Повеќе од двојно се зголеми вкупниот број на бегалци во споредба со пред една деценија и порасна на 42,7 милиони на крајот од 2024 година. На крајот од 2024 година имало 123,2 милиони присилно раселени лица, што е седум милиони луѓе повеќе отколку во 2023 година. Раселувањето речиси се удвои во последната деценија. УНХЦР проценува дека до крајот на април 2025 година глобалниот број на присилно раселени веројатно се намали за еден процент – на 122,1 милиони луѓе
ПОВОД: СВЕТСКИОТ ДЕН НА БЕГАЛЦИТЕ, 20 ЈУНИ
Светскиот ден на бегалците се организира секоја година на 20 јуни од страна на Обединетите нации (ОН). Кусиот пресек на бројките од поднасловот на текстот го утврдивме и истраживме анализирајќи многу статистики објавени или поврзани со веб-страницата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), особено бројките што се објавуваат секоја година во јуни во Извештајот за глобалните трендови, во кој ги има клучните статистики, состојбата, промените и трендовите кај насилно раселените популации на крајот од претходната календарска година. Го анализиравме и Извештајот за глобалните трендови објавен на 12 јуни 2025 година, кој ги покажува бројките од крајот на 2024 година. И во овој извештај, покрај бројките за горенаведените лица, содржани се и клучните статистички податоци за нивните главни земји домаќини и земји на потекло. Секој октомври УНХЦР објавува уште еден водечки извештај за глобалното присилно раселување, Извештајот за полугодишни трендови, со ажурирани, прелиминарни, бројки и анализи за првите шест месеци од тековната година.
На крајот од 2024 година, тринаесетта година по ред се зголемија бројките во категоријата бегалци во светот под мандат на УНХЦР. Осма година по ред се зголемија бројките во други три категории: принудно раселени лица низ светот, внатрешно (во друга област на територијата од својата земја) раселени лица, баратели на азил. Лани, иако незначително, се намали бројот на палестински бегалци под мандат на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (UNRWA). Шеста година по ред се зголеми бројот на други луѓе на кои им треба меѓународна заштита.
На крајот на 2024 година, што е најнов период на известување, 123,2 милиони луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови низ целиот свет поради прогон, конфликт, насилство, кршење на човековите права или настани што сериозно го нарушуваат јавниот ред. Повеќе од еден од секои 67 луѓе на Земјата е принуден да избега. Инаку, 39 проценти од насилно раселените лица се деца на возраст до 17 години, 54 отсто се на возраст помеѓу 18 и 59 години, а седум проценти се на возраст од 60 години и постари.
Меѓу присилно раселените имало речиси 42,7 милиони бегалци, што е намалување за еден процент во однос на претходната 2023 година, кога биле 43,4 милиони. Покрај бегалците, имало 73,5 милиони луѓе раселени (поради конфликт или насилство) во границите на нивните земји (според Центарот за следење на внатрешното раселување), за што пресметавме дека е зголемување од 92,5 отсто (со оглед на 38,2 милиони внатрешно раселени во 2014 година), и 8,4 милиони баратели на азил, за што утврдивме дека е зголемување од 367 проценти (имајќи ги предвид 1,8 милион баратели на азил во 2014 година).
Надвор од овие категории се уште 4,4 милиони лица без државјанство, на кои им е одземено државјанството и немаат пристап до основни права, како што се образование, здравствена заштита, вработување и слобода на движење.
Бројката од 123,2 милиони е зголемување од седум милиони луѓе или шест проценти во споредба со крајот на 2023 година. Иако раселувањето речиси се удвои на глобално ниво во текот на последната деценија (од околу вкупно 65 милиони луѓе што ги напуштиле своите домови во 2015 година на 123,2 милиони во 2024 година), стапката на зголемување забави во втората половина на 2024 година. УНХЦР проценува дека до крајот на април 2025 година глобалниот број на присилно раселени веројатно се намалил за еден процент – на 122,1 милиони. Дали овој тренд ќе продолжи или ќе се промени до крајот на годинава многу ќе зависи дали ќе се постигне мир или барем прекин на борбите, особено во ДР Конго, Судан и Украина, дали ситуацијата во Јужен Судан нема дополнително да се влоши, дали условите за враќање ќе се подобрат, особено во Авганистан и Сирија…
Решенијата за бегалците и внатрешно раселените лица се зголемија во текот на 2024 година, при што враќањето на бегалците е највисоко пријавено во повеќе од две децении (1,6 милион). Особено радува податокот што го утврдивме, во согласност со кој од околу 251 илјада бегалци што се вратиле во домовите во 2020 година, бројката порасна на 1,6 милион во 2025 година, за што пресметавме дека е зголемување од 540 проценти!
