Клучни препораки во штотуку објавената студија за Европскиот парламент со наслов „Идната европска безбедносна архитектура: дилеми за стратегиска автономија на ЕУ“ (1)
Челниците на ЕУ и лидерите на државите, членки на Унијата, веќе се целосно свесни дека постојната европска безбедносна структура е здраво начната или уште попрецизно – дисфункционална. Тој факт за светската јавност стана и многу поочигледен и откако американскиот претседател Доналд Трамп ги изнесе своите мислења за „старата дама“. Имено, одамна дијагностицираната потреба на европските либерални елити, а посебно на францускиот претседател, да се форматира т.н. „Европска стратегиска автономија“, која вклучува и воено-одбранбен сектор, се засили како некаква потреба на Брисел за да ја задржи својата улога на фактор во глобални рамки, а се нагласи уште повеќе со третманот на Трамп кон Европа.
Војната во Украина, искористена шанса за либерален Брисел да ги оправда своите интенции за милитаризација, под наводна воена закана од Истокот
Европа си зацртува цел не само да ја реформира туку и да ја изгради одново својата безбедносна архитектура, да може самата да биде глобален воен играч, бидејќи смета дека „рускиот претседател Владимир Путин има намера да ја освои цела Европа, не само Украина“.
– Руската агресија против Европа не е теоретска, туку е конкретна и многу европски држави веќе ги чувствуваат последиците. Линиите на фронтот се приближија до границите на Европската Унија по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Русија денес троши 10 отсто од својот бруто-домашен производ за одбрана, што е 40 отсто од нејзините буџетски трошоци – изјави вчера францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Во врска со ова, политичките аналитичари што ги консултиравме не можеа да замислат поголем фалсификат на вистината направен од францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, со најновата изјава за јавноста.
– Замислите каква торзија (извртување) на теза?! Наместо чесно, јасно и отворено либерален Брисел да каже дека линиите на разделување – самиот Запад ги помести на исток (а не обратно), вовлекувајќи ја Украина во војна, прекршувајќи ги договорите „Минск 1“ и „Минск 2“ и проширувајќи се кон границите со Русија, со интенција да се постават орудија со долг дострел и да се прими Украина во НАТО… Ете, затоа не може да им се верува на европските либерални елити. Со лаги и манипулации се служеа и за статусот на Македонија, тоа го прават и денес… Само што Русија не е Македонија и тешко дека ќе го свитка ’рбетот – разочарани во политиките на Брисел изјавуваат нашите соговорници.
Европско НАТО или европска одбранбена унија?
Но да се вратиме на студијата за потребите на Европскиот парламент во врска со градењето на новата европска безбедносна архитектура. Нејзините главни автори се д-р Сузана Анхел, експерт за надворешна и безбедносна политика, и м-р Марио Дамен, експерт за геополитика и трансатлантски односи, обајцата вработени во Одделот за политики на стратегиско предвидување на Европскиот парламент.
– Консултираните други 15 безбедносни и политички експерти нагласија дека треба да се размисли за пет можни сценарија за изградба на нова европска безбедносна архитектура. Две сценарија се однесуваат на конституирање европско НАТО или европска одбранбена унија. Овие две и другите три сценарија зависат од степенот на (дез)ангажирањето (напуштањето – заб.прев.) на Европа од страна на САД, од односите ЕУ-НАТО, можниот исход на војната во Украина, како и од активностите на Русија и Кина. Анализите покажуваат дека Европејците треба да го надоместат натамошното дезангажирање на САД од Европа, но и ако сакаат да останат важни како геополитички актер и за нивните сојузници и за нивните противници – нагласуваат Сузана Анхел и Марио Дамен.
Двата експерта предупредуваат дека „во спротивен случај европските нации и Европската Унија ќе се доведат во ситуација да станат безначајни, ирелевантни“. За да се одбегне ваквата опасност, студијата потврдува дека Европејците треба да ги зголемат трошоците за нивната одбрана – во случај на натамошно дезангажирање на САД од Европа – можеби и повеќе од 5 проценти од бруто-домашниот производ на европските држави.
Засилување на нуклеарните и вселенските способности и зајакнување на мрежата на европската одбранбена индустрија
Сето ова погоре, укажуваат Анхел и Дамен, ја идентификува искажаната потреба „да се засилат сопствените способности, вклучувајќи нуклеарни и вселенски способности, зајакнување на мрежата на европската одбранбена индустрија, како и останување во технолошката трка“.
Во споменатата студија натаму тие констатираат дека „НАТО не може повеќе да се смета како безбедносна архитектура што може да ја покрива цела Европа“ и препорачуваат дека „за да изгради посеопфатна безбедносна архитектура за целината на европскиот континент, НАТО треба да изгради некој вид односи со неговите источни соседи или да се преобрази себеси во панконтинентална (сеевропска – заб.прев.) организација“.
– ЕУ треба да стане дополнувачки столб на НАТО. Со тоа ЕУ ќе ги подобри своите капацитети, но нема да претставува закана за НАТО. ЕУ треба да развива своја одбранбена индустрија и сопствена стратегиска автономија, на таков начин што ќе се зачуваат трансатлантските врски, но сепак ќе преовладува европскиот интерес. Добивањето стратегиска автономија подразбира и поседување свои нуклеарни капацитети, а ваквата цел значи трошоци за одбраната многу над три отсто од бруто-домашниот производ, можеби и меѓу пет и седум проценти – заклучуваат Сузана Анхел и Марио Дамен во студијата, која е изготвена за потребите на Европскиот парламент.
Многу дилеми се наметнуваат, откако ќе се прочита темелно оваа студија од 140 страници, како дело на 17 експерти. Сегашната неолиберална политичка Европа забрзано се милитаризира и планира да потроши дури 800 милијарди евра во зголемувањето на својата одбранбена способност, при што е јасно дека таа попрво се подготвува и за можна војна со Русија на Владимир Путин, „за да не дозволи да биде окупирана“. Но од каде социоекономски урнисаната Европска Унија ќе најде толку многу пари? Животниот стандард на европското население забрзано опаѓа, забрзано се деиндустријализира не само „европската економска локомотива – Германија туку и редица други важни европски држави“, животниот стандард „паѓа на колена“ и во Франција, Англија – и во ваков социоекономски контекст Европската Унија планира издвојувања не три, туку и над пет, сѐ до седум проценти од бруто-домашниот производ на европските држави, за да се има сопствено нуклеарно оружје и вселенски одбранбени капацитети?!
Свето Тоевски
(продолжува утре)