- Неисправната опрема на сега веќе непостојната јапонска компанија го предизвика најголемото повлекување на автомобили во историјата на индустријата. Случајот, кој започна во САД пред повеќе од петнаесет години, сега стигна и во Европа. Одолжувањето на производителите и на властите ја објаснува оваа празнина
- Европската автомобилска индустрија втурната во скандалот „Дизелгејт“ извесно време веруваше дека е поштедена од ударниот бран на воздушните перничиња „таката“. Ниту еден производител, дури и многу престижен, не е безбеден од неочекуваната експлозија на едно од овие воздушни перничиња. Главните германски конструктори („Фолксваген“, „Ауди“, БМВ, „Мерцедес“) и јапонските марки („Хонда“, „Тојота“, „Нисан“), компонентите на сегашната групација „Стелантис“(„Цитроен“, „Фиат“ итн.), но и „Тесла“, па дури и „Ферари“, мора да продолжат, најчесто тивко, да повлекуваат некои од нивните модели
Аферата со воздушните перничиња „таката“ не е само еден од најзвучните скандали во автомобилската историја. Тоа е исто така бавен отров што, откако предизвика 28 смртни случаи и најмалку 400 повреди во САД од 2000-тите години, сега се појави во Европа во текот на изминатата година, а особено по новото масовно повлекување возила во средината на февруари, кога производителите мислеа дека повеќе нема да мора да се справуваат со последиците.
– Во однос на времетраењето, но и обемот, без разлика дали се работи за бројот на засегнатите возила или за вклучените географски области, нема еквивалент – подвлекува во париски „Ле Монд“ Никола Обин, експерт во областа на граѓанската одговорност во „Стелант“, осигурителна консултантска фирма специјализирана за управување со ризик.
Вкупно повеќе од 50 милиони автомобили се повлечени (42 милиони во САД и 8,2 милиони во Европа), додека сагата „Дизелгејт“ за наместените дизели на „Фолксваген“ доведе до 11 милиони повлекувања (вклучувајќи 8,5 милиони во Европа).
Првите знаци на дефект се појавија во САД и датираат од 2008 година кога „Хонда“ започна со повлекување на своите возила опремени со воздушни перничиња произведени од јапонскиот производител на опрема „Таката“. На НФТСА (Национална управа за безбедност на сообраќајот на патиштата), американската агенција за безбедност на патиштата, ѝ требаа шест години да алармира по серијата фатални несреќи предизвикани од неочекуваното активирање на воздушните перничиња. За „Таката“ неволјата започнува.
Европа долго време веруваше дека е поштедена
Со цел да се обезбеди распоредување заштитни перничиња, опрема што стана суштинска и за најмалото возило за само неколку години, јапонската компанија користи амониум нитрат. Овој моќен експлозивен агенс помага да се направат висококонкурентни пиротехнички уреди за распоредување, но има и недостаток на постепено деградирање кога возилото се користи во топла и влажна клима.
Многу помоќно отколку при нормална употреба, неконтролираната експлозија на воздушното перниче „таката“ насилно исфрла секакви отпадоци кон возачот и совозачот. Обвинет, „Таката“ банкротираше во 2017 година, оставајќи сметка од 1.000 милијарди јени, или повеќе од шест милијарди евра. Во САД, производителите мораа да им платат компензација на некои корисници.
Европската автомобилска индустрија, втурната во скандалот „Дизелгејт“, извесно време веруваше дека е поштедена од ударниот бран на воздушните перничиња „таката“. Секако, климата на Стариот Континент најчесто е умерена, но недоволно за да се елиминираат сите ризици. Во 2024 година, аферата „Таката“ ја достигнува Европа. Ниту еден производител, дури и многу престижен, не е безбеден од неочекуваната експлозија на едно од овие воздушни перничиња. Главните германски конструктори („Фолксваген“, „Ауди“, БМВ, „Мерцедес“) и јапонските марки („Хонда“, „Тојота“, „Нисан“), компонентите на сегашната групација „Стелантис“ („Цитроен“, „Фиат“ итн.), но и „Тесла“, па дури и „Ферари“, мора да продолжат, најчесто тивко, да повлекуваат некои од нивните модели.