Сепак, во основата на овие позитивни трендови со секое решение лежат загриженостите за вродените ризици за заштита на присилно раселените лица и долгорочната одржливост на овие решенија. Во 2024 година, 92 проценти од 1,6 милион враќања на бегалци во своите земји беа само во четири земји: Авганистан, Сирија, Јужен Судан и Украина. Многу авганистански, сириски и јужносудански бегалци се вратија во неповолни услови и пристигнаа во исклучително кревки ситуации. Во Украина, иако војната влезе во својата четврта година, многу ранливи бегалци избраа да се вратат делумно поради предизвиците во пристапот до правата и услугите во земјите домаќини. Во Авганистан повратниците пристигнаа во земја зафатена од сеприсутна сиромаштија, зголемена невработеност, сериозно несоодветни јавни услуги и широко распространета несигурност во храната.
Изминатата година, исто така, се случи најголем број бегалци преселени во трети земји во повеќе од 40 години (188.800). Речиси 88.900 бегалци добија државјанство на земјата домаќин или им беше доделен постојан престој во 2024 година, што е најголем ваков број во последните десет години. Повеќе од 8,2 милиони внатрешно раселени лица, исто така, се вратија во нивната област на потекло во 2024 година, што е втор највисок број досега – по, во 2022 година, забележаните 8,3 милиони повратници од претходно внатрешно раселените лица. Но, во отсуство на мир и стабилност во нивната земја, многу внатрешно раселени лица остануваат заробени во циклуси на враќање проследени со ново раселување, а конфликтите стануваат сè подолги.
Повеќе од двојно се зголемиле бегалците под мандат на УНХЦР во споредба со пред една деценија. Од 42,7 милиони бегалци во 2024 година, 36,8 милиони се бегалци под мандат на УНХЦР. Во овие 36,8 милиони се вклучени четири милиони луѓе во ситуација слична на бегалци и 5,9 милиони други луѓе на кои им е потребна меѓународна заштита. Преостанатите 5,9 милиони се палестински бегалци под мандат на UNRWA. Исто така, повеќе од двојно се зголеми и вкупниот број бегалци во споредба со пред една деценија: од 19,5 милиони на крајот на 2014 година порасна на 42,7 милиони на крајот од 2024 година. Повеќето бегалци остануваат во близината на нивната земја на потекло, при што 67 проценти се сместени во соседните земји на крајот на 2024 година.
Сѐ уште нема стратегија за трајни решенија за бегалците
УНХЦР и пошироката хуманитарна заедница се соочуваат со намалувања на средствата, што сериозно ќе влијае на милиони луѓе низ светот. Без доволно средства, нема да има доволно помош во храна и основна поддршка за сместување на раселените лица. Услугите за заштита, вклучувајќи ги и безбедните простори за жени и девојки бегалци што се изложени на ризик од насилство, има голема веројатност да бидат прекинати. Заедниците што со години згрижувале насилно раселени лица ќе останат без поддршката што им е потребна. И, можеби најкритично, надежите за враќање или нема да се материјализираат или враќањето нема да биде достоинствено и нема да биде придружено со зголемување на соодветните услуги во земјите на потекло. Како резултат на тоа, луѓето што се враќаат можеби нема да имаат друг избор освен повторно да заминат. Поважни од кога било се ресурсите за задоволување итни хуманитарни потреби, за поддршка на земјите домаќини, за заштита на луѓето од ризиците од опасни понатамошни движења и за помош на бегалците и другите насилно раселени лица да најдат трајни решенија. Ж.З.
Сирија на крстопат
Војната во Сирија предизвика една од најголемите кризи на присилно раселување во светот. До крајот на 2024 година една четвртина од населението беше раселено, вклучувајќи 6,1 милиони сириски бегалци и баратели на азил и 7,4 милиони внатрешно раселени. Падот на владата на Асад на осми декември генерираше обновена надеж за враќање, но ситуацијата останува нестабилна, со постојан ризик од понатамошно ново раселување. До средината на мај се проценува дека повеќе од 500.000 Сиријци се вратиле во Сирија по падот на владата на Асад. Се проценува дека 1,2 милион внатрешно раселени лица се вратиле и во своите места на потекло. Според процената, до еден и пол милиони Сиријци од странство и два милиони внатрешно раселени би можеле да се вратат до крајот на годинава. Ж.З.
УНХЦР штити и/или помага вкупно 129,9 милиони луѓе
УНХЦР ја проценува и популацијата што ја штити и/или помага по земја/територија на потекло. Ова ги вклучува оние што биле присилно раселени (бегалци, баратели на азил, внатрешно раселени и други лица на кои им е потребна меѓународна заштита); тие што се вратиле дома во претходната година; оние без државјанство (од кои повеќето не се присилно раселени); и други групи на кои УНХЦР ја проширил својата заштита или обезбедил помош на хуманитарна основа. На крајот на 2024 година бројката била 129,9 милиони луѓе (УНХЦР известува дека над педесет проценти од оваа бројка, поточно 68,1 милиони, се внатрешно раселени лица погодени од конфликти), а во неа не се вклучени 5,9 милиони палестински бегалци под мандат на UNRWA. Најмногубројни, со над 10 милиони луѓе, се: Сирија (14,6), Судан (14,3), Украина (10,7), Авганистан (10,6) и ДР Конго (10,5). Ж.З.