Фото: „Нова Македонија“

Рефлексии на пораката на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен

  • Ако доследно се придржуваме до она што го кажа шефицата на ЕК, особено во оној дел во кој порачува дека „топката е кај нас“ (односно работите зависат исклучиво од нас), тогаш повеќе од јасно е дека тоа значи дека ние треба да си ја сработиме домашната работа онака како што ние мислиме. Но, се разбира, сета таа „игра со топката во својот двор“ треба да биде во согласност со стриктните (а не варијабилни) правила, критериуми и принципи што ги поставува (а не постојано да ги менува) Европската Унија… и ние како такви сме ги прифатиле, ништо повеќе, ништо помалку

Клучните пораки што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги упати по посетата на земјава беа дека топката била во нашиот двор и дека Европската Унија е подготвена за нас.
– Целосно стоиме зад С. Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Може да сметате на нас. Вашиот следен и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен, а тоа е да ги направите уставните измени. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена – напиша Фон дер Лајен на социјалната мрежа Икс, набрзо по средбата што ја имаше лице в лице со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Ако внимателно се прочита она што шефицата на ЕК го порача за земјава, ќе се констатира дека изнесе работи што не одговараат на реалноста и на кои македонските граѓани повеќе не наседнуваат.
Имено, иако тврди дека Унијата целосно стои зад земјава, вистината е дека ЕУ никогаш не застана зад Македонија на нејзиниот европски пат, туку напротив, стоеше исклучиво зад своите земји членки што го попречија овој пат со билатерални прашања што ги засегаат исклучиво нивните хегемонистички пориви.
Кога тврди дека топката е во нашиот двор, Фон дер Лајен повторно не кажува ништо што уште одамна не е познато. Имено, топката секогаш беше во нашиот двор, ние бевме тие што се боревме и одлучувавме за својата судбина, за својот идентитет, се боревме и се бориме за подобар живот, но околностите никогаш не ни дозволуваа да ја развиеме вистински својата игра. Европа секогаш ги правеше опструкциите, најпрво со одолжувањето на признавањето на државата, потоа со срамниот заклучок да го исфрлиме зборот Македонија од името, па потоа со барањето да го смениме знамето, името, сега и Уставот, услови што никој друг не би ги прифатил.

Се разбира дека топката е кај нас, така и ќе остане, но нашиот пристап секогаш бил и ќе биде фер игра според правила по кои сите играле, а не само за нас да се менуваат во текот на играта. Тие правила не треба да значат отуѓување од нашиот идентитет, јазик и историја, туку треба да мотивираат внатрешно унапредување, раст, развој и прифаќање на нацијата онака како што самата се чувствува и дефинира. Од постојано тапкање по рамото, некој ситен грант колку да продолжи да се продава европската приказна, македонските граѓани друго конкретно не гледаат од Европа. Напротив, наместо олеснување, почна дополнително да се отежнува влезот на граѓаните во ЕУ така што повторно ќе им се земаат биометриски податоци, иако пасошот го содржи сето тоа. Тоа е уште еден чин на омаловажување.
Завршните зборови на претседателката на ЕК, дека ЕУ е подготвена за нас, е само врвот на европската хипокризија.
За каква подготвеност говори Фон дер Лајен, кога кавгите внатре во ЕУ кулминираа до тој степен што Европската комисија и Европскиот парламент се во тежок конфликт и дури се и на суд! Тоа вистински говори за „подготвеноста“ на ЕУ за нас и за другите земји што сакаат да му се придружат на блокот. Дел од побогатите земји во ЕУ дури и проблемот со мигрантите сакаат да им го префрлат на другите земји само затоа што финансиски се моќни и сметаат дека можат да прават што сакаат. Тоа покажува колку всушност Европа е внатрешно гнила и нефункцонална, така што тврдењата за некаква европска подготвеност за проширување се повеќе од апсурдни и тие не кореспондираат со реалните состојби.
ЕУ во моментот не е подготвена за ништо, затоа е маргинализирана и од светските случувања, така што приказните од типот топката е кај вас и ние сме подготвени се приказни за мали деца во кои македонските граѓани не веруваат, а можеби и самата Фон дер Лајен не верува во нив, па затоа одби директно да се соочи со македонската јавност, туку она што сакаше да го каже, го кажа преку социјалните мрежи.


