Храната во медицината (1)

Концептот дека исхраната и разните диететски постапки можат директно да влијаат на човековото здравје и болестите, во денешно време доживува вистинска ренесанса. Познато е дека неоптималната нездрава исхрана значително го зголемува ризикот од дебелина и незаразни болести, како што се коронарната срцева болест и дијабетес тип 2, но нездравата исхрана исто така може да го зголеми ризикот и од други здравствени состојби, како што се рак, остеопороза или когнитивни нарушувања. Како што нагласуваат некои научници на универзитетите „Ровира“ и „Реус“, Шпанија, соодветниот пристап до здрава храна е важен аспект во управувањето со болестите, за кој се верува дека навистина е потребен.
Постојат многубројни податоци дека диететските интервенции можат да бидат ефектни во третманот или барем во одложување на некои заболувања, но секако за ваквите тврдења се неопходни експериментални докази. Ќе наведам некои показатели на оваа тема објавени неодамна во списанието „Нејчр медисин“, 2024 година.
Според податоците од една глобална студија за болестите во 2017 година, а врз основа на анализа на периодот 1990-2017, околу 11 милиони смртни исходи или околу 250 милиони луѓе со дизабилитет се последица од ризични фактори поврзани токму со исхраната.
Во овие ризични фактори се вклучени внесувањето многу сол, малата употреба на целосни зрна на житариците и малата употреба на овошје и зеленчук. Комисијата на „Лансет“ со непрофитниот форум EAT покажа дека исхраната со растителни протеини, незаситени масти, интегрални житарици и изобилство од овошје и зеленчук, како и ограничување на месото, рафинираните зрна и шеќерот, ја промовира благосостојбата и го намалува ризикот од развој на некои хронични болести. Медитеранската диета, која изобилува со маслиново масло и мешавина од разни зрнести плодови, покажала намален ризик од кардиоваскуларни заболувања.
Соединетите Американски Држави иницираа стратегии за водење и информирање на потрошувачите при изборот на храна, особено во географските области и социоекономските групи погодени од несигурност на храната. Експертите укажуваат на храната и насочените диети како начини за справување со болести и им нудат на пациентите лична контрола над нивните состојби. Овој концепт, познат алтернативно како „храната е лек“ или „храната како лек“, користи диететски интервенции за спречување, управување и/или лекување на специфичните клинички состојби.

Постојат голем број болести за кои промените во исхраната треба да се пропишат како третман од прва линија, според широко прифатените клинички упатства, велат стручни лица од Институтот за храна и медицина на Универзитетот „Тафтс“ во Бостон, Масачусетс, САД. Но значајната диетална интервенција многу ретко се случува во праксата. И покрај ветувањето за „храна како лек“, постојат многу празнини во доказите, при што само неколку области на терапија покажуваат подобрување на здравјето преку интервенции во исхраната во клиничките испитувања.
Диететските интервенции покажаа најдиректни придобивки за кардиоваскуларните болести и дијабетесот. Диетата ДАСХ (Dietary Approaches to Stop Hypertension) вклучува овошје, зеленчук, цели зрна на житарици и млечни производи со малку маснотии и ја елиминира храната со сол и заситени масти, како и алкохолот. Истражувачите преку метаанализа покажаа дека диетата ДАСХ значително го намалува крвниот притисок, во споредба на резултатите добиени со други диететски интервенции, како што е медитеранската исхрана, која дозволува умерени количества црвено вино и сол. Намалувањето на болестите што го забележаа истражувачите беше слично на намалувањата изнесени во студиите за фармацевтски монотерапии како што е нитрендипин (лек против крвен притисок), што сугерира дека диетата ДАСХ може да биде алтернатива на лековите за луѓе со хипертензија во раната фаза. Американското здружение за срце и Американскиот колеџ за кардиологија препорача ДАСХ да им помогне на возрасните да ги намалат холестеролот и крвниот притисок со липопротеини со ниска густина, а студиите го разгледуваат ДАСХ за превенција и управување со други кардиоваскуларни болести и срцева слабост.
Во друга студија, д-р Салас-Салвадо и неговите колеги откриле дека медитеранската исхрана (дополнета со екстра девствено маслиново масло или јаткасти плодови) ги намалува големите кардиоваскуларни настани во однос на резултатите добиени со диета со намалена маснотија кај возрасните со висок ризик. Мултицентричното ПРЕДИМЕД-испитување покажа дека овие интервенции ги намалија стапките на кардиоваскуларни проблеми и акутен миокарден инфаркт, мозочен удар и смрт, додека последователната анализа покажа пониски фактори на ризик поврзани со тромбоза, како што е покачен број на тромбоцити. Во тој контекст, ПРЕДИМЕД беше едно особено значајно испитување за интервенции во исхраната во контекст на превенција од кардиоваскуларни болести.

Промените во исхраната исто така можат да бидат од корист за луѓето со дијабетес. Во испитувањето ДиРЕЦТ, научници од Факултетот за кардиоваскуларно и метаболичко здравје во Глазгов, тестираа целосна замена на диета со ограничени калории кај повеќе од 300 луѓе со дијабетес тип 2 по отстранувањето на сите лекови. Значително повеќе пациенти на оваа диета успеале да постигнат ремисија на дијабетес во текот на 12 месеци споредено со оние што примале редовна најдобра медикаментозна терапија. Откриено е дека ремисијата била одржана на 24 месеци за повеќе од една третина од учесниците поставени на диетална интервенција. Дијабетесот тип 2 има најмногу докази дека е модифициран со диететски интервенции, бидејќи губењето на тежината може брзо да го подобри нивото на гликоза.
Наодите од студијата ДиРЕЦТ доведоа до тоа Националната здравствена служба во Англија и Шкотска сега да нуди нискокалорични диети за пациенти со дијабетес тип 2 како пат кон постигнување ремисија. Дополнително, Американскиот колеџ за медицина на животниот стил во Соединетите Американски Држави, исто така, призна дека „диетата како примарна интервенција за дијабетес тип 2 може да постигне ремисија кај многу возрасни“. Се истакнува дека намалувањето на тежината е клучно прашање за многу хронични болести, кои можат да бидат предизвикани или влошени од прекумерна маснотија. Јасно е дека се неопходни повеќе испитувања на нискокалорични и други диети, кои резултираат со пристојно губење на тежината кај многу болести.
Диететските интервенции може да бидат ефективни исто така за ендокрини нарушувања и други болести што ги погодуваат главно жените, како што се синдромот на полицистични јајници и ендометриозата. Дебелината често коегзистира со полицистични јајници, а една контролирана студија откри поврзаност помеѓу придржувањето кон медитеранската исхрана и намалената сериозност на болеста.
– Диетата, заедно со вежбањето, се смета за третман од прва линија за лица со полицистични јајници – велат научниците.

(продолжува)