Фото: „Нова Македонија“

Проблемите во локалната самоуправа се решаваат заеднички, но интегративците инсистираат на сегрегација

  • Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и во рамките на предизборната кампања, која треба да биде фокусирана на локални проблеми, не престанува да зборува за конфликтот од 2001 година, да го велича оружјето и да ѝ дава милитаристички омаж на целата кампања, која во суштина треба да биде за локални водоводи, канализации, улици, тротоари, игралишта…
    Некои од албанските аналитичари сметаат дека милитаризмот на Ахмети, заедно со етноцентричната и националистичката реторика што ја користи, фрла сенка врз кампањата и може да ѝ даде меѓуетничка димензија, што, пак, може да ги влоши меѓуетничките односи

Во недостиг од проекти и реални решенија, но и одговорност и отчетност пред сопствените граѓани, некои од политичките субјекти ги користат предизборните кампањи за да креираат етничка поларизација во македонското општество и на тој начин да привлечат што поголем број гласови на сопственото конто.
Ваквиот пристап изминатите години се покажа како особено ефикасен за опозициската ДУИ, која благодарение токму на умешноста за етничка поларизација се одржа толку долго на власт без да оствари нешто конкретно во полза на граѓаните. Рецептот за успех секогаш беше ист, односно кога немаше да помине некое барање на интегративците, тогаш се вадеа чизмите од таваните, се објавуваа инспиративни видеа со припадници на УЧК, се сквернавеа македонските државни симболи, се вееја знамиња на големи држави и слично.
И овој пат, откако во кампањата за локалните избори ДУИ не најде начин да им објасни на граѓаните што направила за нив за време на дводецениското владеење, ја продолжува етноцентристичката и националистичка кампања што ја регистрира јавноста во државава, а за што и претходно пишуваше „Нова Македонија“.

На етничката поларизација што ја прави ДУИ се противат – сите!

Најдобра потврда дека ДУИ води ваков тип на кампања стигна од набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР, кои во преодниот извештај за првата недела од кампањата за локалните избори нотираат етничко-поларизирачки тон кај интегративците што може да создаде тензии и да доведе до влошување на меѓуетничките односи во земјата.
– Изборите се одржуваат во политичка средина што продолжува да биде поларизирана, вклучувајќи и од етнички аспект. Прашањата за националниот идентитет и застапеноста на етничките заедници доминираат во јавниот дискурс, заедно со дебатите за реформите што се потребни за напредок во процесот на интеграција во Европската Унија – се наведува во преодниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР.
И некои од албанските медиуми во земјава предупредија дека со воинствената реторика на Ахмети и иконографијата на митинзите веќе се создава атмосфера на несигурност, на страв и недоверба не само кај Македонците кон кои се упатени таквите закани туку и кај Албанците, кои повеќе не наседнуваат на етничката поларизација на која игра ДУИ.
Особено се загрижувачки дискриминаторските изјави на актуелниот лидер на интегративците околу правото на избор на етничките Македонци во општините каде што македонските Албанци се мнозинство.
– Како може да се избере градоначалник на Тетово со гласовите на друга заедница – праша Ахмети од митингот на Алијансата за интеграција (АКИ) во Боговиње, со што директно задре во уставното право на македонските граѓани, без оглед на нивната етничка припадност, да избираат и да бидат избирани.
Ахмети нагласи дека во Струга, Тетово и Чаир поддршка треба да добиваат само кандидатите од албанската заедница и дека Македонците нема што да бараат таму, повикувајќи на единство и посветеност во заштитата на албанските интереси. Тој ја нагласи уште и важноста на локалните избори како чекор кон развој и напредок на албанските заедници во Македонија.
Во таа насока македонската јавност деновиве сведочи на меѓуетничка радикална кампања од страна на ДУИ и во скопската општина Бутел, каде што под знамиња на УЧК се држат говори во кои повикуваат да не се гласа за Македонец само поради неговата етничка припадност.
– Оваа националистичка реторика нема да нѐ однесе никаде, граѓаните одбираат развој и проекти. Времето на голиот национализам одамна е заминато во историјата – реагираат граѓаните на етнонационалистичката кампања на ДУИ.

Ахмети не престанува да зборува за конфликтот од 2001 година

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и во рамките на предизборната кампања, која треба да биде фокусирана на локални проблеми, не престанува да зборува за конфликтот од 2001 година, да го велича оружјето и да ѝ дава милитаристички омаж на целата оваа кампања, која во суштина треба да биде за локални водоводи, канализации, улици, тротоари, игралишта…
Некои од албанските аналитичари сметаат дека милитаризмот на Ахмети, заедно со етноцентричната и националистичката реторика што ја користи, фрла сенка врз кампањата и може да ѝ даде меѓуетничка димензија, што, пак, може да ги влоши меѓуетничките односи. Според аналитичарите, агресивната и навредлива кампања генерирана од ДУИ може да ги повтори и меѓуалбанските инциденти од пред 15-20 години, кога имаше и убиства меѓу членови на ДПА и ДУИ.
Од она што досега можеше да се слушне во предизборната кампања, Ахмети еднаш им се обраќа на Македонците со смирувачки тонови дека Албанците не се непријатели и опасност за унитарниот карактер на Македонија, за веќе следниот ден под прозорци да им скандира „УЧК, УЧК“, сето тоа дополнето со воинствена иконографија и отворени закани.
– Трансформацијата на УЧК во ДУИ беше неминовен процес како единствена можност оние што во 2001 година со оружје ја нападнаа македонската држава, сега во скапи костуми да седнат во нејзините институции и две децении да бидат власт без никаква одговорност. Дури едно време, за да се оддалечи од тој воен багаж на минатото, особено за обвинувањата за воените злосторства, кои патем повторно Советот на Европа ги враќа на дневен ред, ДУИ реши да се трансформира во зелена партија, со надеж дека така ќе дојдат до поголем пристап до европските зелени фондови имајќи ја предвид наклонетоста на Европа кон зелената енергија. Незадоволството на гласачите, кои јасно увидоа дека со нивниот глас само ги богатат Ахмети и блиските околу него, резултираше со тоа лидерот на интегративците одново да почне да ги потсетува на неговото минато со оружје во рака и така да бара алиби заради изневерените очекувања на обичните граѓани. Сите тие 20 години фактички му беа само владеење за лична моќ и полза, гола власт, штом се повикува на имиџот на командант на УЧК, без да успее да создаде имиџ на политичар. Обично политичарите во светот сакаат да создадат имиџ на антимилитаристи, на мирољубивост и на цивилизираност и се срамат ако имаат минато на крвопролевање, но очигледно Ахмети често се гордее со снимки во униформа со засукани ракави. ДУИ излезе од УЧК, ама УЧК никогаш не излезе од ДУИ. ДУИ никогаш нема да биде граѓанска партија со демократски вредности и секогаш ќе се заканува со својата воинственост, а Ахмети токму со тоа се фали – велат аналитичарите.
Така почна и конвенцијата на Националната алијанса за интеграција – коалицијата што ја предводи ДУИ на овие локални избори, со инсерти од војната и етнонационализам, а ако денот по утрото се познава, така ќе се одвива и целата кампања. Р.Н.М.