Роденденската претстава „Ѓоре Магаревски“, која си поигрува со идентитетските прашања на Македонецот, се одигра во преполна сала со рој солзи и смеа кај публиката, што уште еднаш ги покажа силата и непоколебливиот дух на Македонецот, кој благодарение токму на својата смисла за хумор успева да опстојува на ова парче земја со векови. Од друга страна, пред народниот театар „Иван Вазов“ во Софија, минатата недела, се случија бунт и цензура против претстава што наводно ги навредува Бугарите, што е можеби најеклатантен пример за тоа колку се разликуваме како народи. Повеќе од очигледно е дека во Бугарија постои криза на националната самосвест – да се биде Бугарин веројатно сѐ уште има негативни конотации, па и хуморот е идеолошки ограничен
Зошто цврсто опстојува посебноста на македонскиот идентитет?
„Ме плаши светот што ја изгуби смислата за хумор“, изјавува славниот писател Милан Кундера во интервју во 1980 година по повод неговата книга „Книга за смеата и заборавот“, образложувајќи го своето сфаќање за значењето на хуморот во секое општество, во неговиот случај зборувајќи за добата на сталинистичкиот терор. Во интервјуто тој додава дека секогаш можел да препознае личност од која не мора да се плаши по начинот на кој се смее. Смислата за хумор за него е доверлив начин на препознавање и додава „уште од тогаш ме плашеше светот што ја изгубил смислата за хумор“…
Смеата, хуморот и иронијата, дури и на сопствена сметка, отсекогаш му биле блиски на македонскиот народ, дури и кога искусувал болка и неправда, особено кога големите сили низ историјата, а уште повеќе нашите соседи, со сила сакале (и сѐ уште сакаат) да ѝ ја ускратат на оваа мала земја нејзината национална свест. Смислата за хумор и непоразлив дух е вкоренет во македонскиот код, што е своевиден показател за интелигенција и широкоградост, но не и отсуство на гордост, напротив. Токму ваквиот начин на кој македонскиот човек опстојува низ вековите е доказ за непоколебливоста на неговиот дух. Во демокрaтските системи политиката и хуморот одат рака под рака, за разлика од авторитарните режими во кои хуморот во политиката е строго контролирана дејност. Токму таква е паралелата меѓу неодамна одиграната претстава „Ѓоре Магаревски“ во Битолскиот театар, каде што авторот на текстот Владо Малевски се шегува со идентитетските прашања преку своевидна самоиронија, а претставата наиде на солзи и смеа кај публиката, и цензурата што се случи минатата недела во престолнината на Бугарија, кога тамошните националисти организираа нереди пред народниот театар „Иван Вазов“ во Софија и ја спречија публиката, дојдена за премиерата на претставата „Оружјето и човекот“ од Бернард Шо (со изговор дека ги навредува Бугарите), во режија на Џон Малкович, да влезе во салата. Погромот што се случи пред народниот театар беше варварски чин за напад на слободата на говорот, уметноста и слободниот креативен дух. Очигледно тоа се должи на постоењето криза на националната самосвест – да се биде Бугарин веројатно сѐ уште има негативни конотации.
Текстот на Владо Малевски – доказ за непоколебливиот дух на Македонецот
Дека македонскиот народ отсекогаш имал развиено чувство за хумор покажа и неодамнешната изведба на претставата „Ѓоре Магаревски – 80 години потоа“, изведена на сцената на Битолскиот театар во чест на 80-годишното постоење на театарската куќа. Претставата прикажува како и во 1944 година, но и денес се третираат идентитетското прашање, моралот, предавствата, но и болните премолчувања. Едночинката на Владо Малески првпат е изведена на македонски јазик на 14 ноември 1944 г., со што започнал со работа најстариот македонски театар, Битолскиот. Новата претстава содржи три дела во кои режисерите Софија Ристевска-Петрушева, Јован Ристовски и Благој Мицевски даваат свое видување на темата.
– Ова е тема што за некого можеби ќе биде скандалозна, за некого провокација. Но наше е да не дозволиме да си правиме автоцензура. На сцената го гледате тоа што некој пред 80 години го напишал и одиграл без наши дополнителни интервенции внатре во целото. И ако ме прашувате зошто трипати Ѓоре Магаревски во една претстава, ќе одговорам – за да не ја заборавиме поуката дека ако историјата ја заборавиме, ќе ни се повтори – вели директорот на театарот, Васко Мавровски.
Режисерот Јовица Ристевски во својот дел од претставата се осврнува на премолчувањата.
– Едни луѓе во 1944 г. биле со идеологија. Осумдесет години потоа, овој народ во овој момент не живее со иста идеологија. Порано сите го гледаа на ист начин сонцето, на ист начин се бореа за одредени вредности, а денес тоа недостига. Во мојот дел од претставата отворив делови што Македонецот ги премолчува. Она што го молчиме го има во претставата. Таа една непријатна тишина кога како граѓани се плашиме да ја изговориме вистината – рече Ристовски.
