Трамп се повлече од заканите со царини и сила за Гренланд и најави рамковен договор
Американскиот претседател Доналд Трамп ненадејно се повлече од заканите дека ќе воведе царини и ќе употреби сила како средство за преземање на Гренланд, најавувајќи дека е на повидок рамковен договор со НАТО за Арктичкиот Регион. За време на неговото учество на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, Трамп ја ублажи реториката што со недели ги вознемируваше сојузниците во НАТО и ги потресе финансиските пазари, отворајќи стравувања од нова глобална трговска војна.
Изградба на американскиот систем за ракетна одбрана златна купола
Наместо конфронтација, Трамп изјави дека САД и НАТО работат на договор што би овозможил изградба на американскиот систем за ракетна одбрана златна купола, пристап до критични минерали и зајакната безбедност на Арктикот, со цел да се спречат руските и кинеските амбиции во регионот.
– Тоа е договор со кој сите се многу задоволни. Тоа ќе биде долгорочен договор што ги става сите во многу добра позиција, особено во однос на безбедноста и минералите – изјави Трамп по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. На својата платформа Трут соушл, Трамп напиша дека САД и НАТО „формирале рамка за иден договор во врска со Гренланд и целиот Арктички Регион“, додавајќи дека поради тоа нема да бидат воведени царините што требаше да стапат во сила на 1 февруари.
Спорот мора да се решава по дипломатски пат
Данска, пак, порача дека спорот мора да се решава по дипломатски пат.
– Клучно е да се почитуваат интегритетот и суверенитетот на Кралството Данска и правото на народот на Гренланд на самоопределување – изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен, одбивајќи да навлезе во детали за разговорите. Трамп потврди дека во натамошните преговори ќе бидат вклучени потпретседателот Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот претставник Стив Виткоф. Тој јавно ја исклучи употребата на сила, нагласувајќи дека не сака воена опција.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека на средбата со Трамп не било дискутирано прашањето дали Гренланд ќе остане под дански суверенитет, додавајќи дека фокусот бил ставен на безбедноста на Арктичкиот Регион. Тој оцени дека средбата била „многу добра“, но нагласи дека „сè уште има многу работа што треба да се заврши“ за постигнување конечен договор. П.Р.
Што навистина значи „повлекувањето“ на Трамп во врска со Гренланд?
Ненадејното повлекување на американскиот претседател Доналд Трамп од заканите со царини и употреба на сила во спорот околу Гренланд претставува значајна тактичка промена, но не и напуштање на неговите стратешки цели. Наместо директна конфронтација со Данска и европските сојузници, Трамп се префрла на модел на „притисок преку договор“, задржувајќи го фокусот врз безбедноста, ресурсите и геополитичкото натпреварување со другите светски супер сили.
На стратешко ниво, САД не се откажуваат од Гренланд – напротив, интересот е институционализиран преку НАТО
Политички, овој потег е обид за смирување на НАТО и финансиските пазари, кои реагираа негативно на реториката што доведе во прашање територијален интегритет на една членка на Алијансата. Со исклучувањето на воената опција, Трамп го намалува ризикот од најсериозниот трансатлантски раздор во последните децении, истовремено оставајќи простор да се претстави како лидер што „постигнува договори“, а не како фактор на нестабилност.
На стратешко ниво, САД не се откажуваат од Гренланд – напротив, интересот е институционализиран преку НАТО и поширока арктичка рамка. Наместо формално преземање на територијата, Вашингтон се обидува да обезбеди долгорочно воено присуство, пристап до критични минерали и инфраструктура за ракетна одбрана, со што фактички ја зголемува својата контрола без правно да го наруши данскиот суверенитет.
За Данска, ваквиот развој е делумна дипломатска победа. Копенхаген избегнува отворена конфронтација и задржува формален суверенитет над Гренланд, но истовремено се соочува со засилен американски притисок зад затворени врати. Клучниот адут на Данска останува правото на самоопределување на Гренланѓаните, кое може да стане централна точка во идните преговори.
Како би изгледал тој „врвен договор“ на Трамп?
Во поширок контекст, случајот со Гренланд ја потврдува трансформацијата на Арктикот во ново геополитичко жариште. Климатските промени, новите поморски маршрути и минералното богатство го зголемуваат интересот на големите сили, а потегот на Трамп сигнализира дека САД се подготвени да дејствуваат проактивно за да ги ограничат руското и кинеското влијание. Внатрешнополитички, Трамп добива простор да тврди дека издејствувал „врвен договор“ без да влезе во воен конфликт или во трговска војна. Тоа му овозможува да ја зачува поддршката на пазарите и сојузниците, додека пред домашната публика настапува како лидер што ги брани американските интереси со сила на преговори, а не со сила на оружје. На крајот, ова не е крај на спорот околу Гренланд, туку негово преместување од јавна конфронтација во долгорочен, тивок процес на преговори – каде што вистинските линии на моќ ќе се цртаат далеку од социјалните мрежи и јавните изјави. Аналитичарите додаваат: Само да не биде и далеку од меѓународното право! П.Р.
Ексклузивни вести: за рамковниот договор меѓу САД и Гренланд како компромисно решение од повеќе аспекти
САД би добиле контрола врз делови од Гренланд преку „суверени воени бази“
САД би можеле да воспостават контрола врз делови од Гренланд со нивно прогласување суверени американски воени бази. Ова влегува во концептот на подготовките на рамковниот нацрт-договор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како што пишува британски „Телеграф“. Договорот, кој наводно бил инициран на маргините на Светскиот економски форум во Давос, а развиван секојдневно, се смета од европските претставници како компромисно решение од повеќе аспекти. Сепак, и Трамп и Руте изјавија дека деталите сè уште не се финализирани. Според „Телеграф“, договорот би ѝ овозможил на американската влада да гради бази во Гренланд, кои би се сметале за американска територија, по моделот на британските суверени бази на Кипар. САД веќе управуваат со воздухопловна база на островот врз основа на договор од 1951 година. Според „Аксиос“, нацрт-договорот вклучува и проширување на американскиот систем за ракетна одбрана златна купола, како и можност САД да ископуваат ретки земни метали без дополнителни дозволи. Но за издвојување е дека Данска, сепак, сѐ уште официјално негира дека „постои можност за откажување од суверенитетот над Гренланд“. П.Р.
































