- По одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја одложи новата жестока воена кампања за пет дена, за, како што самиот тој рече, „уништување на иранскиот енергетски систем“, сега Америка се наоѓа во уште посложена позиција. Дури и „петдневната пауза“ носи ризик од ескалација со глобални последици, иако берзите и цените на енергентите реагираат промпно со надолен тренд.
- Но повлекувањето на САД може да се толкува и како слабост. Тоа би имало силни негативни последици за САД, Вашингтон и за Трамп во смисла на нивната глобална и домашна релевантност, авторитет, углед, почит, па и пад на влијанието.
- Во меѓувреме, Иран успева да парира, да ја одржи рамнотежата и доволно е силен за да одврати напад, но и доволно внимателен за да избегне директен судир со непредвидлив исход. Кои се аналитичките проекции за периодот по петте наредни дена?
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја одложи заканата за, како што самиот тој рече, „уништување на иранскиот енергетски систем“ отвори повеќе прашања отколку што даде одговори.
Иако Белата куќа тврди дека паузата е резултат на „продуктивни разговори со Техеран“, иранската страна говори обратно. Таа категорично негира дека такви разговори воопшто се одржале. Но, како и да е, во реалноста, оваа петдневна пауза изгледа како обид за купување време и за Вашингтон (и за неговите сојузници во Персискиот Залив, кои се соочуваат со сериозни безбедносни закани), но од друга страна и за Иран, кому добро ќе му дојде за неговите подготовки, фортификациски зафати и воени регрупирања и мобилизација на теренот.
Вашингтон го насочи конфликтот во фаза каде што иранската енергетска инфраструктура стана главна цел
Нападите врз иранското гасно поле Јужен Парс го отворија прашањето за постоењето на т.н. енергетска војна со глобални последици. Иранските медиуми, вчера, на 24 март објавија дека израелско-американските напади биле насочени и кон два гасни објекта и еден цевковод. Се вели дека нападот бил насочен и кон гасоводот на електроцентралата „Хорамшахр“, на југозападот од земјата. Токму тоа беше пресвртна точка и за начинот на одговорот на Техеран. Имено, Иран возврати со јасна порака.
– Напад врз нашата електроенергетска мрежа ќе резултира со напади врз постројките за десалинизација во Заливот, кои се витални за опстанокот на земјите во регионот – изјави официјален Техеран.
Дополнително, Техеран се закани дека ќе го затвори и Ормускиот Теснец, клучната артерија низ која минуваат околу 20 отсто од светските резерви на нафта.
Иако подоцна делумно ја ублажи реториката, одговорот на Техеран и на воен и на политички план стана доволно сериозен за да предизвика огромна загриженост, и кај непријателите, но и глобално.
Сега, воениот судир веќе има директни глобални (економски) последици. Цените на нафтата и природниот гас нагло растат, што создава притисок врз глобалната економија и ја зголемува веројатноста за нова рецесија.
За претседателот на САД, токму ова станува и домашен и поширок светски политички проблем. Со изборите во САД, кои доаѓаат во пресрет, растечките цени на горивото во САД можат сериозно да ја нарушат неговата позиција кај гласачите. А во светот, претседателот на САД сè повеќе ги губи симпатиите со своите непредвидливи политики и неочекувани пресврти, оставајќи впечаток на несериозен и незрел политичар што дејствува спротивно од своите прокламирани идеолошки суверенистички позиции, кои треба да бидат сосема спротивни од либералните, империјалистички и милитаристички, кои беа главен белег на американските демократи.
Стари лекции, нови грешки
Историјата нуди јасни лекции. Кој ќе ги научи, ќе има предност, кој не… повторно ќе ги прави истите грешки. Да ја земеме за пример американската инвазија врз Ирак.
– Во 2003 година, кога САД го нападнаа Ирак покажаа дека воената супериорност не гарантира политички успех. Наместо стабилност, инвазијата доведе до долгогодишен хаос, појава на екстремистички групи и засилување на иранското влијание во регионот – велат познавачи на воената историја, додавајќи дека сега Иран, преку својата Револуционерна гарда и мрежата на сојузници, внимателно ги проучуваше овие слабости. Денес, Техеран се гледа дека стрпливо проучувал и применува асиметрични тактики (како на пример закани со минирање морски патишта, напади врз критична инфраструктура и долгорочно исцрпување на противникот)… велат соговорниците.
– Секако дека САД во актуелниот судир остануваат воена суперсила, тоа е недвосмислено, но конфликтот со Иран не се води по класични правила. Техеран се потпира на децентрализиран воен систем, регионални сојузници и неконвенционални стратегии. Заканата за минирање на Заливот, дури и ако не е целосно изводлива, има силен психолошки и економски ефект – велат соговорници, поранешни високи воени лица, кои внимателно го следат судирот меѓу Вашингтон и Техеран и со скептицизам го отвораат прашањето: Дали Вашингтон навистина би ризикувал со ваквата своја воена доктрина и асиметричниот одговор на Техеран да има глобален економски колапс?!
