Фото: „Нова Македонија“

ЕУ бара однапред уставни измени, Македонија бара гаранции

  • Без разлика на дискусиите за гаранции и евентуалните идни ветувања што би биле вешто спакувани како некаков вид гаранција што би ја добила земјава, таквото гарантно обврзување во никој случај не смее да биде бланко чек за спроведување уставни измени со кои би се загрозил македонскиот суверенитет. Во таа насока, евентуалните уставни измени мора да се случуваат исклучиво во фонот и во согласност со македонските национални интереси, што ќе значи заштита на македонската сувереност во секој поглед

Последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, во кој беа изнесени крупни забелешки околу реформските процеси, само покажа дека Европската Унија ќе ги користи сите расположливи алатки за дополнителен притисок врз земјава да ги направи уставните измени.
Иако актуелната власт не ја отфрла преземената обврска за вметнување на македонските граѓани со бугарска самосвест, како и на неколку други малцински заедници во Уставот, она на што инсистира пред да го направи таквиот чекор е да се обезбедат некакви гаранции дека нема да има понатамошни билатерални пречки на европскиот пат.
– Ние како влада отворено го пренесуваме ставот што веруваме дека е став на народот и бараме гаранции за предвидливоста на нашиот пат напред – истакна министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, коментирајќи го извештајот на ЕК во гостувањето на „Тема на денот“ на ТВ Сител.
Тој уште појасни дека за натамошниот процес на интеграција е потребно кредибилно и одржливо решение, кое нема да биде решение „по секоја цена“, напомнувајќи дека геополитичкиот контекст ја обврзува ЕУ да го гледа процесот на проширување како процес на унификација на Европа, кој покрај економско, има и безбедносно значење.

Гаранциите самите по себе ништо не ни гарантираат, Брисел и досега нѐ мамеше

Сигналите што се емитуваат ниско под радарот се дека има некаква дипломатска активност околу изнаоѓањето решение за уставните измени, а за тоа се разговарало и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за време на неодамнешната посета на македонската делегација во Брисел.
Повеќе од јасно е дека откако завршија локалните избори во земјава, европските челници очекуваат потег од македонска страна во насока на иницирање на процесот на промена на Уставот, така што повторното актуализирање од наша страна за некакви гаранции може да се поврзе токму со ваквите заложби.
Без разлика на дискусиите за гаранции и евентуалните идни ветувања што би биле вешто спакувани како некаков вид гаранција што би ја добила земјава, таквото гарантно обврзување во никој случај не смее да биде бланко чек за спроведување уставни измени со кои на некој начин би се загрозил македонскиот суверенитет.
Затоа е важно евентуалните уставни измени да се случуваат исклучиво во фонот и во согласност со македонските национални интереси, што ќе значи заштита на македонската сувереност во секој поглед. Во суштина тоа е најголемата гаранција што земјава може да си ја обезбеди за да го заштити она што значи територијален интегритет, македонски идентитет, јазик, историја, култура, истовремено и заштита на сите природни богатства со кои располага таа. Во тој контекст, евентуалните уставни измени мора да бидат во корелација и со меѓународното право, односно во нив да се содржи словото на меѓународноправниот поредок или, пластично објаснето, сето она што значело прекршување на меѓународното право врз македонски грб да биде ставено „ад акта“ и состојбите да се вратат на претходното ниво. Тоа се однесува и на промената на државното име што се случи спротивно на сите меѓународни правни акти, вклучително и на јус когенс нормата врз која почива или барем треба да почива меѓународниот поредок.

Нашата најсилна гаранција е во изградбата на државотворно единство

Како што напишавме вчера, во третиот дел од серијалот со наслов „Историска нужност: Време е за државотворно единство“, „наша историска нужност е да поставуваме брани пред сите напливи што го загрозуваат нашето национално достоинство, што ни ја понижуваат гордоста, што нѐ тераат да си го продадеме суверенитетот во целост и што бараат од нас да се самоукинеме како стар европски народ“.
Затоа, токму државотворното единство како политичко-историски феномен ни е потребен сега, како наша, своја и сопствена највисока гаранција, за земјава и нацијата да не биде вовлечена во спиралата на тонење како државно-правен ентитет каква што е позната Македонија – унитарна, суверена, самостојна, демократска и социјална држава, со неделив суверенитет, неотуѓив и непренослив.
1. Имено, со ништо не смее да биде нарушен територијалниот интегритет на државата од ниту една заедница вклучена во Уставот, односно сите малцинските заедници вклучени во Уставот не смеат овој чин да го злоупотребат за искажување територијални аспирации и прекројување на државните граници.
2. Понатаму, градењето индивидуален историски наратив, митови и приказни се неприкосновено право на македонската историографија и во преамбулата треба да биде јасно посочено, без никакви амандмански интервенции, врз што се темели македонската државност, кој ја изнел врз своите плеќи, кои се историските личности врз кои почива македонството и кои се визиите на македонската држава за нејзината иднина. За експерименти од типот на заедничка историја нема место бидејќи Македонија како држава има сопствена историја за која придонеле сите што живееле на овие простори и само тие имаат право да веруваат во она што како историски наратив и преданија им го оставиле нивните предци.
3. Потоа, евентуалните уставни измени имплицитно треба да го содржат приматот на македонскиот јазик како прв официјален јазик за комуникација на државните претставници и институции. И македонската култура треба да биде јасно дефинирана како нераскинлив дел од македонскиот бит. Тука спаѓа и грижата за македонското малцинство во соседните земји врз принципот на реципроцитет со соседите.
4. Она што никако не смее да биде загрозено при евроинтегративниот пат на земјава се природните богатства, кои мора да останат во македонска сопственост, како најдобра гаранција дека земјата има иднина. Еве, на пример, водата е нашето најголемо богатство, имајќи го предвид фактот дека земјава располага со едни од најголемите подземни резерви на пивка вода. Тука се реките и езерата, чии води треба рационално да се користат за домашни потреби, било да се работи за земјоделството, било за производство на електрична енергија.
5. Затоа и капацитетите што би се граделе треба да бидат домашна инвестиција бидејќи само на тој начин ќе се обезбеди независен и евтин енергент за македонските граѓани и компании. Таква енергетски независна Македонија ќе ја има најсилната гаранција дека е на вистинскиот пат.
6. Клучот на целата наша заложба во евроинтеграциите треба да биде доследно почитување на меѓународното право, односно секаде онаму каде што тоа е погазено врз нашиот грб да се исправи и од македонскиот устав да се исфрлат сите вметнати неуставни аномалии. Тоа би ја вклучило и суспензијата на уставните амандмани за промена на името донесени од нелегитимно конституирано собрание без потребното мнозинство, како и без потпис на претседателот на државата, со што и одлуките на ваквото Собрание не предизвикуваат правно дејство.
7. Со други зборови, тоа значи дека ако доследно се почитуваат правните норми, тогаш на новоименуваната наша држава ѝ е наметнато нелегално име. И ние никогаш нема да се откажеме од враќањето на тој столб на идентитетот: името – Република Македонија.
Тоа се основните столбови од кои Македонија не смее никогаш да се откаже на патот кон ЕУ и врз кои треба да се конципираат евентуалните уставни измени, ако воопшто дојде до нив.