Благој Мицевски вели дека со претставата се заокружува мислата дека историјата се повторува и дека ни се случува и сега во моментот. Целиот проект го гледа како потрага по тоа што е вистина, кои се наши херои, а кои предавници.
– Интересно е што во оваа едночинка се опишува константната промена на идентитетот на нашиот народ поради повеќе причини. Момент што се провлекува низ нашата историја доста долго. Јас ја поставив оваа едночинка низ комедијата, иронијата и гротеската. На крајот гледаме како тие жени, народ, таа држава им пресудуваат на предавниците – истакнува режисерката Софија Ристевска Петрушева.
Таа смета дека единствено што е важно за секој човек се честа, моралот, лојалноста и солидарноста, а никој на крајот не го почитува предавникот.
Авторката и драматург Билјана Крајчевска подвлекува дека секој човек во светот има идентитет, различноста е прекрасна, па затоа многу е важно да се зачува сопствениот идентитет. И по осумдесет години, истите идентитетски прашања што на времето го измачувале македонскиот народ се поставуваат, за жал, и денес.
Во текстот, Ѓоре Магаревски во српско време станувал Џорџе Магаревиќ, во бугарско Георги Магарев, за време на италијанската окупација Џорџо Азанини или на албански Георг Омали, за на крајот во слободна Македонија да се нарече Ѓорѓе Магаревски. Оттука и Малески првично го именувал како „Петтоимениот Ѓоре“. Иако претставата обработува сериозна тема, таа се претвора во урнебесна комедија, која ја насмеа публиката до солзи.
– Јас сум роден битолчанец и сум професионален патриот. Патриот од највисок ред. Секогаш сум верувал во слобода, слобода да смениш страна кога работите не ти одат од рака. Вистинските патриоти не ги бранат границите, туку тие ги прошируваат или ги стеснуваат кога тоа е потребно. Затоа не е важно што земјата може да направи за вас, туку вие што може да направите за која било земја, која и да е партијата што победува – вели Сашо Димовски во улогата на Ѓоре.
Роденденската претстава, на која салата беше преполна до последното седиште, уште еднаш ја покажа силата на Народниот театар во Битола, но уште повеќе непоколебливиот дух на Македонецот, кој благодарение на својот дух успева да опстојува на ова парче земја со векови.
Во Бугарија дури и хуморот е идеолошки ограничен?!
И додека публиката во салата на Битолскиот театар умираше од смеа, пред народниот театар „Иван Вазов“ во Софија во кој се играше претставата „Оружјето и човекот“, која ја поставува холивудската ѕвезда Џон Малкович, по текст на славниот Бернард Шо, еден од ретките добитници и на „оскар“ и на Нобелова награда за неговата работа – се случија бунт и цензура. Организатори на протестот беа неколку националистички бугарски здруженија и патриотски организации, како „Национално будење“, „Млади за Бугарија“ и „Куберови ратници“…, кои истакнаа дека текстот ја искривува нивната историја и ги навредува достоинството и споменот на нивните народни херои. Очигледно во Бугарија дури и хуморот е идеолошки ограничен.
Драмата „Оружјето и човекот“, на светски познатиот ирски драматург Бернард Шо, првпат е поставена во 1894 година во театарот „Авенија“ во Лондон. Ова е една од најчесто поставуваните комедии на нобеловецот. Преку јазикот на комедијата, текстот има цел да ги исмее јавните чувства што ја величаат војната, прикажувајќи ги нивните внатрешни противречности и прекумерната романтизација. Критичарите ја опишуваат претставата „Оружје и човек“ како антивоена и антиромантична комедија. Првично, ликовите, како и околината во претставата се условени, но во потрагата по реалистичен звук, Бернард Шо, советуван од пријателите, решил опишаните врски и настани да ги стави во контекст на тогаш завршената Српско-бугарска војна на Балканот. Така, по завршувањето на битката кај Сливница во 1885 година, домот на офицерот Петков во гратчето кај Драгоман во Бугарија станува место на дејствието. Заплетот е базиран на битката кај Сливница за време на Српско-бугарската војна во 1885 година. Шо ги опишува Бугарите на не многу ласкав начин – како луѓе што се капат еднаш во животот и не читаат, што предизвика многу негативни реакции во Бугарија. Драмата исто така ги прикажува бугарските војници како кукавици и недостојни, а Бугарите како нечисти и диви. Според објаснувањето на Малкович, пак, култната драма на Шо, стара повеќе од 120 години, дело на ирски нобеловец, која стана закана за националната гордост на Бугарија, е смешна и трогателна, а ликовите се доста експресивни, интелигентни и комични.