Европската комисија се соочува против Европскиот парламент: Судскиот спор ги изнесува на виделина внатрешните поделби во ЕУ

ЕУ се меша во туѓи работи без да расчисти во сопствениот двор

  • Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, упатува барања и пренесува препораки за време на нејзината турнеја низ Западен Балкан, додека институцијата со која таа раководи е опфатена во судски спор со Европскиот парламент, што отвора прашања за функцијата на буџетот на Европската Унија

Внатрешните расправии во Европската Унија достигнуваат кулминација со соочувањето на Европската комисија против Европскиот парламент на суд, што го доведува во прашање кредибилитетот на европскиот блок, односно на водечките функционери од Брисел предводени од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, правејќи ги спорни нивните барања кон земјите кандидати за прием во ЕУ, со оглед на нерасчистените односи и видливите поделби во самото европско семејство.
За време на тричасовното сослушување пред 14 судии во Луксембург во вторникот, Судот на правдата на ЕУ ги испита тврдењата на Парламентот дека Комисијата ги прекршила сопствените правила кога го одмрзнала финансирањето за Унгарија во декември 2023 година. Европратениците ги обвинуваат функционерите за политичко удоволување, бидејќи одлуката дојде во пресрет на клучниот самит на лидерите на ЕУ каде што блокот очајнички сакаше унгарскиот премиер Виктор Орбан да соработува за прашањето за помошта за Украина, истакнува угледниот европски медиуми „Политико“.
„Комисијата брзаше“ со одблокирање на средствата од ЕУ, врз основа на „прерана и нецелосна“ процена на почитувањето на Унгарија на стандардите за владеење на правото и независност на судството, изјави пред судот главниот адвокат на Парламентот, Ричард Кроу.
Во средиштето на конфликтот – и клучната судска пракса што судот ќе ја произведе кога ќе донесе пресуда – е колку има дискреционо право Комисијата при процената на прекршувањата на владеењето на правото. Четворица адвокати од Комисијата, поддржани на суд од адвокат од унгарската влада, силно го бранеа пристапот на ЕК, тврдејќи дека нејзината одлука се заснова на детална и објективна правна анализа.
Во деновите по одлуката, европратениците го исмеаја потегот. Тоа се случи само неколку часа пред самитот во Брисел на кој Орбан ги отфрли дотогашните приговори за разговорите за членство на Украина во ЕУ и за пакетот за помош од 50 милијарди евра за Киев. Во тоа време Каталин Чех, унгарска европратеничка што се спротивставува на политиките на Орбан, му рече на Парламентот дека Комисијата ги „продава“ вредностите на ЕУ.
Тамара Ќапета, генерална адвокатка назначена за случајот, изврши притисок врз двете страни за време на расправата и изрази скептицизам во врска со донесувањето одлуки од страна на Комисијата.
– Сè уште сум збунета од исходот – рече Ќапета, прашувајќи зошто Комисијата ја оценила судската независност како доволно обновена за да ослободи една транша од средствата, додека други 6,8 милијарди евра ги задржала замрзнати, според посебен механизам за условување, кој исто така се занимава со судската независност и владеењето на правото.
Ќапета, која ќе издаде необврзувачко правно мислење на 12 февруари в година, исто така го истражи обвинувањето на Парламентот дека Комисијата не објавила детална процена со која ќе ја оправда својата одлука. Нејзиното мислење ќе помогне во обликувањето на конечната одлука на судот, која се очекува неколку месеци подоцна.
Во средиштето на правниот спор е толкувањето на Регулативата за заеднички одредби (ЦПР) и нејзиното „условување на повелбата“, што поставува строги услови, особено судска независност, за ослободување на заедничките фондови. Адвокатите на Парламентот тврдеа дека Комисијата требало да има поширок поглед на системските недостатоци во владеењето на правото во Унгарија, а не само дали формално се исполнети однапред утврдените технички „пресвртници“.
Тие тврдеа дека Комисијата „замижала“ пред контроверзниот Закон за заштита на суверенитетот на Будимпешта, кој се дискутирал кога Комисијата ги одмрзнала средствата. Кроу исто така тврдеше дека Комисијата го игнорирала законот усвоен во 2023 година, кој се смета дека ги попречувал судиите да побараат помош од Европскиот суд за тоа како да го применат правото на ЕУ во Унгарија.
Мартенчук ги отфрли загриженостите на Парламентот во врска со Законот за заштита на суверенитетот, велејќи дека во времето на носењето на одлуката немало докази дека законот ќе ја поткопа независноста на судството. Тој ги окарактеризира другите приговори што ги отвори Парламентот како шпекулативни или ирелевантни. Адвокатот на унгарската влада Миклош Золтан Фехер ги нагласи пошироките влогови: „Овој случај отвора општи прашања што сигурно ќе имаат влијание врз идното функционирање на буџетот на ЕУ и фондовите на ЕУ“. Р.С.