Во услови кога премиерот Мицкоски нема партнер кај бугарската страна, бидејќи сосема е неизвесно дали Бојко Борисов ќе состави влада, сѐ појасно станува дека претседателите на двете држави ги затоплуваат односите, ја зајакнуваат меѓусебната доверба (по неодамнешната случка во Софија) и се обидуваат да создадат поволна клима за дијалог и деблокирање на македонскиот пат кон ЕУ. Во тој процес се разбиструва и поддршката од некои членки на Унијата
Претседателката на Македонија кај претседателот на Бугарија, со заемни
напори за наоѓање принципиелно меѓународноправно решение
Ова е месец кога се зборува за климатските промени на највисоко ниво во рамките на самитот на ОН, КОП 29, па затоа ќе се послужиме со речникот на метеоролозите – во Баку, Азербејџан, е разведрено, во Софија уште има темни облаци, додека во Скопје политичката клима во однос кон Бугарија е стабилизирана.
По историското „не“ на македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Берлин, кое беше искажано како национален протест и одбивање да се прифатат ЕУ-бугарските притисоци за менување на македонскиот Устав, јасно е дека дијалогот е отиден во друг правец од тој што јавно го искажува Брисел. И на сцената и зад сцената има дипломатски активности, при што Македонија и дипломатски влече потези за да добие поддршка за својата позиција. Во фокус е одложеното дејство на уставните измени.
Што се случува во Баку?
Претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, ја предводи големата македонска делегација во главниот град на Азербејџан, каде што светските лидери дебатираат, влегуваат во жолчни полемики и бараат решенија за „светот да влезе во ера на постабилна климатска иднина, за чиста енергија и за пари кој сето тоа ќе го финансира“.(!?)
Претседателката Силјановска-Давкова притоа остварува значајни билатерални средби, при што евроинтегративниот процес и како да се надмине бугарската блокада се едни од главните теми. По нејзината шармантна дипломатија и понуда за соработка што ќе има високо културно ниво, неочекувано од својот домаќин и колега Румен Радев, искусен политичар полн со дипломатски итроштини, среде Софија доби „удар под појас“ со еден крајно неумесен дипломатски трик – неистакнување на знамето на Република Македонија. Повеќе со умисла, отколку од небрежност, бугарскиот претседател демонстрираше една радикална позиција, која нашата претседателка треба да ја дерадикализира и деескалира, со аргументи што имаат голема специфична тежина, а се наоѓаат во меѓународното јавно право, а пред сѐ во т.н. перемпторно право. Нејсе, оваа приказна оди натаму.
Во духот на висока интелектуалка и во интерес на вистината за својот народ и држава, претседателката Давкова повторно е во обид и дипломатска контраофанзива. Таа во Баку направи нов исчекор, давајќи шанса за нов билатерален почеток на принципиелни разговори. Двајцата претседатели си подадоа рака во Баку. Радев, секако, имаше причина повеќе и дискретно да се извини за гореспоменатиот негов итар маневар во Софија, со право наречен скандал. Дека таа дипломатија на шармот веројатно ќе стане и доминантна црта во мандатот на Силјановска-Давкова се виде и во Азербејџан, кога таа му порача на Радев дека „вратите за посета на Македонија“ му се отворени, како тие на државата, така и на народот.
Средбата траела околу еден час, што значи била повеќе од протоколарен поздрав наменет за сликање за насловни страници, туку и во овие неколку реченици од соопштенијата се гледа дека двајцата лидери отвораат пат за натамошна многу поблиска соработка. Во Бугарија е формиран новиот собраниски состав, но сѐ уште без лидер, а ќе се водат и тешки преговори за составување нова влада. Мандаторот Бојко Борисов се обидува да направи кабинет со четири партии што тој ги избра за партнери, при што се најавува неизвесен период и веројатно секоја партија ќе треба да се откаже од голем дел од својот капитал ако се сака да се состави владата. Иако во моментов веќе наглас се зборува за нови избори, што значи дека шансите премиерите на Македонија и на Бугарија да седнат на маса за разговори остануваат во зоната на неизвесност.
Тој вакуум-простор сега има шанси активно и поефикасно да го пополнуваат Радев и Силјановска и тоа се чини нормално, ако се земе предвид и тоа дека шефицата на македонската држава посочила дека Радев е институционално „најстабилниот елемент во државата (Бугарија)“.
И Скопје и Софија со забетонирани позиции
Во рамките на самитот за климатските промени, Силјановска-Давкова остварила неколку значајни билатерални средби, како тие со претседателот на Словачка, Петер Пелегрини, и со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. Пораката што Силјановска ја упатила до своите соговорници е дека за земјата евроинтегративните процеси се многу важни, тие немаат алтернатива, но притоа се посочува дека ние очекуваме почитување на политичките критериуми, односно разговори за членство според Копенхашките критериуми. Да за членство, но притоа да се почитува македонскиот дигнитет, му рекла таа на Орбан.
Словачкиот претседател Пелегрини, пак, на средбата оценил дека македонската евроинтеграција е заложник на билатерализацијата на проширувањето на ЕУ, при што нагласил дека Словачка е силен поддржувач на проширувањето на Европската Унија и Братислава ја критикувала блокадата на македонската евроинтеграција на многу состаноци на Советот на ЕУ. Јасно е дека од Средна Европа, каде што веќе е формиран политички блок меѓу Словачка, Австрија и Унгарија, дуваат поинакви ветришта кон ЕУ, но и кон нашиот регион, и добиваме значителна поддршка за нашите процеси кон ЕУ и за нашите позиции кон Бугарија.
И додека во Софија Борисов игра своевиден „дамин гамбит“ за да скрпи влада, од Скопје Мицкоски испрати нова силна порака, која ги отсликува позициите на Владата. Во рамките на одбележувањето на 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје Мицкоски рече: „Скопје сведочи за нашата историја на солидарност, за стремежот на нашиот народ за независност и за непоколебливата решеност да се избориме за правото на самостојно постоење“.
Премиерот во таа насока додаде дека обидите за прекројување на историјата според индивидуални интереси треба да се одбијат, потенцирајќи: „Вистината е една, неделива и неприкосновена. Слободата е извојувана со наши сили, без разлика на обидите да се прекрои историјата – вистината е една, неделива. Немаше администратори, туку окупатори, и таа историска борба не беше против одредени народи или држави, туку против фашистичкиот режим, поразен од слободарските народи на Европа, меѓу кои беше и македонскиот“.
Од изјавите на Силјановска-Давкова, како и на Мицкоски, сега е сосема јасно дека Скопје ги зацементира своите позиции за „одложено уставно дејство“ и неприфаќање условени преговори, а позициите на Софија повторно беа армирани со нова собраниска резолуција за позициите во однос на Македонија.
Она што сега се прави на дипломатски план, а особено од отворениот дијалог за постигнување доверба меѓу Радев и Силјановска, се чини дека се поставуваат контурите на идните разговори. И двајцата претседатели ја затоплуваат климата. Но, доколку крахира процесот за формирање влада во Бугарија, во тој случај не се исклучува дека партиите повторно ќе ги вадат своите арсенали, а „македонското прашање“ секогаш било високо на приоритетите. Во такво сценарио и на двата шефа на државите ќе им треба дополнителен ангажман и волја да се преминат сите поставени пречки и за македонскиот пат кон Брисел и за напредок на билатералните односи.