Откритието на Касами за „владата во сенка“ на Беса и посегнувањето по ваквиот инструмент на општествено дејствување како правно-политички коректив, сепак, се доволна провокација да се разгледаат целисходноста, ефикасноста и мотивите за примена на овој политички инструмент во македонскиот демократски контекст. И порано некои други партии, главно кога биле во опозиција, најавувале дека (ќе) прават „влада во сенка“, но речиси секогаш тоа завршувало повеќе во функција на партиско-маркетиншки потфат, без некој подлабок и подолгорочен контролно-корективен ефект во постојниот општествено-политички амбиент
Заспаните надзорно-корективни механизми над државната управа полека се будат од тридецениска хибернација
Деновиве партијата Беса, преку својот лидер Билал Касами, излезе во јавноста со ставот дека „ако до пролет не се одржат предвремени парламентрани избори, Беса ќе ги радикализира чекорите за притисок врз власта преку протести“, истовремено откривајќи дека Беса формирала „влада во сенка“. Имено, формираната „влада во сенка“ е со 16 одделенија, кои ќе ја следат, ќе ја надгледуваат и ќе ја контролираат работата на министерствата, и едно за дијаспората! Според Беса, „сето тоа ќе функционира сѐ до предвремените избори, ’кога и да се случат тие‘, со цел да ги лоцираат слабостите и проблемите на институциите и да ги креираат политиките на партијата во иднина“!
Откритието на Касами за „владата во сенка“ на Беса и посегнувањето по ваквиот инструмент на општествено дејствување како правно-политички коректив, сепак, се доволна провокација да се разгледаат целисходноста, ефикасноста и мотивите за примена на овој политички инструмент во македонскиот демократски контекст. И порано некои други партии, главно кога биле во опозиција, најавувале дека (ќе)прават „влада во сенка“, но речиси секогаш тоа завршувало повеќе во функција на партиско-маркетиншки потфат, без некој подлабок и подолгорочен контролно- корективен ефект во постојниот општествено-политички амбиент.
– Моделот на опозициско политичко дејствување преку т.н. „влада во сенка“ е типична за англосаксонскиот парламентарен систем, особено за оној во Велика Британија, кој, всушност, е изворниот пример. Самото функционирање на парламентите според овој систем е уредено преку начинот на дејствувањето на „владата во сенка“. Конкретно, во функционирањето на парламентот е одредено дека лидерот на опозицијата прв му реплицира на премиерот кога се обраќа на парламентарната говорница, но одредува и членови од својата парламентарна група што први ќе реплицираат на темите во обраќањата на другите министри во актуелната влада. Секако и другите парламентарци од опозицијата можат потоа да дискутираат, но оние што се одредени први на реплицираат, всушност, ја прават „владата во сенка“. Тоа повеќе претставува организација на дебатата во таков парламентарен систем. Но тоа не значи дека ако и кога опозициската партија дојде на власт, дека целиот состав на „владата во сенка“ автоматски станува официјална влада. Мандатарот секогаш има право на поинаков избор, а одговорноста е целосно негова – вели Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции, и ја демистифицира суштината на политичкиот феномен „влада во сенка“.
Сепак, Боцевски истакнува дека овој модел не е карактеристичен за функционирањето на македонското собрание, како ни за повеќето парламенти во европските земји. Некои парламенти можеби имаат модификација во организацијата на дебатата според англосаксонскиот систем, со „влада во сенка“, но оваа синтагма повеќе е метафора за притисок на опозицијата врз работата на официјалната влада. Но тоа не значи дека „владата во сенка“ со свои квалитетни човечки ресурси, компетентни луѓе, анализи и аргументации, не ќе може да поттикне општествен политички или правен механизам за повикување на одговорност за неодговорни зафати на државната управа или на носителите на власта. Токму таа може да биде факторот што ќе ги активира институционалните лостови за надзор и контрола на државната управа, на пример, во Собранието. Што се однесува до профилирањето на пратениците во македонското собрание за дебатирање на одредени теми, Боцевски забележува дека опозициските пратеници сѐ повеќе се насочуваат во дискусиите и репликите аргументирано на теми за кои имаат професионално знаење и стекнато искуство.