Кој е сега под поголем притисок (воен, економски, енергетски, трговски, егзистенцијален, за вода, за храна итн.)?
Ноторен факт е дека земјите од Персискиот Залив се стравотно изложени во оваа криза. Нивната економија и опстанок зависат од енергетската инфраструктура, постројките за десалинизација, па и од синџирите за достава на храна… Присуството на американски воени бази, пак, ги прави потенцијални цели на ирански напади.
Во исто време, тие (земјите од Персискиот Залив) се обидуваат да ја зајакнат својата противвоздушна одбрана, свесни дека секоја ескалација може да има катастрофални последици. Згора на тоа, комуникацискиот стил на Трамп (наизменично заканување и повлекување, поткрепа и дистанцирање од сојузниците, поддршка и прекор… итн.) создава дополнителна нестабилност и несигурност кај сојузниците на САД, вклучително и кај земјите од Персискиот Залив.
Но ако оваа Трампова стратегија може да ги држи противниците во неизвесност, таа истовремено ги збунува сојузниците (вклучително и земјите од Персискиот Залив) и ја намалува довербата во американското лидерство.
Иран, пак, ја користи оваа ситуација за дипломатска и стратешка предност, претставувајќи се како постабилен актер во конфликтот.
Суперсилата во стратешка стапица
Конфликтот меѓу САД и Иран покажува дека во современите геополитички судири, моќта не се мери само со тврда (воена) сила. Економските ризици, асиметричните тактики и регионалните динамики ја ограничуваат способноста, дури и на најсилните држави, за апсолутно да ги наметнат своите цели.
Америка сега се наоѓа во сложена позиција. Дури и „петдневната пауза“ носи ризик од ескалација со глобални последици, иако берзите и цените на енергентите реагираат промпно со надолен тренд.
Но повлекувањето на САД може да се толкува како слабост. Тоа би имало силни негативни последици за САД, Вашингтон и за Трамп во смисла на нивната глобална и домашна релевантност, авторитет, углед, почит, па и пад на влијанието.
Во меѓувреме, Иран успева да парира, да ја одржи рамнотежата и доволно е силен за да одврати напад, но и доволно внимателен за да избегне директен судир со непредвидлив исход.
Прашањето што останува е: дали оваа пауза е почеток на деескалација или само затишје пред уште поголема бура? Земајќи го предвид само карактерот на Трамп, и ништо друго дополнително, ништо не е јасно и ништо не се знае. За жал. Р.С.
Заливот го менува курсот кон Техеран
Американските сојузници во Персискиот Залив забрзано се придвижуваат кон директно вклучување во судирот со Иран. Според „Волстрит џрнал“, по серијата разорни напади врз нивните економии, арапските монархии заземаат многу поостар став против обидите на Техеран за доминација врз Ормускиот Теснец. Иако сè уште избегнуваат испраќање копнени трупи, нивните потези драстично го зголемуваат американскиот капацитет за воздушни удари и создаваат нов финансиски притисок.
Саудиска Арабија: Крај на неутралноста
Ријад веќе не стои настрана. Кралството дозволи користење на воздухопловната база „Крал Фахд“ за потребите на САД, напуштајќи го претходното ветување за неутралност. Оваа промена доаѓа како одговор на иранските напади со дронови врз саудиската енергетска инфраструктура и главниот град. Престолонаследникот Мохамед бин Салман сега се стреми кон воспоставување воена моќ за одвраќање, а упатените тврдат дека неговото директно влегување во војната е само прашање на време. Шефот на дипломатијата, Бин Фархан, порача дека нивното трпение е при крај и дека секое потценување на нивната подготвеност за одговор е грешка.
ОАЕ: Финансиска војна и воена лобистика
Емиратите почнаа да ги сечат иранските извори на приход преку затворање институции поврзани со Исламската револуционерна гарда. Како долгогодишен финансиски центар, ОАЕ сега се закануваат со замрзнување милијарди долари, што би можело целосно да го изолира Техеран од глобалниот пазар. Истовремено, Абу Даби лобира против какво било примирје што би му дозволило на Иран да ги зачува своите воени капацитети недопрени.
Како и да е, постојат индикации дека одредени напади врз Иран веќе се лансираат од Бахреин, иако официјално тоа се демантира. Од друга страна, иранските ракети веќе погодија саудиски бази, оштетувајќи американски авиони за полнење гориво. Дополнително, кај заливските земји постои оправдан страв дека Вашингтон би можел ненадејно да се повлече, оставајќи ги монархиите сами пред гневот на Техеран.
Овие чекори покажуваат дека арапските држави сè повеќе се заплеткани во офанзивата, претворајќи се од набљудувачи во активни учесници во конфликтот. С.Т.
































