Водата за пиење во Франција е масовно загадена од вечните загадувачи, супстанции познати по скратеницата за нивно именување – ПФАС. Тие се присутни во различни средини во повеќе француски градови, особено во Париз. Тоа го покажаа две посебни анализи на водата спроведени од лабораторијата „Еурофинс“ и од здруженијата „УФЦ-Ке шуазир“ и „Женерасион футур“, кои покажуваат високи концентрации на трифлуороцетна киселина (ТФА). Ако луѓето во текот на подолг период се изложени на вечните загадувачи, тоа може да има ефекти врз плодноста или да предизвика одредени видови рак

Истражување што ја потресе Франција: Многу француски градови се соочуваат со опасноста од т.н. вечни загадувачи

Во Франција, контаминацијата на водата за пиење со таканаречените вечни загадувачи (ПФАС, за пер- и полифлуороалкилни супстанции) достигнува загрижувачки нивоа. Две анализи, објавени во четвртокот на 23 јануари и спроведени одделно од страна на здружението на потрошувачи „УФЦ-Ке шуазир“ и еколошката невладина организација „Женерасион футур“ од една страна и од лабораторијата за анализа „Еурофинс“ од друга страна, сугерираат дека речиси сите жители на Франција се изложени на овие токсични материи преку водата за пиење, а во огромно мнозинство на случаи на нивоа што го надминуваат теоретскиот праг на квалитет на водата.
Севкупно, беа земени околу сто примероци од вода од чешми во главните метрополи и руралните области блиску или подалеку од индустриски локации. Во 20 општини од 30 тестирани, прагот го надминува референтниот стандард во Европа.
Овој вечен загадувач е многу комплициран за отстранување од водата, тој е пронајден во водата на 24 од 30 општини, само тој го надминува, во 20 општини, референтниот стандард во Европа од 100 нанограми/литар за дваесетте дозволени ПФАС, кои мора да стапат во целосна сила во 2026 година, според ова истражување.

ПФАС речиси се неуништливи во природата

Речиси неуништливи, овие вечни загадувачи здружуваат повеќе од 4.700 молекули и се акумулираат со текот на времето во воздухот, почвата, реките, па дури и во човечкото тело. Ако луѓето во текот на подолг период се изложени на вечните загадувачи, тоа може да има ефекти врз плодноста или да предизвика одредени видови рак.
Ако не е, како што е наведено во истрагата, „опасен како ПФОА или ПФОС“, забранети во Европа неколку години, остануваат сивите зони на токсичноста на TФA и тој е „речиси неуништлив во животната средина“, се нагласува во студијата.
Помеѓу 30-те општини чија вода беше анализирана, Париз е втор по концентрација, со 6.200 ng/l, зад Мусак, во Гард (13.000 ng/l). Градот Бруксерол, во Виен, го комплетира овој подиум, со 2.600 ng/l. Мусак се наоѓа во близината на Салиндре, каде што фабриката на групацијата „Солвеј“ произведуваше ТФА до минатиот септември, потсетува истрагата.
Во Франција, TФA „многу ретко – ако не и никогаш – се бара од регионалните здравствени агенции за време на контролите на водата за пиење“, истакнува студијата, која нагласува дека често доаѓа од разградување на флуфенацетот, хербицид што се оценуваше на крајот на септември од страна на Европската управа за безбедност на храната (ЕФСА). Сепак, од „Женерасион футур“ заклучиле дека тој предизвикува ендокрино нарушување.

Громогласен апел: Зајакнување на стандардите!

„Ако активната супстанција [тука, флуфенацетот] предизвикува ендокрино нарушување, тогаш нејзините метаболити [вклучувајќи TФА] мора да се сметаат како релевантни“ и затоа контролирани, смета Полин Серван, токсиколог во „Женерасион футур“, цитиран во истрагата.
Проблемот е што TФA е „не е добро задржан“ во споредба другите ПФАС со техники за деконтаминација на вода, и оние базирани на активен јаглен и оние базирани на мембранска филтрација, популарна во најмодерните фабрики за вода за вода за пиење, вели за АФП Џули Мендрет, истражувач на Универзитетот во Монпелје.
Тешкотијата за задржување и за отстранување на оваа хемикалија од водата се објаснува со нејзината карактеристика како „ПФАС со краток синџир“, кој содржи помалку атоми на јаглерод и затоа е „многу мал, многу мобилен“, објаснува овој специјалист за третман на водата.
Покрај TФA, здруженијата „УФЦ-Ке шуазир“ и „Женерасион футур“ анализираа 33 ПФАС: со исклучок на TФA, концентрациите на ПФАС „остануваат во согласност со стандардот избран од Франција“ (збир од 20 специфични ПФАС ограничени на 100 ng/l).
Но овој стандард е „многу помалку строг од оние на другите земји“, како што се Соединетите Американски Држави или Данска, забележуваат двете здруженија, кои веруваат дека францускиот стандард „е премалку заштитнички“ и не се заснова „на никакви солидни токсиколошки податоци“. Овие организации повикуваат на примена на принципот на претпазливост.


Што е ПФАС?

Перфлуороалкилни и полифлуороалкилни супстанции ПФАС (PFAS) е група од повеќе од 4.700 соединенија што почнаа да се развиваат и користат од четириесеттите години на минатиот век. Овие хемикалии се користат во широк спектар на производи – на пример, опрема за готвење, водоотпорни ткаенини, амбалажа и хартија за храна, пена за гаснење пожар и др. Сепак, овие хемикалии тешко се разложуваат и во телото на човекот и во околината, наместо да исчезнат, тие се акумулираат. Научните истражувања сугерираат дека долготрајната изложеност на ПФАС може да доведе до повеќе полесни и потешки здравствени проблеми.


Кои се здравствените ефекти на ПФАС?

Ефектите на ПФАС врз луѓето се тешки и може да предизвикаат канцерогени заболувања и оштетување на црниот дроб, а го зголемуваат ризикот од астма и болести на тироидната жлезда. Симптомите на изложеност на ПФАС може да вклучуваат и зголемен ризик од висок крвен притисок, зголемено ниво на холестерол и намален имунолошки систем, што прави да биде уште поголема ранливоста на луѓето на други болести.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур