Овој 8 Март одекнува најболно
- Во пресрет на годинашните осмомартовски чествувања, едно од овие прашања, она за недоволната заштитата на жените, се чини одекнува најболно, затоа што доаѓа по една од најморничавите трагедии во последниот период кај нас, каде што животот го загубија триесет и едногодишна мајка и нејзината шестгодишна ќерка, вест што сите, без исклучок, нѐ потресе и нѐ освести за суровата реалност во која живееме. Оттука овој 8 Март треба да биде гласен апел за институционална превенција и навремена акција, ефективен систем на социјална заштита и за навремено реагирање на полицијата, обвинителството и на судството
И повеќе од еден век откако Клара Цеткин, заедно со Роза Луксембург, како една од главните личности на левото револуционерно крило на партијата ја поведе борбата за рамноправност и право на глас за жените и во 1911 година ја организира прославата на првиот Меѓународен ден на жената, 8 Март, многу прашања до денес остануваат отворени. Во пресрет на годинашните осмомартовски чествувања, едно од овие прашања, она за недоволната заштитата на жените, се чини одекнува најболно, затоа што доаѓа по една од најморничавите трагедии во последниот период кај нас, каде што животот го загубија триесет и едногодишна мајка и нејзината шестгодишна ќерка, вест што сите, без исклучок, нѐ потресе и нѐ освести за суровата реалност во која живееме. За таквата состојба сведочат и шокантните статистики дека само во 2025 година имало 4.745 пријави за семејно насилство и шест случаи на убиство, а за два месеца во 2026 година – веќе четири случаи на фемицид. Овие алармантни бројки укажуваат на фактот дека и денес, по децениска борба за еднаквост и правда, останува загрозено основното човеково право – правото на живот.
– Страшно е секој 8 Март да броиме нови жртви, да презентираме најнови статистики, да дебатираме за политики, да усвојуваме стратегии, посочувајќи ги истите проблеми, презентирајќи брутални статистики, предлагајќи претходно предложени, но непреземени мерки и активности. И овој 8 Март, непосредно по несфатливата смрт на Ивана и на Катја, тешко ми е да го доживеам како Ден на жената! Симболиката на празникот се изгуби во мракот на суровата, непоимлива и неприфатлива реалност – рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на пленарната седница во Собранието, „Правата и можностите на жените – достигнувања и перспективи“, која секоја година се одржува по повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март.
Да се надминат стапиците за банализирање на празникот
Оттука овој 8 Март треба да биде гласен апел за институционална превенција и навремена акција, ефективен систем на социјална заштита и за навремено реагирање на полицијата, обвинителството и на судството. Во бурната и динамична реалност како уште посилно да се соочуваме со предизвикот да се надминат стапиците за негово банализирање и да бидат оправдани суштината и смислата на неговото значење. Предизвикот на родовата рамноправност во сите сегменти на глобалниот поредок, како составен дел од основните човекови права, и понатаму треба да претставува главна поента во значењето на Меѓународниот ден на жената. И иницијативата „Кој е следен?“ ги повика граѓаните масовно да излезат на марш на 8 март во Скопје, посветен на борбата против насилството врз жените и институционалната неказнивост, упатувајќи остри критики кон институциите, оценувајќи дека системот не ги штити граѓаните и дека реакциите на надлежните доаѓаат предоцна.