– Најавувањето на опозициските партии за дејствување во некаков формат на „влада во сенка“, на македонската политичка сцена повеќе е за промотерски ефект и со краток здив. Често се најавувани, никогаш не се реализирани. Кога лидер на опозициска партија ќе најави „влада во сенка“ си создава обврски, а обично опозициските лидери не сакаат да си ги „врзуваат рацете“ на таков начин – констатира Боцевски.
Политичкиот аналитичар Сотир Костов го гледа кокетирањето на опозициските партии во Македонија со форматот „влада во сенка“ низ призмата на развојот на македонската демократија.
– Треба да бидеме реални дека Македонија не е општество со развиена демократија. Демократијата кај нас е повеќе формална отколку суштинска. И конечно, во Македонија нема традиција на функционирање на форматот „влада во сенка“. Иако македонското собрание не функционално организирано за опозициско дејствување на „влада во сенка“, сепак, тоа повеќе е израз за концептуално опозициско дејствување со одредена визија. За тоа е потребна силна опозиција, било здружена или силна голема опозициска партија, која ќе има силен концепт за економско, социјално и политичко менаџирање на државата, со кој ќе се спротивстави со конструктивни решенија на она што ѝ го забележува и ја критикува официјалната влада. Кај нас досега ниту поголеми партии во опозиција не покажале капацитет за дејствување на „влада во сенка“, а не сум уверен дека Беса е партија со таков потенцијал и концепт. Од досегашното нејзино дејствување може да се согледа дека тоа е партија што лавира меѓу власта и опозицијата, со условувања (и уцени) за да има одредени придобивки и се задоволува со тоа да биде само „јазичето на вагата“ што претежнува кој ќе биде власт, а кој опозиција. Би сакал да ме демантираат со реализацијата на својот концепт на „влада во сенка“ и како аналитичар ќе ги поддржам ако успеат во тоа – вели Сотир Костов, со дополнителна забелешка дека изгледа сенките на „владите во сенка“ се многу длабоки, па опозиционерите заспиваат во нив, криејќи се во жешките политички мигови, задоволувајќи се со залчиња од локалната власт, па брзо им затапува критичкото сечило.
Политичкиот аналитичар и прв извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски, смета дека во принцип е добра идеја опозицијата да промовира „влада во сенка“ и да профилира во јавноста конкретни личности за барем неколкуте главни државни функции, ако не и за целиот состав на идната влада.
– „Влада во сенка“ е добра практика во светот на политичките партии што се (и кога се) во опозиција, што кај нас малку или воопшто не се практикува. Уште полошо, кај нас членовите на партиите што се потенцијални министри (или други носители на високи државни функции) не се ни вработени во партијата (освен тие што се пратеници во парламентот…, но ретко од тие редови се регрутираат идните министри), што оневозможува систематска подготовка на кандидатите за тие функции кога еднаш ќе дојдат на власт. Мислам и дека ова значително придонесува кон корупцијата во државата, со логиката дека кога ќе се „стигне“ до функција, треба да се „наплати“ за сите години поминати во опозиција (често и без друга работа).
Во таа смисла, добра е идејата опозицијата да промовира „влада во сенка“ и да профилира во јавноста конкретни личности за барем неколкуте главни државни функции, ако не и за целиот состав на идната влада… А би рекол дека е пожелно сите тие да се на платен список на партијата, како нивна постојана работа – токму за да се концентрираат на функцијата, а не на својата егзистенција и евентуалната злоупотреба кога еднаш ќе дојдат на ред да ја извршуваат – вели Александар Кржаловски.
„Влада во сенка“ извонредно функционира во Велика Британија
Познавачите на парламентарните традиции посочуваат дека има многу позитивни примери на политички лидери што со своето дејствување како „влада во сенка“ успеале да детектираат, изменат и да поправат низа системски недоследности и пропусти на државната управа, односно незаконски поведенија и активности на одредени државни функционери. „Владата во сенка“ како најсилен пример од Велика Британија со своите укажувања, анализи, јавни експликации, контрола, коректив и надзор над државната управа, перманентно придонесува за унапредување на работата на државната управа и на носителите на јавна власт. Во наредниот период, инструментот „влада во сенка“, исто така, ќе биде предмет на анализа, како контролен политичко-општествен надзор и коректив, образложен токму од страна на високи дипломати на најразвиените демократски земји, кои во Македонија имаат свои дипломатски претставништва.