Ако по утрото денот се познава, со промените што се случуваа оваа година, може да се предвиди дека за нашава земја доаѓаат подобри времиња.
Во знакот на заедничката работа и на очекуваната посветла иднина за Македонија во која мора да веруваме, дозволете уште еднаш да и посакам на Македонската академија на науките и уметностите вековно постоење и, како и досега, успешно совладување на предизвиците што ги носи времето.