Франција откри нов англицизам – „stop drive“ „стоп возење“ – за да се назначи инструкцијата дадена на возачите веднаш да одат кај нивниот застапник или да престанат да возат. Извештаите за несреќи покажуваат дека случајното активирање на воздушните перничиња доставени од „Таката“ за „цитроен ДС3“ и „Ц3“ предизвика несреќи што резултираа со најмалку дванаесет смртни случаи во Франција, вклучувајќи и единаесет во странство, каде што во јануари 2024 година, „Тојота“ и „Фолксваген“ бараат илјадници клиенти да престанат да возат. Во април 2024 година, „Цитроен“ го прави истото тоа и ја спроведува мерката за јужната половина на Франција и во Магреб „врз основа на критериумите за топлина и влажност на климата на долг рок“.
Импровизација
Предметните модели (Ц3 и ДС3) се произведени во 530.000 примероци, а повлекувањата оркестрирани од групацијата „Стелантис“ се вршат со одредена импровизација, особено поради недостиг од воздушни перничиња и резервни делови. Осум француски фабрики на производителот мора да бидат повикани да го забрзаат работењето.
Министерството за транспорт станува нестрпливо и, на 17 февруари, групацијата „Стелантис“ го прошири „стоп возењето“ во цела Европа откако забележа воздушно перниче што покажува загрижувачки знаци на модел што се движи во Лоара. Речиси 240.000 Ц3 и ДС3 произведени помеѓу 2009 и 2013 година се погодени. Во исто време, групацијата „Фолксваген“ издава идентичен депозит на повеќе од 250.000 француски клиенти на моделите на „Ауди“ и „Фолксваген“ произведени помеѓу 2006 и 2013 година.
Ако производителите, принудени да преземат одговорност за дефекти што му се припишуваат на производител што исчезнал од радарите, покажале очигледен недостиг од одговор, истата критика може да биде упатена и кон европските јавни власти.
Судска пресвртница
– Во Соединетите Американски Држави, НХТСА врши многу порестриктивна контрола над автомобилската индустрија отколку француската администрација. Оваа димензија несомнено одигра улога – сугерира Никола Обин за „Монд“. Конкретно, може да се запрашаме за недостигот од влијание на услугата за надзор на пазарот на возила и мотори (ССМВМ). Претставена како „производителски полицаец“, ова француско тело е создадено во јуни 2020 година за да ја потврди усогласеноста на возилата со европските и националните регулативи за безбедност, здравје и животна средина.
Како што повлекувањата на возилата се зголемуваат и стануваат потранспарентни, втората сезона од серијата „таката“ може да означи пресвртница во односот меѓу потрошувачите и производителите, особено во правната сфера. Адвокатот Кристоф Легуевакс за „Монд“ тврди дека собрал 2.000 жртви за да поведе голема колективна акција против „Стелантис“.
Од своја страна, здружението на потрошувачи „УФЦ-к шуазир“, преплавено од поплаки од возачи, објави дека поднесува жалба за погрешни комерцијални практики, отежната измама и намерно загрозување на животите на другите. Здружението му наредува на „Цитроен“ да им „компензира без одлагање“ на своите клиенти – прашање што останува главно табу од оваа страна на Атлантикот – и бара формирање парламентарна истражна комисија за „потрошувачите да престанат да бидат жртви на неприфатлива индустриска и институционална опуштеност“.
Според јавните власти, повеќе од 2,3 милиони возила произведени меѓу 1998 и 2019 година опремени со воздушно перниче „таката“ сè уште се во оптек на француските патишта.
Колку од овие возила се на македонските патишта
Кога ќе се направи преглед на македонскиот возен парк, кој најчесто доаѓа од половни возила увезени од Европската Унија, може да се дојде до заклучокот дека на нашите патишта сигурно има голем број автомобили што имаат неисправни воздушни перничиња. Со оглед дека нивното одржување не е во официјалните застапници на конструкторите, сигурно никој од нивните сопственици не добил известување дека нивниот автомобил е опасен. Ако се следи логиката на „Селантис“ прво да ги повика сите корисници на споменатите модели во јужниот дел на Франција да престанат да ги возат своите возила и да одат веднаш во гаража за да се поправи дефектот, на сметка на конструкторот, а потоа мерката да ја прошири и во северниот дел на Франција.
Географски Македонија може да се споредува со јужниот дел на Франција, можеби климата е помалку влажна, ама сепак има сличности во климата, што ги прави моделите на автомобили опремени со воздушни перничиња „таката“ опасни за возачите и патниците во автомобилот. Според соговорниците со кои разговаравме на оваа тема, се наметнува потреба за информирање на сопствениците на овие возила за да можат да се избегнат евентуални несреќи, ако не го направиле тоа конструкторите, треба да го направат властите.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур