Грчката заедница во Австралија со ирационални обиди за негирање на македонскиот идентитет
Соработникот и дописник на „Нова Македонија“ од Австралија, Душко Апостолоски, ги анализира мотивите за одредени појави на негирања на македонските национални особености во Австралија, нагласувајќи дека станува збор за ирационални обиди за видоизменување на нешто што веќе е дефинирано од самиот македонски народ. Во својата анализа, тој истражувајќи открива факти што јасно посочуваат од каде пристигнуваат овие негирања – од грчката држава и од грчката дијаспора. Тој ни ја пренесува и пораката на македонската дијаспора дека македонскиот идентитет не е политички проект, како што некој се обидува да ни го претстави, туку тој е реалност. Нашиот македонски идентитет живее во нашите македонски песни, македонскиот јазик, македонската историја и спомените на нашите предци. Македонскиот идентитет е нашето битисување и никогаш нема да се откажеме од македонските идентитетски особености…
- Изразен пример за ваквата негативна практика е однесувањето на грчката заедница во Австралија, која со децении се обидува да внесе сомнеж во однос на одделните македонски национални особености, слично на апсурдните бугарски тврдења за македонската историја или јазик. Овие посегања по македонскиот идентитет и македонските особености се форма на негирање, односно ирационални обиди за видоизменување на нешто што веќе е дефинирано од самиот македонски народ
Светот е исполнет со културни, јазични и историски различности, па оттука македонскиот идентитет кај поединецот треба да биде прифатен како личен избор, а не како нешто што предизвикува сомнеж или преиспитување. Но многумина припадници на македонскиот народ, вклучително и оние во соседните држави и дијаспората, постојано се соочуваат со негирања. Изразен пример за ваквата негативна практика е однесувањето на грчката заедница во Австралија, која со децении се обидува да внесе сомнеж во однос на одделните македонски национални особености, слично на апсурдните бугарски тврдења за македонската историја или јазик. Овие посегања по македонскиот идентитет и македонските особености се форма на негирање, односно ирационални обиди за видоизменување на нешто што веќе е дефинирано од самиот македонски народ. Во Австралија каде што живее многубројна македонска дијаспора, ова прашање е особено чувствително и затоа таа во изминативе неколку децении испрати јасна порака – нема да се откажеме од македонскиот јазик, македонската историја и македонското име. Македонскиот идентитет е јасен, тој е резултат на вековните борби за слобода и државност и љубовта кон татковината Македонија, да се биде Македонец не значи да се биде против некого, туку да се биде за себеси и за сопствените јазични и културни особености. Ова се главните пораки што ги испраќа македонската дијаспора од Австралија.
Македонците имаат чувство дека нивниот идентитет е под постојана опсада
Во срцето на Австралија, каде што секоја етничка заедница битисува со сопствен јазик, историја или култура, македонската дијаспора живее со една длабока болка – потребата постојано да го брани својот македонски идентитет. Јасното тврдење „Македонец сум“ наидува на лавина апсурдни омаловажувачки прашања – дали си Бугарин или Грк? Дали зборуваш бугарски или грчки јазик? Станува збор за негирање и политичка предрасуда што најчесто доаѓаат од грчката заедница во Австралија, вели м-р Никола Огненовски, кој многу години се занимава со оваа проблематика.
– Македонската заедница во Австралија има десетици илјади Македонци, таа е една од најстарите и најорганизирани заедници надвор од татковината Македонија. Од почетокот на 20 век, па сѐ до денес, припадниците на македонскиот народ се доселувале во Австралија за подобар живот, но никогаш не ги заборавиле Македонија, македонскиот јазик, македонската историја и македонската култура. Денес, Македонците во Австралија имаат свои друштва, цркви, медиуми, културни центри и спортски клубови. Меѓутоа и понатаму се доведуваат под знак прашалник нивниот македонски идентитет и нивните македонски обележја, особено од грчката заедница – вели нашиот соговорник.
Македонската дијаспора во Австралија е под притисок на грчката држава и нејзината дијаспора, која има силни лоби-групи во земјата. Оттука, австралиските институции со децении се под притисок на грчкото лобирање за усвојување на терминот славомакедонци, наместо Македонци, што е особено навредливо за македонската заедница во Австралија.
Грчката дијаспора е една од најголемите и највлијателни во Австралија, со силно присуство во политиката и медиумите, а ова влијание неколкупати досега беше искористено за присвојување на името Македонија и негирање на македонскиот идентитет. Оттука и одредени грчки здруженија и организации во Австралија се противеа на финансирање настани или медиуми што ги афирмираат македонските национални особености.
– Непризнавањето на македонскиот јазик, историја и култура од страна на грчката заедница во Австралија доведе до апсурдна ситуација, односно Македонците беа принудени да се борат за основното право за самоидентификација, како и правото за јазично и културно изразување. Оттука Македонците имаат чувство дека нивниот идентитет е под постојан напад – вели Огненовски.
Никогаш нема да се откажеме од македонскиот идентитет – порака на нашинците од Австралија!
И покрај силните притисоци и лобирања на грчката држава и дијаспора, македонската заедница во Австралија продолжува да ги афирмира македонскиот јазик, историја и култура. Сите македонски здруженија и организации од Австралија повеќепати досега нагласија дека не може да се прават отстапки за македонскиот идентитет, како што истакнува и Никола Огненовски.
– Доколку кажам дека сум Македонец, тоа треба да биде прифатено достоинствено, исто како што јас ги прифаќам другите, без разлика дали станува збор за Грк, Бугарин или Србин. Во Австралија живеат илјадници Македонци, а негирањето на правото за самоидентификација е особено чувствително. Можеби грчката заедница е повеќебројна од нас, но ние сме тука – горди и активни – нагласува нашиот соговорник.
Во минатото, многу припадници на македонскиот народ на искажувањето дека се Македонци се соочува со омаловажувачки прашања – дали си Југословен, Бугарин или грчки Македонец, дали зборуваш грчки или бугарски јазик? Овие искажувања се јасна потврда за предрасудите и негирањата на грчката заедница.
– Негирањата се апсурд затоа што почитта кон другиот започнува со признавање на неговата самоидентификација. Доколку кажам дека сум Македонец, тоа треба да биде прифатено на ист начин како што ги прифаќам другите, тука треба да заврши секоја дискусија – вели Огненовски.
Македонскиот идентитет не е политички проект, како што некој се обидува да ни го претстави, тој е реалност. Нашиот македонски идентитет живее во нашите македонските песни, македонскиот јазик, македонската историја и споменатите на нашите предци. Македонскиот идентитет е нашето битисување и никогаш нема да се откажеме од македонските идентитетски особености, потенцираат нашинците од Австралија.
– Не можеме да се откажеме од македонското име, јазик, историја. Нашиот македонски идентитет е кулминација на македонската вековна борба за слобода и сопствена држава и право за македонска самоидентификација. Да се биде припадник на македонскиот народ, не значи да се биде против некого – заклучува Никола Огненовски.
Автор: Душко Апостолоски, наш дописник од Австралија