Последната трагедија не е изолиран случај. Само во 2026 година веќе се изгубени четири животи како последица на родово базирано и семејно насилство. Според податоците на Еуростат за 2023 година, Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа, што е алармантен показател дека системот за заштита не функционира ефикасно, посочи Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
– Пред само еден месец предупредивме дека новата година започна со загрижувачки пораст на случаи на семејно и сексуално насилство врз жени и деца. Ова што го гледаме не се изолирани инциденти, ова е образец. Образец на недоволна превенција, задоцнети институционални реакции, слаба процена на ризикот и недоволна заштита на жртвите. Наместо системот да обезбедува навремена заштита, третман и санкционирање на сторителите, сведочиме на пропусти што ја одржуваат и продлабочуваат културата на неказнивост. Законите постојат, но нивната примена е недоследна и недоволна. Поради тоа жртвите остануваат без соодветна поддршка и заштита, додека насилниците продолжуваат неказнето да ги загрозуваат нивните животи – стои во реакцијата од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Нулта толеранција за насилството врз жените
Иако Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан што воведе посебно кривично дело фемицид со измените на Кривичниот законик од март 2023 година, судството сѐ уште не почнало да ја спроведува оваа одредба и во практиката. Фемицидот се разликува од другите форми на убиство бидејќи станува збор за родово убиство, убиство на жена само поради тоа што е жена, а основните причини се разликуваат од другите видови убиства и се поврзани со општата положба на жените во општеството, дискриминацијата врз жените, родовите улоги, нееднаквата распределба на моќта меѓу мажите и жените, вообичаените родови стереотипи, предрасуди и насилство врз жените. Сепак, тој во повеќето земји не се третира како посебно кривично дело. Според некои експерти, со вклучување на фемицидот во кривичниот закон би се признала мизогинистичката природа на овие злосторства, но исто така ќе се има пристап до поточни податоци, што на крајот може да резултира со подобра заштита за жените.
Во Македонија, евидентираните случаи на фемицид покажуваат дека повеќето од жртвите настрадале од раката на своите поранешни или сегашни партнери или сопружници, а убиствата најчесто се случиле во нивните домови. Мнозинството од фемицидите што биле испитувани биле извршени со употреба на ладно оружје, а огненото оружје е второто најзастапено оружје што било користено при убиствата. Мнозинството од сторителите биле невработени и имале психоза. Македонија презеде значителни чекори во насока на усвојување на меѓународните стандарди и донесување правни акти, чија цел е ефективно гонење за родово базирано насилство и спречување на тоа насилство, но нивното ефективно спроведување останува проблематично.
Јасно е само дека мора да има нулта толеранција за насилството врз жените, бидејќи тоа е груба повреда на човековите права и дискриминација врз жените. Иако со децении се зборува за превенција на насилството врз жените, тоа не дало плод. И покрај гласноста, постојаната едукација, покрај променетиот институционален пристап, унапредувањето на законската рамка, законската обврска за должно внимание со кое треба да се пристапува кон секој случај, спроведувањето голем број кампањи за издигање на свеста, сепак насилството врз жените и понатаму е присутно, често непријавено, неказнето, а, за жал, во изминатиот период бевме сведоци и на зголемен број фемициди и трагични настани.
Повеќе од половина жени биле жртви на партнерот или на член на
семејството
Фемицидот е најекстремна форма на родово базирано насилство и се дефинира како „убивање жени затоа што се жени“. Односно, станува збор за злосторство од омраза кон жените, кое е мотивирано од полот на жртвата.
Според Светската здравствена организација (СЗО), „повеќето случаи на фемицид се извршени од партнери или од поранешни партнери, на кои често им претходат злоупотреба, закани или заплашување, сексуално насилство или ситуации во кои жените имаат помала моќ или помалку ресурси од нивните партнери“. Фемицидите се поделени во две категории: интимен и неинтимен фемицид. Првото се однесува на убиство на женско лице од сегашен или од поранешен партнер, а второто на убиство на жена од лице со кое не биле во интимна врска.
Неинтимниот фемицид, на пример, се однесува на убиство на жени за време на оружен конфликт, „убиство заради чест“, каде што е извршено поради наводен срам нанесен на семејство од страна на жена, убиство на жени поради раса или сексуалност, фемицид извршен од други жени и убивање трансродови жени.
Нема глобални или стандардизирани податоци за фемицидот. Според глобалниот извештај за убиствата на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ) објавен во јули 2019 година, кој изнесува податоци за 2017 година, 87.000 жени низ светот намерно биле убиени таа година. Повеќе од половина од нив (50.000) биле убиени од нивниот интимен партнер или од член на семејството.
– Недостигот од податоци го крие вистинскиот обем на насилство – пишува Европскиот институт за родова еднаквост.
































